/ Прочитано:

903

Младите правници го промовираа Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) го промовираше Годишниот извештај за ефикасноста на правната заштита на човековите права во Република Македонија во 2018 година.

„Објективно и транспарентно презентирање на состојбата за почитувањето и заштитата на човековите права во државата е од примарна важност за Извештајот и тимот на МЗМП. Овој документ се надоврзува на другите национални и меѓународни извештаи посветени на човековите права, но се фокусира на правната заштита. Постоењето на соодветна правна и институционална рамка, која функционира во пракса, е од примарна важност за имплементација на принципите на почитување на човековите права и владеење на правото“, беше истакнато на промоцијата на Извештајот.

Извештајот е изготвен во рамките на активностите на Македонското здружение на млади правници во насока на промоција, унапредување и заштита на човековите права во Република Македонија и се надоврзува на претходно објавените тригодишни извештаи за заштитата на човековите права.

Годишниот извештај за состојбата со човековите права во Република Македонија во 2018 година има цел објективно да ги презентира и да ги документира повредите на човековите права кои МЗМП ги идентификува во тековната година.

Првиот дел од Извештајот содржи опис на повредите на човековите права кои се забележани и документирани од страна на тимот на МЗМП; вториот дел од Извештајот анализира дали и во колкава мера уставните гаранции за заштита на човековите права се покажале како ефикасни во пракса преку студии на конкретни случаи и следење на постапувањето на надлежните органи; третиот дел од Извештајот ги презентира и ги анализира одлуките на ЕСЧП донесени во текот на 2018 година кои се однесуваат на Република Македонија. Извештајот може да се преземе на следниот линк.

М.В