/ Прочитано:

10.038

Најмногу пријави за психичко насилство

Лани во Македонија најмногу пријави имало за психичко насилство, покажуваат податоците на Кризниот центар „Надеж“ во чии рамки функционира СОС-линија за помош на жртвите на семејно насилство.

Во изминатите три години, на годишно ниво, на СОС-линијата 15-315  насилство пријавиле 1000 лица, додека, пак, минатата година половината од лицата пријавиле психичко насилство, 22 лица пријавиле физичко насилство, 23 пријавиле економско насилство и 24 проценти сексуално насилство. Повеќето од случаите биле пријавени од самите жртви на насилство. Најголемиот дел од жртвите се жени – 94 проценти, а 4 проценти се мажи.

Во Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и домашното насилство, насилството врз жените се разбира како кршење на човековите права и форма на дискриминација врз жените и ги означува сите акти на родово засновано насилство кои доведуваат или веројатно ќе доведат до физичка, сексуална, психичка или економска повреда или страдање на жените, вклучувајќи и закани за такви акти, изнуда или произволно лишување од слобода, без оглед дали се случуваат во јавниот или приватниот живот.

Во Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, под семејно насилство се подразбира малтретирање, навредување, загрозување на сигурноста, телесно повредување, полово или друго психолошко, физичко или економско насилство со кое се предизвикува чувство на несигурност, загрозување или страв, вклучувајќи и закани за такви дејствија, спрема брачен другар, родителите или децата или други лица кои живеат во брачна или вонбрачна заедница или заедничко домаќинство, како и спрема сегашен или поранешен брачен другар, вонбрачен партнер или лица кои имаат заедничко дете или се наоѓаат во блиски лични односи, без оглед дали сторителот го дели или го делел истото живеалиште со жртвата или не.

Исто така, во Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство се дефинира дека психичкото насилство е секое дејствие кое предизвикува чувство на страв, загрозеност, вознемиреност или повреда на достоинството и интегритетот на жртвата.

Податоците од Кризниот центар „Надеж“ говорат дека поголемиот број од жртвите кои пријавиле насилство (25 проценти) се на возраст од 40 до 50 години, 22 проценти се на возраст од 29 до 39 години и по 12 проценти се лица на возраст до 29 години и лица меѓу 50 и 60 години.

Од жртвите што пријавиле насилство, 44 проценти се со завршено средно образование, 38 проценти не сакале да кажат за степенот на образование, 13 проценти биле со високо образование и 1 процент со магистратура. Најголем број од жртвите или 56 проценти биле во брак.

„Во нашиот центар, жртвите што пријавуваат насилство може да добијат психосоцијална помош, охрабрување, советување. Се водат и едукативни сесии со жртвите кои имаат за цел поддршка и јакнење на жената во придонесувањето на одлуките за иднината“, вели Верка Угриновска од Кризниот центар  „Надеж“.

М.В