/ Прочитано:

2.405

МОТИВАЦИСКИ НАСТАН „ИСТАКНАТ ПРАВНИК – ЧЕКОРИ ДО УСПЕХ“: Правото е хумана и света професија!

Во организација на Македонското здружение на млади правници се одржа мотивацискиот настан „Истакнат правник – чекори до успех“. Целта на настанот е поттикнување на младите правници за кариерен успех и дискусија за квалитетите кои треба да ги поседува еден успешен правник.

Настанот го отвори претседателот на МЗМП, Зоран Дранговски, кој истакна дека заложбата на МЗМП е зајакнување на професионалноста, компетентноста и интегритетот на младите правници во Македонија како релевантен фактор во обезбедувањето на квалитетот на извршувањето на правничката професија.

Говорници на настанот беа Вера Коцо, поранешна судијка на Врховниот суд на РМ, Игор Спировски, адвокат, поранешен судија на Уставниот суд на РМ,  Ставре Џиков, адвокат, поранешен јавен обвинител на РМ и Гаврил Бубевски, обвинител во Специјалното јавно обвинителство.

Судијката Вера Коцо истакна дека младите правници се значаен дел од македонската интелигенција. Младите правници, подвлече судијката, покрај посветеноста на студиите, потребно е да имаат цел.

„Вашата сила и енергија треба да бидат насочени кон остварувањето на целта.  Мора да ја градите својата личност и мора да бидете етични. Само личност со интегритет може да се справи со препреките“, истакна судијката Коцо.

Знаењето ги отвора вратите на секој успех и затоа е потребна постојана едукација преку читање на стручната литература и читање на легислативата. Но, додаде судијката, не е важно само да се има знаење, туку важно е и како да се примени тоа.

„Имајте самодоверба и бидете храбри. Говорете јавно! Не плашете се и секогаш практикувајте го правото низ призмата на заштита на човековите права бидејќи, како што вели една римска максима, најголемото право може да биде најголема неправда“, рече судијката, посочувајќи дека правото пред сè е хумана професија. Покрај вашата материјална егзистенција, секогаш како правници бидете хумани и имајте го секогаш предвид хуманиот карактер на правната професија.

Таа ги советуваше младите правници да бидат хумани и да имаат прогресивна правна свест. Ваш предизвик ќе биде, нагласи судијката, да ја зголемите  довербата на граѓаните во правната професијата и работа.

Адвокатот Игор Спировски во својот инспиративен говор даде филозофско-правен осврт на правото. Правото, рече Спировски,  се потпира на вредности кои правниците треба да ги остварат. На факултетите имаме стара школа на позитивизам и, во таа насока, како да се разделува нормата од моралот. Правото, нагласи Спировски, не е само збирка на забрани и дозволи, туку е и морална состојба. Правичноста и правдата и тоа како се важни за еден закон.

Говорејќи за своите искуства како уставен судија, Спировски подвлече дека правото е интерпретативна наука и дека на законските одредби треба да се гледа од различни перспективи. Дури и ако нема спротивно мислење, тоа треба да се измисли заради самата проверка на ставот.

„Во нашата професија треба да се чита и да се има став за функциите на правото. Никогаш не ја прифатив тезата дека, за да се биде добар правник, потребно е да се знаат техничките аспекти на одредени процеси. Напротив. Преку филозофијата почнаа да ми се отвораат некои нови видици за правото“, истакна Спировски, образложувајќи ја етичката димензија на прописите и нивната примена.

Тој ги советуваше младите правници да бидат темелни и да бидат принципиелни. Принципиелноста, додаде Спировски, го обезбедува интегритетот на правото.  Говорејќи за Европскиот суд за човековитe права, Спировски им посочи на младите правници дека е потребно да ги следат праксата и сфаќањата на Судот во Стразбур. Посебна обврска за вас  како млади правници, нагласи адвокатот, ќе биде навлегувањето во стразбуршкото право, но во правото на ЕУ како унија која дели исти стандарди и исти правни вредности.

Адвокатот Ставре Џиков говореше за своите професионални искуства како обвинител и како адвокат. Правото, нагласи адвокатот, е света професија. Страшна работа е кога владее неправдата, рече Џиков. Тој ги советуваше младите колеги да се борат за правдата, да бидат принципиелни и да ги почитуваат начелата и етичките стандарди. Бидете, додаде адвокатот, добронамерни кон колегите и користете ги советите од постарите колеги, од кои може многу да се научи. Како и другите говорници, адвокатот Џиков ја потенцираше важноста од континуираната едукација, но ги советуваше и правниците да пишуваат за правните теми и процеси.

Обвинителот Гаврил Бубевски рече дека е важно за младите правници да имаат јасна визија за себе. Тој го анализираше успехот на младите на правниците од поширок општествен контекст. За да се биде истакнат правник, треба да се поминат сите професионални фази, но потребно е и да се има и квалитетна селекција.

На мотивацискиот настан се дискутираше и за одредени реални состојби во судството, кои, како што беше подвлечено на настанот, го намалуваат чувството на мотивација, но кои сепак треба да бидат предизвик за промени.

„Доаѓаат судии кои не треба да бидат судии. Се случува од судството да излегуваат неиздржани одлуки. Судот би требало да го знае правото, но се случува и да не го знае“, беше истакнато на настанот.

Во таа насока, судијката Коцо им посочи на младите правници и на адвокатите да не престануваат со нивната борба за правда, да се жалат на неквалитетните и неправедни пресуди, но и да пишуваат за правните прашања со кои сметаат дека треба да биде запознаена стручната и пошироката јавност.

„Препреки има многу, но тоа треба да биде предизвик затоа што од младите правници се очекува да бидат носители на промените, да ги водат случаите кои носат промени во општеството и во правосудството. Борбата за подобро судството, за подобри закони, за подобра состојба со човековите права треба да биде инспирација за сите правници“, беше заклучокот од настанот.

М.В