/ Прочитано:

1.252

Нападот врз адвокат е напад врз правосудството: Српските адвокати протестираат поради убиството на нивниот колега

Управниот одбор на Адвокатската комора на Србија донесе одлука за еднонеделен прекин на работата на српските адвокати во знак на протест за убиството на нивниот колега Драгослав Миша Огњановиќ.

Со овој протест, велат од Адвокатската комора на Србија, упатуваме порака до јавноста за ризикот во кој се наоѓаат адвокатите во Србија, со кој секојдневно се соочуваат вршејќи ја својата професионална должност, чија цел е заштита на човековите права и слободи и функционирање на правдата.

„Исто така, со овој протест се бара од надлежните органи без одлагање да ги стават во функција сите расположливи ресурси за да биде расчистено ова злосторство, а неговите извршители да бидат доведени пред лицето на правдата“, истакнуваат од Комората.

Во соопштението на Адвокатска комора на Србија се образложува дека протестот ќе се изрази преку целосен прекин на работата, што значи дека адвокатите нема да примаат ниту итни притворски предмети. На овој начин, нагласуваат од Комората,  сакаме да испратиме јасна порака за единството во професијата и за цврстата решеност дека адвокатурата нема да се помири со вакви случаи.

Претседателот на Комората, Виктор Гостиљац, изјави дека по повод убиството на Огњановиќ бара итна средба со министрите за правда и за внатрешни работи, како и формирање истражен тим за брзо пронаоѓање на сторителите, во кој би биле вклучени претставници на Јавното обвинителство, полицијата и адвокатите.

„Со тоа ќе му се испрати јасна порака на секој што ќе мисли дека може да убие адвокат и да мине неказнето“, нагласува првиот човек на Адвокатска комора на Србија, додавајќи дека овој случај и други претходни случаи укажуваат на сериозноста на проблемот за кој мора да се крене гласот.

Адвокатот Југослав Тинто, претседател на Белградската комора на адвокатите, вели дека адвокатите и во минатото укажувале на ризикот од ваквите случаи и дека не прифаќаат дека е можно да се убие адвокат и да се помине неказнето.

За убиството на адвокатот Драгослав Миша Огњановиќ реагираат и од Здружението на судии на Србија. Адвокатската професија, истакнуваат од Здружението, е дел од правосудниот систем и нападот на адвокат значи и напад  врз правосудството.

Педесет и седумгодишниот Огњановиќ беше застрелан пред влезот на зградата во која живееше во Нов Белград. При нападот беше ранет и неговиот 26-годишен син. Огњановиќ им беше адвокат на водачот на „Земунскиот клан“, Лука Бојовиќ, на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ пред Хашкиот трибунал, како и на неговата сопруга Мира Марковиќ.

М.В