/ Прочитано:

1.338

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Сè уште сме далеку од општество еднакво за сите

Народниот правобранител денеска го презентираше Годишниот извештај за 2017 година, за кој истакна дека е приказ на состојбата во општеството во поглед на степенот на почитувањето и остварувањето на човековите слободи и права, но и за тоа во која мера институциите во своето работење правилно и доследно ги применуваа законите и другите прописи со кои им се гарантираат правата на граѓаните во различни сфери на општественото живеење.

Истовремено, Извештајот дава насоки како треба да се зајакне контролата над работата на администрацијата, но и кои законски измени треба да се направат со цел функционирање на правната држава за сите граѓани еднакво.

„Она што несомнено остави впечаток во извештајната година, секако, се настаните со насилството во Парламентот, кога се потврди непрофесионалноста на полицијата – состојба на која години наназад укажува Народниот правобранител. Непрофесионалност на полицијата се потврди и во случаите со приведувањето на тројцата пратеници, кои со лисици беа спроведени до судот, без притоа да се почитува нивниот имунитет“, вели народниот правобранител Иџет Мемети.

Најавените реформи кои се прават во оваа област треба да одат токму во оваа насока – создавање на професионална полициска служба, која ќе биде имуна на секакви влијанија. Голем број претставки сè уште се однесуваат на работата на извршителите, што укажува на тоа дека во овој сегмент нема никакво подобрување, иако станува збор за ситуации во кои граѓаните буквално се оставаат без основни средства за егзистенција.

Неажурноста на управното судство, посочува народниот правобранител, и натаму е на товар на граѓаните кои со години чекаат остварување на нивните права од социјалната и здравствената заштита, денационализацијата, даноците и слично. Особено загрижува тоа што судовите трошат повеќе време на комплетирањето на предметите отколку на нивно решавање.

Управата за јавни приходи продолжи со своето волунтаристичко постапување во посебните даночни постапки за испитување на имотот и имотната состојба, односно утврдување на приходи на кои не е утврден или не е доволно утврден данок – потег кој апсолутно е недозволен за држава во која владеењето на правото е на прво место.

Од минатогодишната работа произлегуваат неколку исклучително важни констатации:селективната правда е се поприсутна, партизираната и непрофесионална јавна админситрација на централно, а особено на локално ниво е сериозна пречка во остварување на правата на граѓаните, популистичките и неприменливите правни прописи дополнително го отежнуваат остварувањето на правата на граѓаните, лошиот систем на извршување особено го погодува најсиромашниот слој граѓани, социјалната заштита останува систем со кој не се надминува социјалниот ризик, имаме појава на дискриминација по сите основи, неефикасно судство и обвинителство, но и полиција која со примена на сила ги надминува своите овластувања, останувајќи неказнета

Отсуството на реални реформи во затворскиот систем и лошото менаџирање се само дел од констатациите за овој сегмент, каде што посебно загрижува тоа што со години постои нефункционален и неефикасен систем на здравствена заштита и систем на ресоцијализација, кој наместо да ги дава предвидените резултати создава повратници и кој од осудениците малолетници прави криминалци.

Наведените констатации треба да ги алармираат сите надлежни органи и институции со крајна сериозност да пристапат кон реформирање на овој систем, сè со цел сметката за ваквите состојби да не бидат изгубени човечки животи. Социјалната помош за многу граѓани остана недостапна поради недореченостите во законот, а лицата со посебни потреби и натаму се на маргините на општеството, иако станува збор за ранлива категорија на граѓани и лица во социјален ризик на кои државата треба да им посвети посебно внимание. Токму поради тоа што станува збор за многу чувствително прашање потребни се суштински реформи со кои ќе им се овозможи достоинствен живот и на овие категории граѓани, како и реални услови за остварување на гарантираните права. Посебно загрижуваат зголемениот број на граѓаните кои бараат заштита од дискриминација, и тоа по сите основи, мобингот, но и содржината на учебниците во однос на ранливите и маргинализираните групи, што упатува на заклучок дека сè уште сме далеку од општество кое е еднакво за сите.

Тоа значи, образложува народниот правобранител, дека мора многу посериозно да се работи на зајакнување на законската регулатива за заштита од дискриминација, препознавање на дискриминацијата од надлежните, но и санкционирање на таквото постапување, од причина што никој не треба да се чувствува отфрлено. Како и секогаш, заштитата и остварувањето на правата на детето, како и обезбедувањето на неговиот најдобар интерес и натаму беа во фокусот на Народниот правобранител, но и во оваа област нема напредок.

Сè уште нема ефикасно решение за децата без документи кои се правно невидливи, детските (малолетничките) бракови премолчено се дозволуваат, а за децата кои злоупотребуваат дроги и други психотропни супстанции државата нема протоколи за лекување, ниту место за нивен соодветен третман.

Проблемите на граѓаните зачленети во Вториот пензиски столб остана во фокусот на Народниот правобранител затоа што стануваше збор за едно од правата на граѓаните со кои се обезбедува правична и достоинствена пензија. Нема подобрување ниту кога станува збор за остварувањето на избирачкото право, што се потврди и во текот на локалните избори, на кои повторно се покажа слабиот капацитет на Државната изборна комисија, пред сè, во поглед на ажурирањето на Избирачкиот список, но и во обезбедувањето на реални можности секој граѓанин да го оствари правото на глас. За жал, и во овој извештаен период граѓаните се соочија со проблеми при наплатата на радиодифузната такса, сметките за вода, во работните и имотноправните односи, урбанизмот и градбата.

„Националниот превентивен механизам (НПМ) продолжи да ја следи состојбата со бегалците, барателите на азил, како и во местата на лишување од слобода. Бегалската криза изгуби на интензитет, но сепак не изостанаа посетите на Транзитните центри, како и на Центарот за странци и на оној за баратели на азил, со цел превенција од евентуални прекршувања на правата на овие лица. Посебниот извештај на НПМ за состојбите во Казнено-поправниот дом ‘Идризово’ ги исфрли на површина сите девијантни појави во затворите – од нехуманите услови за сместување, третманот, па сè до високиот степен на корупција, како и лесниот пристап до дрогата“, истакнува народниот правобранител.

„2017 беше година на јубилеј и на крупни промени за институцијата Народен правобранител. Се одбележаа дваесет години од усвојувањето на првиот Закон за народниот правобранител, кој изминатите години претрпе неколку измени и дополнувања. Институцијата постојано добиваше нови мандати, а во извештајната година на сила стапија и последните измени, кои во голема мера ја зајакнаа нејзината улога и позиција како независен контролен механизам. Во пракса тоа се потврди со усвојувањето на мерките од страна на Собранието за надминување на констатираните состојби содржани во Извештајот на Народниот правобранител“, резимира народниот правобранител.

М.В