/ Прочитано:

1.385

„МОНСТРУМ“: Поради здравствени проблеми на судијата, изрекувањето на пресудата одложено за 30 јуни

Среда, 18 јуни 2014 – Изрекувањето на пресудата за петкратното убиство кај Смилковци е одложено за 30 јуни поради здравствени проблеми на судијата кој го води предметот.

Денеска во Основниот суд Скопје 1 беше предвидено да биде изречена пресудата за случајот „Монструм“, но истото се одложи за 30 јуни во 11 часот поради здравствени проблеми на судечкиот судија , Ивица Стефановски.

Пресудата денеска во Судот дојдоа  да ја слушнат и семејствата на жртвите. „Зошто се плашите да донесете пресуда, да се случеше ова во друга држава, друго ќе беше“, револтирано коментираа тие поради одлуката на Судот да се одложи пресудата.

Пред Судот беа собрани и  педесетина роднини на обвинетите, како  и демонстранти со транспаренти на кои пишуваше: „Владеењето на правото е еднакво на 0“, „Пред судење – прогласени за виновни“, „Гешкоска – Нострадамус“, „Е1 = ДБК“,  „Пресуда по диктат“,  „Не ја злоупотребувајте УЧК“…

Седуммината обвинети за грозоморното убиство на четирите млади момчиња од Радишани и рибарот од Црешево што се случи кај Смилковското езеро на  12.04.2012, Велики Четврток,  се товарат за тероризам и се соочени со доживотен затвор.

 Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се сомничат дека се главните егзекутори на петтемина Македонци, пресудата ќе ја дочекаат во затвор во Kосово. Двајцата беа уапсени во март лани во Приштина, по што по неколку месеци беа осудени на затворски казни од две и две и пол години затвор за недозволено поседување оружје. Во меѓувреме, Македонија официјално побара екстрадиција и неколкупати испраќаше дополнувања на барањето со конкретни докази, но на одговорот од косовските власти сѐ уште се чека.

Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Рами Сејди, Хаки Азири и Сами Љута се товарат за кривично дело – тероризам за кое им се заканува најмалку десет години до доживотна казна затвор. Според Обвинителството тие на на 12.04.2012, за време на Велигденските празници, со цел да влеат страв кај македонското население и да се загрози безбедноста на земјата, со вкупно 21 истрел од калашников и пиштол ги усмртиле на лице место петте рибари кои ги затекнале кај Смилковското езеро.

>> Повеќе за предметот можете да прочитате тука. 

(Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk)