/ Прочитано:

1.480

МЗМП достави три поднесоци до Советот за човекови права при ОН за Универзалниот периодичен преглед за Македонија

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) на 12 јули 2018 достави три поднесоци до Советот за човекови права при Обединетите нации во однос на Универзалниот периодичен преглед за Македонија закажан на почетокот на 2019 година. Универзалниот периодичен преглед се прави на сите земји членки на ОН, вклучувајќи ја и Македонија која досега била предмет на два периодични прегледи и тоа во 2009 година и 2014 година.

За овој циклус, темите на кои МЗМП ги достави своите мислења, ставови и препораки се следниве (во продолжение се и поднесоците):

  • Бездржавјанство, со специјален фокус на дискриминацијата и исклученоста на Ромите во Македонија (заеднички поднесок на МЗМП, Европската мрежа за бездржавјанство, Европскиот центар за правата на Ромите, Институтот за бездржавјанство и инклузија и Интернационалната група за малцински права)
  • Азил и миграции
  • Дискриминација и злоупотреба во областа на вработување и ползување на права од работен однос на младите, вклучувајќи ги тука волонтирањето и практикантската работа (заеднички поднесок на МЗМП со Националниот младински совет на Македонија и Институтот за човекови права).

Што претставува Универзалниот периодичен преглед?

Универзалниот периодичен преглед (УПР) е единствен процес кој вклучува периодичен преглед на евиденциите за човекови права на сите 193 земји членки на ОН. УПР е значајна иновација на Советот за човекови права кој се заснова врз еднаков третман за сите земји. Таа им дава можност на сите држави да прогласат какви дејства презеле за подобрување на состојбите со човековите права во своите земји и да ги надминат предизвиците за уживање на човековите права. УПР, исто така, вклучува споделување на најдобрите практики за човекови права низ целиот свет. Во моментов не постои друг механизам од ваков вид. Повеќе информации за процесот и можноста за поднесување на ставови и препораки од страна, како и за граѓанските организации може да се најдат на следниов линк: https://www.ohchr.org/EN/HRBodies/UPR/Pages/BasicFacts.aspx

Поднесоците може да ги прочитате тука: Бездржавјанство, Азил и миграции, Дискриминација.

М.В