/ Прочитано:

4.604

Намалениот праг за ДДВ обврзници го нарушува принципот на правната сигурност и воведува ретроактивност, предупредува стручната јавност

Денеска во ЕУ-инфоцентарот во Скопје се одржа трибина „ДДВ за физички лица – за и против“, организирана од Центарот за даночна политика и Асоцијацијата на економски истражувачи.

Дали е оправдано и физичките лица што вршат стопанска дејност да бидат обврзници за плаќање на ДДВ, дали ова претставува двојно оданочување и зошто со измените на даночната регулатива беше намален прагот за регистрација од 2.000.000 на 1.000.000 денари, беа централните прашања на денешниот настан.

„Намалениот праг за даночни обврзници го нарушува принципот на правна сигурност, воведува ретроактивност која е забранета со Уставот, како највисок државно-правен акт и претставува дополнително оптоварување и трошок за граѓаните. Граѓаните треба да плаќаат и ДДВ доколку остваруваат стопанска дејност, но намалувањето на прагот за станување на даночен обврзник само ќе ги зголеми нивните трошоци, а нема да ги подобри приходите во државата“, беше истакнато на денешната трибина.

М-р Трајан Николовски, поранешен ракoводител на Секторот за даноци во Министерството за финансии, на денешниот настан оцени дека прилично е лошо кога се избира низок праг за даночни обврзници. Со тоа, образложи Николоски,  се создава обврска за малите даночни обврзници кои ќе треба да се регистрираат и дополнително да ги обработуваат податоците, да пополнуваат пријави, па и да плаќаат даночни советници. Тоа ќе биде малтретирање и огромно оптоварување на малите обврзници.

Треба да се има предвид, нагласи Николоски, дека е многу мал делот на приходи коишто се создаваат од малите даночни обврзници од аспект на трошоците, додека, пак, трошоците на даночните обврзници се големи. Поради желбата да се создадат дополнителни приходи, оцени Николски, се намали даночниот праг.

Кога се сака да се создаде поголем даночен приход во вид на данок, истакна Николоски, обично се намалува прагот, но мора да се води сметка тоа да биде умерено. Да бидат опфатени оние што фактички придонесуваат со даночни приходи, а не оние што ги оптоваруваат даночните обврзници со административни обврски, а од друга страна, создаваат мали даночни приходи.

Според Николоски, граѓанинот врши самостојна дејност кога самиот одлучува и решава како ќе оствари некоја обврска, кого ќе ангажира и самиот определува рок во кој ќе ја изврши и по која цена.  Тогаш може да се каже дека врши самостојна дејност, но кога за одредена работа е ангажиран под услови кои ги дава нарачателот, тогаш тој има функција на вработен, а не на самостоен вршител на дејност.

Во своето излагање, Николски упати и критика за донесувањето на судски пресуди за одредени даночни предмети и прашања, кои, како што подвлече, се зачудувачки поради очигледното неразбирање на даночната норматива.

„За жал, немаме специјализирани судови. Порано имаше стопански судови. Овие судови одлично ја разбираа нормативата. Сега кога ќе видам некоја пресуда, се крстам“, посочи Николоски.

Д-р Александра Максимовска, професорка по даночно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, предупреди дека со последната даночна измена се воведува правна несигурност, со што се нарушува еден од најзначајните принципи на правниот систем, но и се воведува ретроактивност, која е забранета во член 52 од Уставот на Република Македонија.

За професорката е неоспорно дека измените на даночната регулатива, во однос на прашањето за данокот на додадена вредност, ќе се одразат и врз оценките од ЕУ, во однос на хармонизацијата на домашното законодавство.

„Со оваа измена, отстапуваме од шестата ДДВ директива според која се правени сите други ДДВ закони и на членките на ЕУ и на аспирантите за членство во ЕУ, бидејќи се мешаат поимите на приход и на промет“, нагласи Максимовска.

Според професорката, намалувањето на прагот на 1 милион денари e да се подведат во системот на ДДВ помалите фирми, трговци и занаетчии кои реализираат одредена стопанска дејност. Кај авторските правa и закупнините, смета професорката, УЈП врши двојно оданочување и токму тоа е во судир со шестата директива на Европската комисија.

Професорката Максимовска потенцираше дека нејзиниот став како професор на Правниот факултет и како професор по даночно право е дека секогаш граѓаните се тие што најмногу треба да бидат заштитени, особено преку доследното почитување на начелото на правната сигурност, кое има суштинско значење во даночното право.

Како професор по право, подвлече Максимовска, јас секогаш се заложувам за правата на граѓаните и за правната сигурност.  Во таа насока, граѓаните, како што рече професорката, треба да знаат кога и како ќе им бидат оданочени нивните приходи, а не да им се наметнува ново оданочување без тие да бидат запознаени со тоа.

„Затоа се потребни поголеми кампањи за запознавање на граѓаните, бидејќи УЈП секогаш може да се повика на тоа дека граѓаните биле должни да знаат. Никому не можете да му се пожалите во Управата за јавни приходи дека не сте знаеле за обврската. Таму нема да ве ослободат од даночна одговорност ако речете дека не сте запознаени со обврската да бидете регистрирани и дека се случило менување на правото. Затоа сето ова требаше да биде етапно, а не преку наметнување на нова обврска и воведување на ретроактивност. Неопходни се и поголема транспарентност и кампања за поголемо информирање на граѓаните“, истакна Максимовска, нагласувајќи ја и можноста од даночна евазија.

„Може да се случи даночна евазија, но и страв кај населението дека истата ретроактивност може да се случи и со другите нивни приходи. Од тие причини, ова ќе треба добро да се преобмисли, со што ќе се престане и со ширењето страв кај граѓаните и нивните дилеми дали се или не се ДДВ даночни обврзници“, истакна Максимовска.

Д-р Рефика Муриќ од Агенцијата за сметководствен, даночен и бизнис консалтинг „Про агенс“, истакна дека се неопходни законски измени што ќе бидат во насока на европската легислатива. Измените, подвлече Муриќ, треба особено да се направат во однос на член 9 од Законот за данокот на додадена вредност, кој се однесува на поимното определување на даночните обврзници, стопанската и самостојната дејност. Хрватскиот закон, на пример, точно утврдува кој и под кои услови подлежи на обврската, а кој не, бидејќи таксативно се посочени дејностите и условите.

Според даночниот експерт Славко Лазовски, ниту е лесно, ниту е едноставно да се даде одговор со кој ќе се согласат сите, секогаш ќе има некој што ќе мудрува на свој начин. Одговорот на овие прашања мора да тргнува од суштината и карактерот на данокот на додадена вредност…Граѓаните – обврзници на ДДВ.

М.В