/ Прочитано:

2.119

Моделот на јавно-приватно партнерство дочекан со ракоплескање: како се маневрира помеѓу јавниот интерес и политичкиот ризик

Иницијативите за јавно-приватно партнерство имаат сè поголем одек во земјава: прво преку примерот на јавно-приватно партнерство на Град Скопје за управување со депонијата Дрисла, а потоа и преку иницијатива на извршната власт за гасификација на главниот град по пат на јавно-приватно партнерство. Соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор секогаш треба да се набљудува во поширокиот општествен контекст во кој таа се остварува. Проф. д-р Предраг Н. Цветковиќ од Правниот факултет при Универзитетот во Ниш потцртува оти потрагата по доследен приватен партнер е крајно чувствителна задача додека едновремено демне и опасноста од политички ризик за менување на „правната ситуација“ на проектот против волјата на приватниот партнер. Како се маневрира помеѓу јавниот интерес и политичкиот ризик? 

Концептот на јавно-приватно партнерство (ЈПП) стана во последниве дваесет години еден од главните инструменти на обезбедување јавна инфраструктура или на вршење дејност и услуги од јавно значење. Првпат конципирано како специфичен модел на соработка помеѓу јавниот и приватниот сектор кон крајот на седумдесеттите години од дваесеттиот век, јавно-приватното партнерство денес се применува со речиси еднаков интензитет и во високоразвиените земји и во земјите во развој. Ваквиот тренд е очигледен и кај нас, пред сè, преку скорашниот пример на Град Скопје за воспоставување ЈПП, преку кое ќе се управува со депонијата Дрисла, како и преку најсвежата иницијатива на извршната власт за гасификација на главниот град, според која се очекуваат достатна дистрибуција и непречено користење природен гас.

Областа на јавно-приватните партнерства во Македонија е регулирана со Законот за концесии и јавно-приватно партнерство објавен во Службен весник на РМ, број 6/2012, на 13 јануари 2012 година, а применлив од 15 март 2012 година. Во него, пред сè, се изнесени материјално-правните одредби со кои се уредуваат прашањата на предметот, на актерите, на обликот на партнерството, како и правилата што се однесуваат на договорот за ЈПП. Иако Законот изречно го потцртува јавниот интерес како централен предуслов за склучување ЈПП, неговите одредби се насочени кон одржување рамнотежа помеѓу јавниот и приватниот интерес, коишто неминовно се вкрстуваат еден со друг при секое склучување договор. Според законот, договорните страни, јавниот и приватниот партнер, се потполно рамноправни, но носат доста различни особености и обврски.

На едниот крај е јавниот партнер, како правно лице што го доделува договорот за јавно-приватно партнерство. Тоа може да биде Република Македонија, определена општина, Градот Скопје и општините во градот Скопје, јавните претпријатија, јавните установи, трговските друштва основани од РМ, од општината, од Градот Скопје или од општините во Градот Скопје, како и друштва врз кои државата или органите на општината, на Градот Скопје и на општините во градот Скопје, преку сопственоста, имаат посредно или непосредно влијание, како и други правни лица што според законите вршат јавни овластувања. На другата страна е приватниот партнер претставен од домашно или од странско правно или физичко лице или, пак, од конзорциум со кој јавниот партнер склучува договор за ЈПП, или кој за таа цел основа друштво за посебна намена. 

Соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор секогаш треба да се набљудува во поширокиот општествен контекст во кој таа се остварува. Овој вид здружување е одраз на политиката на јавната власт, односно на реформите што власта намерува да ги спроведе за да обезбеди што подобри јавни услуги. Според законот, ЈПП може да се воспостави во облик на концесија за јавна работа, како концесија за јавна услуга, како договор за јавна набавка на работа или во вид на договор за јавна набавка на услуга. Во подробна опсервација на моделот, проф. д-р Предраг Н. Цветковиќ од Правниот факултет при Универзитетот во Ниш истакнува оти потрагата по доследен приватен партнер, т.е. по соодветна фирма, е мошне чувствителна задача, имајќи го предвид фактот дека станува збор за актери со сосема различни цели.

„Различноста помеѓу јавниот и приватниот партнер не само што може да предизвика организациски проблеми при управувањето со проектот на ЈПП, туку може да наметне и тешкотии при утврдувањето на делокругот на надлежностите помеѓу партнерите. Вака поставените околности претполагаат дека законодавецот поставил јасни демаркациски линии помеѓу делокругот на јавниот и на приватниот партнер, со што самите би се предупредувале од евентуални спорови и од блокади во соработката. Од друга страна, стручната литература често наведува дека воспоставувањето стриктна демаркација помеѓу надлежностите претставува бариера за соработката, т.е. дека постои опасност актерите да си го препуштат управувањето или носењето одлуки според феудален принцип“, подвлекува Цветковиќ. 

Со овој неповолен чекор, всушност, се влегува во опасната зона на проектот на јавно-приватно партнерство, каде најголемата штета ја причинува политичкиот ризик. Под неговиот поим се подразбира можноста за изменување на „правната ситуација“ на проектот против волјата на приватниот партнер, а причините за тоа се најчесто од некомерцијална природа. Постојат четири видови политички ризик: ризик на експропријација, ризик на пренесување вредности, ризик на војна и на граѓански немири, како и ризик на кршење на договорот. Проектната компанија не се наоѓа во позицијата да управува со овие политичките ризици. Eден од начините за нивно амортизирање би било дел од ризикот да му се пренесе на јавниот партнер, меѓутоа, како што истакнува проф. д-р Цветковиќ, потребна е и соодветна комуникација со јавноста.

„Јавниот партнер може да трпи силен политички притисок поради фактот што јавниот ресурс, којшто најчесто е и предмет на склучениот договор, му е предаден на приватен партнер. Перцепцијата на јавноста, обично, е дека секој пропуст на приватниот партнер треба да му се припише на јавниот партнер. Оттаму, неопходно е да се обезбеди транспарентност во работата на ЈПП и да се обмислуваат механизми за поддршка на локалната заедница. Јавниот партнер самиот мора да иницира и да спроведува активности за градење и за одржување позитивна јавна слика на проектот на ЈПП. Јавниот партнер, впрочем, побрзо и поефикасно може да ги идентификува потребните активности, со оглед на своето знаење за политичките, за економските и за другите околности во кои функционира проектот на јавно-приватно партнерство“, порачува Цветковиќ.


Автор: Далибор Стајиќ Oбјавено: 11.02.2014