/ Прочитано:

5.742

Научна расправа на Правниот факултет „Јустинијан Први“ за книжевноста и казненото право

Денеска на Правниот факултет „Јустинијан Први“, во организација на Здружението на млади кривичари, се одржа научна расправа посветена на книжевноста и казненото право.

Научната расправа ја отвори  д-р Драгана Кипријановска од Правниот факултет „Јустинијан Први“, која истакна дека помеѓу правото и книжевноста постои блиска врска и дека денешната научна расправа фрла нов зрак светлина врз мошне интересната тема за книжевноста и казненото право. Живееме во време, подвлече Кипријановска, кога правото, за сметка на политичката димензија, е во криза кога е во прашање неговата аксиолошка димензија што беше мотив за одржувањето на оваа научна расправа.

„Секој правник и секој кривичар не може да се искалат без да ги прочитаат делата на Софокле, Аристотел, Шекспир, Дикенс, Достоевски, Ками, Толстој, Кафка, Меки, Орвел, Кант, Ниче, Фројд“, нагласи Кипријановска.

Овие дела формираат само мал исечок од мошне обемната литература каде што на неповторлив начин се разгледуваат прашањата што стојат на релација книжевност – право – казнено право. Читањето на овие дела, беше истакнато на настанот, упатува на тоа дека кај многумина од наведениве автори правниот систем што постоел во времето кога тие дејствувале имал силно влијание врз нивното творештво, при што тие самите биле доволно свесни и на уникатен начин го прикажале таквото влијание на индивидуален и на општествен план.

Сцената како судница: вината, казната и правдата во античката трагедија, беше темата за која говореше проф. д-р Владимир Мартиновски од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Професорот Мартиновски посочи дека во антиката механизмот на судење и казна се поврзува со митолошката свест, додека, пак, концептите на правдата и правото не само што се начнати туку  се и темелни вредности на античката трагедија.

Во старогрчката филозофија, истакна Мартиновски, многу се дискутира за правдата како тема. Еден од најубавите текстови посветен на ова прашање е оној на Платон кој се однесува на судењето на Сократ, но се разбира, тука се и текстовите на Аристотел.

„Не можеме да говориме за оваа тема на книжевноста и правото без да се спомене Аристотел. Аристотел посочува во многу наврати дека вината е клучниот елемент на една трагична фабула“, истакна Мартиновски, нагласувајќи дека судирот меѓу божествените и човековите закони, пребрзото пресудување без согледување на аргументите и политичко-правната моќ се теми што доминантно се среќаваат во литературата, а особено во Шекспировото драматуршко творештво.

На научната расправа говореше и проф. д-р Ана Димишковска од Филозофскиот  факултет, која настапи со тема насловена „Мистериозната рака на (не)правдата: тенката линија помеѓу злосторството и казната во романот ‘And then there were none’ од Агата Кристи“.

Таму кај што е општеството, истакна Димишковска, таму е и правото. Правото е сфера која не е релевантна само за правните теоретичари туку и за теоретичарите и истражувачите кои се занимаваат со другите општествени дисциплини. Навидум, подвлече Димишковска, правото има ригидна фасада, но ако малку подлабоко загребете, ќе видите дека под мрежата на параграфи е целата драма на човековите односи.

„Никогаш не помислив дека правото ќе ме заинтересира бидејќи изгледаше премногу врзано со приземната реалност. Па, сепак, правото како сфера е многу  важно за филозофијата“, рече Димишковска, укажувајќи на општествените и психолошките консеквенции што ги има правото.

Во однос на творештвото на Агата Кристи, Димишковска истакна дека оваа писателка на маестрален начин ги опишува кривично-правните состојби, особено изразени преку психологијата на ликовите.

„Преку нив се гледа дека категориите на злосторство и казна започнуваат не тогаш кога се откриени, туку во самиот момент на извршување, имено казната е симултана со извршувањето. Тие ликови се веќе под казна, нивното злосторство и гласот на сопствената совест се пострашни“, истакна Димишковска.

Професорката посочи и дека низ литературата се укажува и на несовршеноста на правото. Токму од таа идеја, или пак од идејата дека судијата ја дели правдата, кој може и да згреши и во правото се нагласува значењето на пресумпцијата на невиност и значењето на повисоките инстанци. Правниот систем е несовршен, истакна Димишковска,  затоа што и човекот е несовршен.

За правно-филозофскиот правец на правото и литературата и рефлексиите врз казненото право на денешниот настан говореше проф. д-р Каролина Ристова-Астеруд од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Професорката посочи на мислата на познатиот шкотски писател и прваник Валтер Скот според кого правникот мора да ги познава литературата и историјата, бидејќи правник кој не ги познава историјата и литературата е обичен механичар, не може да се нарече правник, односно архитект на правото.

Говорејќи за книжевноста и правото од филозофско-правен аспект, Ристова- Астеруд посочи дека според современите прифатени стојалишта за оваа проблематика, правото и литературата се во заемен однос и корелација.  Литературата е врска на правниците со општеството и литературата им помага на правниците да ја доживеат комплексноста на човековите односи и самата човекова природа.

Професорката истакна дека значењето на книжевноста особено е изразено во англосаксонското право и правосудство, каде што стилот на пишувањето на пресудите е политерарен, поразновиден и недогматски. Во оригиналната концепција на владеењето на правото, истакна професорката, поврзаноста на природното и позитивното право има многу значајна димензија.

Оттука, секогаш и низ творештвото, но и низ адвокатската и судската практика, врската меѓу литературата и правото секогаш била инспирација, за што говорат и статистичките податоци според кои во судската практика Шекспир е најцитираниот автор во САД. Денес постои тенденција дури и во Европскиот суд за човекови права да се прифаќа разиграниот стил на пишување од страна на судиите.

Правото, посочуваат некои теоретичери, не е ништо друго туку уште една приказна која треба да се протолкува. Сепак, истакна професорката, за разлика од литературата каде што не треба да се знае што сакал да каже авторот, во правото треба да се знае што сакал да каже законодавецот и тоа, подвлече професорката, во правото се нарекува автентично толкување.

За односот на литературата и правото низ призмата на правните вредности говореше асс. м-р Илија Манасиев од Правниот факултет „Јустинијан Први“. Манасиев им порача на студентите дека мора да ги познаваат книжевноста и филозофијата. Никогаш не е доцна да читате, им порача Манасиев на студентите. Литературата, подвлече тој, е поврзана со правото. Постои заемна врска на правото и книжевноста, правото е клучно во драматургијата, а драматургијата е клучна за правото, што најдобро се согледува низ литературното творештво.

Во таа насока, Манасиев го елаборираше и античкото творештво, но и творештвото на правниците кои биле писатели, како што е случајот со Франц Кафка кој, како правник, на извонреден начин ги опишал судските процеси, неправичната постапка и потребата за правда.

Воопшто, темите на правната сигурност, поредокот и правдата се многу застапени и во филозофијата и во литературата. Поврзаноста, додаде Манасиев, може да се разгледува и низ аспектот на структурата на пишување, првично од составувањето на еден акт, па сè до вметнувањето на правната аргументација во еден текст, така што нејзината цел е да ја убеди другата страна. Во литературата, пак, се убедува читателот, тој е судијата. Имено, додаде Манасиев, литературниот режим на пишување е поблизок до граѓаните, па при читање на литературното дело, читателот се става во улога на судија кога се говори за некоја тема поврзана со правдата.

Денешната научна расправа беше заокружена со дискусија на која студентите дебатираа за мошне интересната тема за книжевноста и казненото право. На Правниот факултет, истакнаа студентите, изучувањето на оваа проблематика мора да е позастапена, бидејќи не треба на правото да се гледа строго формалистички затоа што правото е и волја за правда која отскокнува од крутиот формализам, што, всушност, е и едно од централните прашања во односот помеѓу  книжевноста и  правото.

Проф. д-р Никола Тупанчески, кој е претседател на Здружението на млади кривичари вели дека главната мисија на Здружението на млади кривичари е да им овозможи на сите заинтересирани членови да ги продлабочат своите значења во истражувањето на проблематиката што е предмет на нивниот интерес, и тоа особено во однос на теми што претставуваат актуелен предизвик и што налагаат сериозна дискусија во однос на одделните прашања што го сочинуваат костурот на казненото материјално право. Здружението ја организираше првата школа на млади кривичари и стручната расправа на тема „Спречување на криминалот во Република Македонија – иста цел, различни перцепции“.

М.В