/Прочитано:

49

На отворениот ден во Царинската управа се дискутираше за новите царински прописи

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски, во Царинска управа на Република Македонија одржа средба – отворен ден со учесниците во царинската постапка (увозници, извозници, застапници, шпедитери, производители и транспортери).

На средбата, на која присуствуваа голем број претставници на економски оператори, се обрати директорот на Царинската управа, кој во своето обраќање ги истакна постигнатите резултати во изминатата година и ги запозна присутните со новините во царинското работење кои ќе почнат да се применуваат од јануари 2019 година, како што се новиот електронски систем за обработка на царински и акцизни документи, овластениот економски оператор и новите царински прописи.

Притоа, Танаскоски  ја истакна важноста на ваквите настани и посочи дека соработката со деловната заедница е клучен фактор за градење на доверба, за промовирање на доброто владеење и забрзувањето и поедноставувањето на царинските постапки. За време на средбата, присутните претставници на економските оператори имаа можност да ги истакнат предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење, а дадоа и предлози како заедно најповолно да создадат конкурентен економски амбиент.

Средби од ваков вид ќе продолжат да се одржуваат во иднина и Царинската управа ќе остане посветена на својот пат за подобрување на деловното опкружување и создавање еднакви можности за економски раст и развој на сите учесници во економските процеси.

М.В