/ Прочитано:

1.245

Мрежата за заштита од дискриминација бара од МОН да биде вклучена во ревизијата на учебниците и наставните содржини

Мрежата за заштита од дискриминација го поздравува мислењето на Народниот правобранител со кое се утврдува дискриминација по основа на род, пол, здравствена состојба, попреченост и религија во учебникот „Граѓанско образование“ за 8. одделение.

Во поднесена претставка од Мрежата за заштита од дискриминација, во врска со дискриминаторски содржини во учебникот „Граѓанско образование“ за 8. одделение, се наведува дека во учебникот, на страница 34 и 35, се учи за правата на жената и меѓу другото, се вели дека само почитуваните жени и здрави мајки може да обезбедат здрави семејства, од што зависи и понатамошниот развој на општеството. Во прилог на истата лекција има две фотографии, на едната фотографија е прикажана жена со престилка која истовремено готви и стои пред компјутер, а на другата фотографија жената седи со прекрстени нозе и списание во рака, додека пред неа маж чисти со правосмукалка.

Под фотографиите, посочуваат од Мрежата за заштита од дискриминација и од Хелсиншкиот комитет, стои прашање: „Која од овие жени се изборила за своите права?” Ваквите фотографии воопшто не се соодветни за темата која се разработува во лекцијата, ниту пак може да даде одговор на прашањето: „Која од овие жени се изборила за своите права?” бидејќи ниту една од сликите не покажува дека некоја од жените на фотографиите се изборила за своите права.

„Во понатамошниот дел од истата лекција авторите прават осврт на улогата на жената во времето кога Адам и Ева живееле во рајот, со што се фаворизира христијанската религија, наспроти сите други религии кои постојат во Република Македонија, со што се врши дискриминација врз основа на религија и верско уверување кон жените и учениците кои припаѓаат на други религии или не се религиозни. Обидувајќи се да ги објаснат женските права низ призмата на религијата, авторите велат дека ‘се смета дека жената го сторила првиот грев во рајот. Го вкусила забранетото овошје, го довела Адам во искушение и оттогаш страда’. Во првата книга ‘Постанок’ на Мојсеј, Бог ѝ вели на жената: ‘Ќе ти ги зголемам маките кога си бремена, со болки ќе раѓаш деца, ќе бидеш под власта на мажот свој и тој ќе ти биде господар’. Ваквиот обид за објаснување на женските права низ призма на една религија, со цитат во кој се наложува покорност на жената кон мажот, покрај тоа што претставува дискриминација врз основа на религија и верско убедување, поттикнува и промовира дискриминација кон жените и родови предрасуди. Дополнително, ова претставува прекршување на принципот на секуларност во образованието, бидејќи религиски текстови се претставуваат како легитимни извори на информации за женски права“, посочуваат од Мрежата за заштита од дискриминација и од Хелсиншкиот комитет.

По спроведената постапка и утврдената дискриминација, Народниот правобранител до Министерството за образование доставил препорака за начинот на остварување на констатираните повреди, која содржи конкретни напатствија за постапување на ресорното Министерство. Министерството за образование и наука ги прифати препораките на Народниот правобранител и донесе одлука за повлекување од употреба на спорниот учебник.

„Ги поздравуваме мислењето на Народниот правобранител и решението за повлекување на учебникот од употреба на министерката за образование и се надеваме дека ваквата практика ќе продолжи и во иднина, за сите учебници со дискриминаторска содржина. Воедно, бараме од Министерството за образование и наука да ја вклучи Мрежата за заштита од дискриминација во процесите на ревизија на учебниците и наставните содржини, со цел да обезбеди партиципативност во процесот и почитување на забраната на дискриминација во образованието“, истакнуваат од Мрежата за заштита од дискриминација.

М.В