/ Прочитано:

1.179

Научна и стручна расправа за пристапот до правдата и транспарентноста на судството, како предуслов за судската независност

Здружението на судиите на Република Македонија и Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија одржаа научна и стручна расправа на тема „Пристап до правдата: транспарентност на судството, медиумите и казнената политика како предуслов за зајакнување на судската независност“, трета од низата работилници во рамки на проектот „Зајакнување на улогата и независноста на судиите во Република Македонија“.

На научната расправа учество зедоа американски и домашни практичари и експерти, кои имаат за цел да идентификуваат примери на добри практики, како и да ги дискутираат другите судски примери. Финалните препораки од расправата, во вид на заклучоци, ќе бидат земени предвид за натамошни измени и дополнувања на законските решенија предмет на оваа расправа.

„Судството е една од трите власти, која има функција што се протега надвор од традиционалната улога на непристрасна трета страна во решавањето на општествените прашања. Судската интервенција во политичкиот систем може да биде длабока, влијателна и многу софистицирана која дополнително ја претставува врската меѓу државата и граѓаните, како и односите меѓу различните општествени актери. Транспарентноста на судството има големо значење и влијание во развивањето на јавната политика, како и во признавањето и заштитата на правата и контролата на другите власти. Во овој контекст, со оглед на важноста на рeформата на македонското судство во институционални рамки, транспарентноста и реформите за пристап до правда и информации се релевантни поради нивното потенцијално влијание врз функционирањето и работењето на самите судски органи. Со други зборови, усвојувањето на реформите за транспарентност од страна на судиите и другите правни практичари би можело да има позитивен ефект врз нивниот институционален капацитет, како и зголемување на нивниот легитимитет и авторитет vis-à-vis другите две власти и односите со граѓаните“, беше истакнато на денешниот настан.

Научно-стручната расправа беше насочена кон три примарни точки од реформата на правосудството и пристапот до правдата кои се издвојуваат според сериозноста и комплексноста:

– Пристапот на медиумите до правдата како предуслов за судска независност и транспарентност;

– Практичните предизвици во односот помеѓу судството и медиумите со посебен осврт на медиумскиот пристап до судски предмети во кои се вклучени високи државни службеници;

– Теоретски и практични аспекти на одмерување на висината на казните;

На научната расправа свое учество зедоа американски и домашни практичари и експерти, кои имаа за цел идентификување примери на добри практики, како и дискутирање на другите судски примери.

На крајот од панел-дискусиите беа донесени финални препораки од расправата, во вид на заклучоци кои ќе бидат земени предвид за натамошни измени и дополнувања на законските решенија кои се предмет на оваа расправа.

Финални препораки и заклучоци:

– Односот помеѓу медиумите и судството треба да биде заснован врз професионализам, доверба и непристрасно известување

– Моменталната состојба на односите меѓу медиумите и судството во Република Македонија е на незадоволително ниво

– Известувањето за судските случаи мора да биде професионално и непристрасно, а не сензационално

– Единствениот допир со работата на судовите медиумите го имаат преку годишните извештаи на работата на судовите за тековната година

– Иако постои етички кодекс за професионално медиумско известување, најчесто одредбите остануваат мртво слово на хартија и не се применуваат во практиката

– Потребно е да се изнајдат дополнителни средства за аудиовизуелно снимање на кривичните постапки, во согласност со правилата од ЗКП

– Потребно е професионално медиумско известување за сите, но и за високопрофилните кривични судења, со запазување на начелото на презумпција на невиност

– Потребно е продлабочување на соработката со здруженијата на новинари во Република Македонија, со цел организирање дополнителни обуки за членовите на судскиот ПР-оддел

– Потребно е зајакнување на капацитетите на ПР-службите во судовите, за практична примена на одредбите од Законот за судовите

– Јавноста преку медиумите мора да има присуство на судските процеси, освен во случаи предвидени со закон

– Во согласност со заклучоците од состанокот со судијата Роберт Корди од Врховниот суд на Масачусетс, може да се разгледа идејата за создавање на независно судско-медиумска комисија составена од судии и претставници од медиумите, со цел изнаоѓање, креирање и спроведување на политики за известување на судските процеси.

– Одредувањето на казната е подрачје кое е отворено за дополнително регулирање со судската практика

– Изедначувањето на казнената политика треба да се прави во согласност со одредбите од Законот за судовите и ставовите и мислењата на Врховниот суд на РМ.

М.В