/ Прочитано:

1.398

„Не се постапува по забелешките на ГРЕКО за пратениците, судиите и обвинителите“, предупредуваат од Транспаренси интернешнл

„Република Македонија не вложува доволно напори, не презема доволно активности за борба против корупцијата и сè уште не е постапено и не се отстранети забелешките на ГРЕКО (Групата држави за борба против корупцијата на Советот на Европа) од Извештајот донесен во декември 2013 година. Ова го потврдува и неодамнешната изјава на Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО, кој говорејќи на Тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители, истакна дека ГРЕКО очекува препораките да се исполнат не поради самата Група на држави за борба против корупцијата, туку поради граѓаните на Република Македонија. Од 19 препораки во извештајот, три се исполнети, десет се делумно исполнети, а шест не се воопшто исполнети“, велат од Транспаренси интернешнл – Македонија.

„Во јануари годинава Транспаренси интернешнл – Македонија веќе ја извести јавноста дека државата не презема доволно активности за борба против корупцијата во согласност со овие препораки. Денес, речиси една година подоцна, работите не се поместени. Поради тоа, Транспаренси интернешнл – Македонија ја повикува Владата на Република Македонија сериозно да се зафати со исполнувањето на овие препораки, така што ќе формира посебен тим кој ќе го следи спроведувањето на овие препораки. Сметаме дека тоа е неопходно со цел да се држи чекор со одговорностите што ги презела државата, и тоа, како што вели Мрчела, не поради ГРЕКО, туку поради граѓаните на РМ“, додаваат од организацијата.

Минатата недела претседателот на Групата држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО), Марин Мрчела, истакна дека се надева дека Македонија може да ги исполни препораките на ГРЕКО, нагласувајќи дека досегашниот резултат не е за пофалба.

„Ние го чекаме извештајот. Рокот е 31 јануари 2018 година и кога ќе го добиеме извештајот ќе видиме каква е ситуацијата“, рече Мрчела, кој говореше на Тркалезната маса „Улогата на судечкиот судија во доказната постапка“, во организација на ОБСЕ и Академијата за судии и јавни обвинители.

М.В