/ Прочитано:

2.081

Надлежностите на адвокатите во новиот Закон за извршување

Новиот Закон за извршување ќе стапи во примена на 20 август оваа година. Со овој закон се уредуваат правилата според кои постапуваат извршителите заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Во новиот Закон за извршување се пропишуваат и одредби што се однесуваат на адвокатите.

slika

Во делот на поднесување на барањето за извршување, регулирано во членот 28, се пропишува дека доверителот го поднесува барањето за извршување на извршната исправа до извршителот, во писмена форма со приложување на извршната исправа во оригинал.

Барањето за извршување на извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10 000 eвра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога доверител при извршувањето е Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Во делот што се однесува на приговорот за незаконитости при извршувањето, регулиран во членот 86 од Законот за извршување, се вели дека странката, учесникот или трето лице, коешто смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито или, пак, пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје се спроведува извршувањето или, пак, дел од него.

Приговорот на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10 000 евра задолжително го составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога како странки во извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице. Решение по приговорот донесува Судот, без оглед на тоа дали спротивната странка навремено дала одговор по приговорот или, пак, изјавила дека не го оспорува.

Против ова решение, како што се пропишува во членот 87, во однос на жалбата против решението по приговор, странката, учесникот или третото лице и извршителот имаат право да поднесат жалба до Апелациониот суд на чие подрачје се наоѓа основниот суд.

Жалбата против решението донесено по приговор на извршно дејствие во предметите по извршната исправа чија вредност на главното побарување е над 10 000 евра задолжително ја составува адвокат и содржи адвокатски печат и потпис, освен во случаите кога жалбата ја поднесува извршителот кој преземал извршни дејствија или кога како странки при извршувањето се јавуваат Република Македонија, банка, штедилница, финансиско друштво, давател на финансиски лизинг или друштво за осигурување како правно лице.

Во Законот за извршување се пропишува и дека во рангирањето на кандидатите за извршители, доколку имаат ист број на освоени поени, предност ќе има оној кандидат со подолг работен стаж стекнат кај извршител, нотар, адвокат, во правосудни органи и во органи на државната управа од областа на правосудство и финансии.

Исто така, извршителот не смее да врши јавни функции или раководни, надзорни и управни функции во: трговски друштва, државни заводи и фондови, политички партии, служби за наплата, трговски дејности, посреднички, нотарски и адвокатски работи, а доколку врши јавни функции или раководни, надзорни и управни функции во трговски друштва, политички партии, државни заводи и фондови, служби за наплата, нотарски и адвокатски работи, и служба во верска заедница или религиозна група, привремено или трајно ќе му се одземе правото за вршење на должноста извршител.

М.В