/ Прочитано:

1.915

НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ: Немаше протест во затворите, но затворениците ни го пренесоа своето незадоволство

Директорот на затворот „Идризово“, Живко Пејковски вели дека заедно со претставниците од канцеларијата на Народниот правобранител направил обиколка во сите одделенија во затворот, при што било констатирано дека затворениците не протестираат.

Иџет Мемети, Народен правобранител

„Нема протест во затворот ‘Идризово’“ – потврди за Академик.мк директорот на КПД „Идризово“, Живко Пејковски.

Пејковски вели дека заедно со претставниците од канцеларијата на Народниот правобранител направил обиколка во сите одделенија во затворот, при што било констатирано дека затворениците не протестираат.

„Нема протест ниту друг вид на изразување на незадоволство од страна на осудените лица. За жал, дел од медиумите непотребно направија вест од ова“, вели Пејковски.

Од канцеларијата на Народниот правобранител информираат дека нивни тимови посетиле 11 установи, осум затвори и 3 воспитно-поправни установи. До овој момент тимовите од терен, кои беа во посета на затворите, потврдуваат дека во затворите во Струмица, Битола, Струга, Охрид, Тетово, Куманово и во женското одделение во затворот „Идризово“ немало протест на затворениците. Тие редовно ги земаат оброците и не е забележан штрајк со глад.

„Протест нема, но затворениците им се пожалиле на претставниците на Народниот правобранител дека немаат еднаков третман како сите лица и дека се чувствуваат дискриминирани поради тоа што не се прифатени нивните барања за помилување“, велат од канцеларијата на Народниот правобранител и додаваат дека на затворениците им бил објаснет начинот на којшто можат да го остварат своето право на протест.

Од Управата за извршување на санкции, попладнево излегоа со соопштение, дека затворениците, ниту најавиле, ниту подготвувале протест.

„Управата за извршување на санкциите ве известува дека осудените лица кои се наоѓаат на издржување на казна затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија, се до овој момент немаат доставено официјално известување за протест, ниту пак имаме добиено информација за отпочнат протест од страна на осудените лица во било која казнено-поправна установа“, се вели во соопштението.

Адвокатот Звонко Давидовиќ денеска пред затворот „Идризово“ изјави дека барањата на затворениците се легитимни и дека се надева оти тие ќе бидат исполнети.

„Затворениците не бараат преку леб погача. Законот за помилување дозволува намалување на казната до 30 отсто, а на осудениците што се осудени на доживотен затвор казната може да им се намали до дваесет години“, изјави Давидовиќ, кој додаде дека се надева оти претседателот Иванов ќе одговори позитивно на барањата на затворениците кои беа поттикнати откако тој ја донесе одлуката за колективна политичка аболиција.

Близу 2 000 затвореници од машкото и од женското одделение на КПД „Идризово“, како и од штипскиот затвор, доставија потпишани списоци и заедничко барање до адвокатите Давидовиќ и Душко Јанковиќ, со кое бараат помилување од Претседателот на државата. Затворениците бараат казните да им бидат намалени за 30 отсто, а осудените на доживотен затвор да добијат казна од 15 години.

М. С.