/ Прочитано:

2.622

На иницијатива на адвокатот Глигорие Ќатоски, Уставниот суд поведе постапка за одредба од Законот за трговските друштва

На иницијатива на адвокатот Глигорие Ќатоски, Уставниот суд поведе постапка за оценување на чл. 29, ст. 2, т. 5 од Законот за трговските друштва. Членот 29 од Законот за трговските друштва, кој е оспорен од адвокатот Ќатоски, се однесува на лицата кои можат да основаат трговско друштво, односно на лицата кои не можат да основаат трговско друштво.

Во ставот 2, точката 5 од Законот за трговски друштва се пропишува дека трговско друштво не може да основаат „содружниците, управителите и членовите на органот на управување и органот на надзор на друштвата за кои согласно со членот 552-б од овој закон е започната постапка за бришење додека трае таа постапка и во период од три години од денот на објавата на бришењето на друштвото на веб страницата на Централниот регистар, освен основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50%.“

Во решението за поведување постапка за оценување на уставноста на оспорениот член се вели дека:

„Со оваа мерка се попречува слободната економска иницијатива, се спречуваат развојот и основањето нови бизниси, со што директно се ограничува деловната конкуренција.“

Оцена на Судот е и дека „со оспорената одредба исто така може да се доведе во сомнение и уставното начело на владеењето на правото и поради нејзината непропорционалност“ поради прекумерното и несразмерното нејзино санкционирање. Оспорената одредба е неуставна и во поглед на чл. 118 од Уставот во контекст на еднаквост на субјектите на пазарот на трудот.

Адвокатот Ќатоски истакнува дека со ваквата одредба сериозно се повредува правото на граѓаните за слободен пристап до пазарот и претприемништвото. Со оваа одредба, нагласува Ќатоски, директно се нарушува правото на граѓаните гарантирано и пропишано во Уставот на Република Македонија, односно се прекршува членот 55 од Уставот со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото.

„Ваквата слобода може да биде ограничена со закон само доколку се работи за одбрана на државата, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Видно од содржината на оспорената одредба може да се заклучи дека нејзиното донесување и спроведувањето во сила не е заради одбрана на државата или за зачувување на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Cо донесување на спорниот член повредена е и еднаквоста на сите субјекти на пазарот, со оглед на тоа дека со спорниот член изземени се од ваквата регулатива основачите, односно содружниците кои се меѓународни финансиски организации чија членка е Република Македонија и чие учество во основната главнина на друштвото е под 50 %“, посочува адвокатот Ќатоски во иницијативата до Уставниот суд.

При разгледувањето на оспорениот член од Законот за трговски друштва, образложува Ќатоски, го  имавме предвид членот 51 од Уставот на Република Македонија во кој се утврдува дека законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Адвокатот Глигорие Ќатоски пред Уставниот суд го оспори членот 29, став 2, точка 5 од Законот за трговските друштва

М.В