/ Прочитано:

1.916

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Секој има право на слобода на мислење и изразување сè додека не ги повредува правата на другите

Нема оправдување за појавата на дискриминација која постои во општеството и потребно е да се работи на сеопфатен системски пристап за сузбивање на оваа негативна појава, истакна Народниот правобранител на денешното потпишување Меморандум за соработка помеѓу Народниот правобранител и Националниот ромски центар од Куманово.

Целта на Меморандумот за имплементирање активности во рамки на проектот „Спречување на дискриминацијата кон ромските деца“ се размена на информации и навремено преземање мерки за заштита од дискриминација на ромските деца и нивните семејства.

Овој проект, рече на денешниот настан народниот правобранител Иџет Мемети, ќе придонесе за поголемо запознавање со правата, промоција на институцијата Народен правобранител меѓу Ромите, но и нивно информирање и едуцирање за можностите да ја користат за заштита на нивните права.

„Во оваа прилика, особено би ја потенцирал појавата на говор на омраза како придружник на дискриминацијата која во последниот период зема сè поголем замав, особено што ваков говор користат и јавни личности. Секој има право на слобода на мислење и изразување, сè додека не ги повредува правата на другите и не предизвика домино ефект за ширење на дискриминацијата и говор на омраза на штета на определено лице или припадници на групи и заедници. Јавно ги осудувам досегашната неказнивост и премолчување на надлежните органи, со што придонесуваат дискриминацијата и говорот на омраза да бидат сè поприсутни во медиумите, а особено на социјалните мрежи“, рече Мемети.

„Апелирам наместо говор на омраза и дискриминација да се промовираат толеранцијата, почитувањето и еднаквоста на човековите права на сите, особено на маргинализираните заедници, а надлежните органи, особено МВР и Јавното обвинителство, соодветно и навремено да реагираат санкционирајќи ја оваа појава“, додаде Народниот правобранител.

Извршниот директор на здружението Национален ромски центар од Куманово, Ашмет Елезовски, истакна дека по потпишувањето на Меморандумот во последните три-четири години единствено Народниот правобранител говорел јавно во законодавниот дом за сите проблеми и препреки со кои се соочуваат сите граѓани.

„Времето бара да бидеме професионални и одговорни во спроведувањето на нашите обврски, а се надевам дека со овој Меморандум ќе можеме да го оствариме тоа и ромските деца да немаат бариери за упис во матичните книги, за упис во основните и средните училишта, за добивање работно место, а да се спречи и дискриминацијата на ромската жена“, нагласи Елезовски.

М.В