/ Прочитано:

4.563

„Не сме декор во судот“ – велат адвокатите во предметот „27 април“, кои денес беа казнети и отстранети од судница

Денеска судечкиот совет предводен од судијката Добрила Кацарска ги казни адвокатите на обвинетите за „27 април” и ги отстрани од судницата.

Адвокатите велат дека биле отстранети затоа што барале да имаат минимални услови за работа. Конкретно, тие реагирале на условите во кои се одвивал распитот на загрозениот сведок С1.

Распитот се одвиваше во старата зграда на Кривичниот суд, каде што беше префрлен поради техничките пречки во новата зграда на Кривичниот суд.

Адвокатот Еленко Миланов вели дека  бранителите побарале да им се овозможи да ги запишуваат изјавите од загрозениот сведок бидејќи не се слушало добро неговото сведочење. Тоа не било овозможено, по што адвокатите реагирале.

Адвокатот Звонко Давидовиќ, исто така, нагласува дека во конкретниот случај не се работи за попречување на текот на судскиот процес, туку за искажување поплаки во врска со условите за работа што треба да ги имаат адвокатите.

Адвокатката Павлина Зефиќ вели дека адвокатите не се декор во судницата, а барањето услови за работа не претставува навреда на судот.

„Денес 50 адвокати, меѓу кои и јас, бевме парично казнети, секој по 1.000 евра, и бевме отстранети од судница бидејќи баравме минимални услови за работа, на пример да не пишуваме на колена исказ на најбитниот сведок во постапката – заштитен сведок, и да функционира техничката опрема во судот“, реагира адвокатката Павлина Зефиќ.

Адвокатите истакнуваат дека со нивното казнување и со отстранувањето од судницата се нарушуваат правата, како на обвинетите така и на одбраната, кои се законски загарантирани.

Предметот „27 Април“ од аспект на правата на одбраната се актуализираше и изминативе месеци.  Коалицијата „Сите за правично судење“  објави соопштение во кое укажува на губењето на квалитетот на процесот.

„Коалицијата веќе неколку пати реагира со цел да укаже на губењето на квалитетот на процесот на сметка на брзината на процесот, што беше анализирано преку правото на судење во разумен рок, правото на адекватно време и простории за подготовка на одбраната (особено кога обвинетите се во притвор), како и способноста на учесниците во постапката соодветно да ја презентираат својата теорија на случај, но и способноста на судот да ја следи расправата со должно внимание“, соопштија од Коалицијата.

Предметот „27 април“ и маратонските рочишта се најдoa и во месечниот извештај за состојбата со човековите права на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Коалицијата „Сите за правично судење“ повторно реагира за предметот „27 април“: Загрижува ставот на Кривичниот суд

Предметот „27 април“ и маратонските рочишта во месечниот извештај за состојбата со човековите права

Кривичниот суд со соопштение за маратонските судења во предметот за 27 април

Јавна реакција на Коалицијата „Сите за правично судење“ за предметот „27ми април“: Се постапува на штета на обвинетите

Обвинетите во судскиот процес за „27 април“ не се чувствуваат виновни

Обвинетите не се терористи и предметот е политички мотивиран, велат адвокатите во воведните зборови за „27 април“

Обвиненија за настаните во Собранието

М.В