/ Прочитано:

5.568

На „Јустинијан Први“ се одржа  XXII Ораторска вечер „Иво Пухан“

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, под покровителство на „Еуролинк осигурување“, се одржа манифестацијата Ораторска вечер „Иво Пухан“. Во финалето  настапија десет говорници, кои го изразија својот став на слободно избрани теми.

За победник беше прогласен апсолвентот на правни студии Нинослав Нанков кој учествуваше со говорот на тема „Црни тоги“ – текст со критичка содржина за актуелните состојби во македонското правосудство. Второто место Стефан Солев, студент на Економскиот факултет,  со говорот на тема „Сонце на залез, пиреј во мраз“, додека третото место го делеа студентките на Правниот факултет Моника Пеичева со говорот на тема „Жени лидери“ и Етина Ливарека со говорот на тема „Жед за знаење, љубов и мир“. Наградата за најдобра интерпретација „Бранко Ѓорчев“ ја освои Моника Пеичева.

По објавениот повик за пријавување, кој беше отворен за сите студенти на УКИМ, се пријавија 32 кандидати, од кои 19 учествуваа во полуфиналето. Десет полуфиналисти беа избрани за учество од страна на жири комисијата за уечство во финалето.

Секој пријавен кандидат работеше со свој ментор, а како ментори учество зедоа: проф. д-р Гордана Силјановска- Давковка, проф. д-р Владо Бучковски, проф. д-р Татјана Петрушевска, проф. д-р Александра Максимовска-Стојкова, проф. д-р Гоце Наумовски, доц. д-р Есин Кранли-Бајрам како и асс. м-р Тимчо Муцунски. Сите финалисти работеа на своите говорнички вештини заедно со актерот Дејан Лилиќ.

„Нема слобода ако судската власт е зависна од извршната и законодавната власт“, истакна Нинослав Нанков во својот победнички говор.

На Ораторската вечер одличен настап и одлични говори имаа и другите говорници, кои се осврнаа на повеќе актуелни општествени, политички, правни и економски прашања. Учесниците на Ораторската вечер настапија со следните теми:

– „До кога ќе си ги купувате дипломите?“,  праша  Филип Дракалски во својот говор;

Драгана Бојковска аргументираше за рамниот данок;

Стефан Солев се претстави со говор на тема „Сонце на залез, пиреј во мраз“;

– „Конформисти, удобно ви е?“,  праша Марио Јанески во својот говор;

– За „Атлантски интеграции“  говореше Никола Крстевски;

– „Како да ја смениме сегашната приказна“,  беше темата на говорот на Маријана Китаноска;

Сара Нешкоска говореше  против митото, корупцијата, непотизмот и клиентелизмот;

– „Ова е ера на жените“ беше говорот  Моника Пеичева;

– За знаењето, љубовта и мирот говореше Етина Ливарека;

Традиционалните ораторски вечери на Правниот факултет „Јустинијан Први“ го носат името на професорот по римско право д-р Иво Пухан, втемелувачот на Катедрата за правно-историски науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“.

М. В.