/ Прочитано:

1.943

Нелојалната конкуренција и непочитувањето на законите ѝ наштетуваат на туристичката дејност

Туристичко-угостителската комора при ССК бара сузбивање на нелојалната конкуренција и почитување на законските прописи од областа на туристичката и угостителската дејност.

Следејќи ги состојбите во овие сектори, велат од ССК, апелираме на поголеми контроли и сузбивање на нелојалната конкуренција, која е присутна како во делот на агенциското продавање аранжмани од човек-фирма,  работа на агенции кои направиле штета во секторот и измамиле туристи, така во делот на неевидентирани апартмани кои се издаваат на странски гости.

„Со ова се избегнуваат давачките кон државата, се намалува бројот на гостите и девизниот ефект затоа што нема контрола, па сѐ до кафулиња каде што некаде се почитува законот за пушење, а некаде делумно“, велат од Туристичко- угостителската комора при ССК.

Туристичка дејност, се пропишува во Законот за туристичката дејност, можат да вршат трговски друштва и трговци поединци регистрирани во трговскиот регистар како вршители на туристичка дејност.

Физичките лица кои во согласност со одредбите на овој закон вршат туристичка дејност се регистрираат во регистарот што го води градоначалникот на општината, а во градот Скопје во регистарот што го води градоначалникот на општината на подрачјето на градот Скопје.

Основачи на туристички агенции и туристички бироа можат да бидат домашни и странски правни лица. Трговското друштво и трговецот поединец во зависност од видот на услугата што ја даваат може да бидат туристичка агенција и туристичко биро.

Трговецот поединец којшто туристичката дејност на туристички водич или туристички придружник ја врши како занимање, постојано го носи називот туристички водич или туристички придружник.

Физичкото лице кое како слободно занимање повремено врши туристичка дејност на туристички водич или туристички придружник го носи називот туристички водич или туристички придружник.

Tуристичката агенција која непосредно дава услуги на патник преку средства за електронска комуникација е должна да работи во согласност со одредбите од овој закон и прописите од областа на електронската трговија.

Во Законот за туристичка дејност се дефинира дека туристичка дејност е организирање и спроведување на туристички патувања во туристички места, фамилијарни излети и други некомерцијални екскурзии и други туристички аранжмани во земјата и странство, давање туристички информации, продавање и посредување при продажбата на угостителски и други туристички услуги, посредување околу издавање на куќи, станови и соби за туристи, вршење на услуги со туристички водичи и други услуги.

Доколку граѓаните не се задоволни од квалитетот на услугата по реализираното патување или искористен аранжман, истакнуваат од Државниот пазарен инспекторат, може да ги остварат своите права со доставување на пријава во Инспекторатот и во согласност со одредбите на Законот за туристичка дејност ќе биде извршен инспекциски надзор.

Права и обврски на туристичките агенции

Во Законот за туристичка дејност се пропишува дека туристичката агенција во зависност од лиценцата ги има и следниве права и обврски:
1) на влезот на деловниот простор да ја истакне фирмата;
2) назнаката „туристичка агенција“, патничка агенција и вообичаените изрази какви што се „Tours“ и „Travel“ и слично во фирмата можат да ги користат туристичките агенции;
3) кога продава пакет аранжмани, да му даде на потрошувачот општи информации во врска со пасошот и визата кои се однесуваат на граѓаните на Република Македонија, а особено во врска со времето потребно за да се добијат, како и за здравствените формалности неопходни за патувањето и престојот;
4) да даде информација по барање на корисникот на услугите во кое својство настапува и колкави се неговите овластувања, ако застапува друга туристичка агенција;
5) да склучи договор со корисникот на услугата во кој ќе бидат јасно определени условите и начинот на давање на услугите;
6) во промотивните печатени материјали, како и во сите работни документи, видливо да се истакнат фирмата и седиштето на туристичката агенција;
7) да склучува договори само со сообраќајни претпријатија чии превозни средства ги исполнуваат условите определени со пропис од областа на јавниот патен сообраќај;
8) да склучува договори и да презема други деловни активности само со угостителски правни субјекти кои поседуваат лиценца и категорија на објектот;
9) да чува како деловна тајна сѐ што знае за корисникот на услугите и неговото однесување и без негово одобрение, освен во законските пропишани услови, на никого не смее да му ги даде адресата на корисникот на услуга, местото и времето на патувањето, престојот, уплатената цена, како и името на неговиот сопатник;
10) да се придржува кон утврдените услови во договорите кои ги воспоставува со корисниците на услуги и третото лице како давател на услуги;
11) за продажба на авиобилети туристичката агенција мора да има вработено лице со ИАТА-сертификат;
12) на видно место во туристичката агенција да ја истакне лиценцата или копија заверена од нотар;
13) да ги истакне цените на туристичките аранжмани и поединечни услуги;
14) за секоја продадена услуга или аранжман да издаде сметка од фискална каса, како и туристички ваучер за сместување и други услуги на корисникот на услугата и
15) при продажбата и реализацијата на услугите да се придржува на договорот и програмата за туристичкиот аранжман
16) на видно место на влезот на туристичкиот објект да го истакне видот на платежните картички кои можат да се користат.

М.В