/ Прочитано:

2.334

Неоданочените и парафискалните давачки како оптоварување на правните субјекти во Македонија

Денеска Стопанската комора на Македонија одржа прес-конференција на тема „Неоданочените и парафискалните давачки како оптоварување на правните субјекти во Македонија“.

„Познат е фактот дека со рамниот данок, односно кај основните даноци  (данок на добивка, данок на имот, персонален данок и ДДВ), Македонија има најниска даночната стапка  во регионот и во Европа, како и ставот дека тоа само по себе би требало да претставува доволен услов за привлекување инвестиции (домашни и странски). Меѓутоа, она што недостасува во така изнесениот став всушност беше фокусот на спроведеното истражување, а тоа е не малиот и растечки број на разни неданочни и парафискални давачки во Република Македонија“, беше истакнато на денешната прес-конференцијата.

„Како што може да се види од истражувањето, кога ќе се земат предвид и неданочните и парафискалните давачки, доаѓаме до фактот дека ефективното оптоварување на стопанските субјекти е поголемо за разлика од ситуацијата кога би се анализирале само даночните давачки.  Зголемувањето на бројот на неданочни и парафискални давачки е евидентно во последните години во Република Македонија. Поради тоа, намалувањето и рационализацијата на неданочните и парафискални давачки е неопходен процес со цел создавање на поволен деловен амбиент во Република Македонија, со што би се овозможил раст на приватниот сектор кој би бил двигател на економскиот развој“, образложи в. д. оперативниот директор на Стопанската комора на Македонија, Анета Трајковска.

Целта на истражувањето, во кое се анализираше периодот од 2008 до 2016 година, беше да се спроведе соодветна финансиска анализа на приходите во буџетот наплатени по тој основ, потоа  да се направи анализа колку по основ на парафискални давачки плаќаат избраните правните субјекти, како примерок, и колкаво е нивното оптоварување, а со тоа  да се добие слика за оптоварувањето на бизнисот со парафискални и неданочни давачки и да се изведат заклучоци и предлог-мерки со основни препораки за унапредување на целиот систем на парафискални давачки во Р Македонија.

Од истражувањето, беше посочено на денешниот настан,  произлегоа следните заклучоци:

  • Даночниот систем во Македонија оставил неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, локални одлуки, одлуки на управните одбори на агенциите или одборите на јавните претпријатија да се воведуваат разни давачки кои тешко се контролираат, па Министерството за финансии не може да има комплетна слика и некој вид контрола врз овој систем во нашата земја.
  • Отсуството на транспарентност е карактеристика на процесот на воведување на одредени давачки и промените на истите.
  • Констатирано е прелевање на наплатата на претходно воспоставени надоместоци и тоа од буџетската сметка на сметките во деловните банки на разни органи на управата (агенции, дирекции, центри, бироа и слично).
  • Една од клучните констатации е зголемување на бројот на неданочни и парафискални давачки во последниве години во Република Македонија, а причините за ваквата состојба се бројни, но во суштина се сведуваат на потребата на јавните институции да обезбедат средства, не водејќи сметка за нивното негативно влијание врз конкурентноста и деловната клима во Р Македонија. Сублимирано во период од 2008 година до 2016 година има воведено вкупно 84 нови давачки кои се уплатуваат на буџетската сметка (18 видови давачки што се вклучени во т.н. други даноци, 41 вид неданочни давачки и 25 нови глоби), со што е постигнато дополнително оптоварување на правните и физичките лица на годишно ниво во износ околу 20 милиони евра или поединечно прикажани.
  • Ако се анализира наплатата на неданочните и парафискални давачки во 2016 година споредено со 2008 година, наплатени се повеќе од 32,7 милиони евра. Имено, забележан е раст од 18,2% споредено 2016 година со 2008 година, и со оваа наплата во 2016 година само по основ на неданочни и парафискални давачки наплатени се над 15.467 милиони денари или над 251,5 милиони евра.
  • Со помош на анкетата спроведена во компании од пет различни дејности анализирана е структурата на вкупните неданочни и парафискални давачки во 2008, 2013 и 2016 година, нивното зголемување/намалување, потоа анализирано е учеството на вкупните неданочни и парафискални давачки, на данокот на добивка и персоналниот данок во добивката пред оданочување, во вкупните приходи од оперативно работење и во вкупните расходи од оперативно работење за 2008 година, за 2013 година и за 2016 година. Потоа, направена е пресметка на оптоварувањето по вработен за 2008 година, 2013 година и за 2016 година со вкупните неданочни и парафискални давачки, данокот на добивка и персоналниот данок на доход.

Во согласност со анализите и истражувањата од спроведената анкета потврдено е веќе претходно изнесеното, односно од година во година значително расте оптоварувањето на компаниите со неданочни и парафискални давачки како што расте и бројот на ново воспоставените давачки и промената во висината на тие давачки. Имено, се потврди фактот дека ефективното оптоварување на стопанството е поголемо отколку што може да се заклучи само врз основа на постојните даночни давачки.

М.В