/ Прочитано:

1.727

Младите правници со коментари за Законот за странци, кој стапи на сила, а ќе започне да се применува по една година

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) информира дека на 05.06.2018 стапи во сила Законот за странци, а ќе започне да се применува по една година. Законот ги уредува условите за влез, напуштање и престој на странците во Република Македонија, како и нивните права и должности. Со денот на започнување на примената на новиот закон ќе престане да важи досегашниот Закон за странците кој беше донесен во 2006 година.

„За поздравување е тоа што со Законот се предвидува можност за добивање на постојан престој на лицата кои по распадот на СФРЈ останале без државјанство, а живеат во Македонија каде што имаат оформено трајни и нераскинливи врски, со што овие лица последователно ќе бидат во можност да се стекнат со македонско државјанство. Сепак, истовремено изразуваме загриженост што во подготовката на предлог-текстот на Законот не беа вклучени сите релевантни актери, а особено претставниците на граѓанскиот сектор кои работат во оваа област, ниту пак истиот беше достапен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, спротивно на Деловникот на Владата на РМ, поради што беше исклучена можноста на заинтересираните страни да достават свои мислења и предлози“, велат младите правници.

Според Законот, странците кои до 8 септември 1991 година биле државјани на СФРЈ и имале законски престој на територијата на Сојузна Република Македонија, а по 8 септември 1991 година продолжиле да престојуваат во државата, како и нивните деца кои се на возраст над пет години, можат да се стекнат со право на постојан престој во Македонија ако поднесат барање за одобрување постојан престој во рок од три години од влегување во сила на законот.

„Цениме дека ова е позитивно решение кое во голема мера ќе обезбеди решавање на ситуацијата на голем број на лица во социјален ризик, кои во државата немаат пристап до здравствена заштита, образование, вработување и други права поради тоа што немаат државјанство на ниту една земја. Сепак, воедно сметаме дека потребно е допрецизирање на оваа нова одредба, со цел да не создаде забуни кај лицата кои треба да го регулираат престојот на овој начин и дека неопходно е да се превенира можниот ризик од преголема дискреција на службениците кои одлучуваат по барањето за престој“, истакнуваат од МЗМП.

МЗМП смета дека од голема важност е што Законот врши делумно усогласување со европското aquis, со цел хармонизација на македонското законодавство во оваа област со правото на ЕУ. Она што сепак нé загрижува е дека во дел од новите законски одредби постои недореченост и непрецизност, па дури и колизија со други одредби од Законот. Иако МЗМП достави свои коментари до Комисијата за одбрана и безбедност при Собранието на РМ (линк до коментарите на МЗМП), сепак истите не беа земени предвид поради што усвоениот Закон сé уште има слабости кои треба да се отстранат, особено во однос на регулирањето на различните видови на престој и задржувањето на странците во РМ.

„Се надеваме дека со новото законско решение за одобрување на постојан престој ќе се отвори можност да биде решен статусот на дел од лицата без државјанство во Македонија кои ги исполнуваат предвидените услови. Воедно се надеваме и дека преку сеопфатен национален дијалог во Република Македонија соодветно ќе се одговори на идентификуваните недостатоци на новодонесениот Закон“, додаваат од Здружението.

М.В