/ Прочитано:

1.694

Неправилности што можат да влијаат на конкуренцијата во постапката за јавни набавки – интервју со Златко Алексов, предавач на обуката за јавни набавки, во организација на Академик

Насоките на Советот за понатамошно постапување на договорните органи при повторното поднесување на барањата за добивање согласност се даваат врз основа на забелешките на ангажираните стручни лица, но секогаш во корелација со начелата и одредбите од Законот за јавните набавки. Недавањето согласност на Советот за јавни набавки не е, ниту може да биде причина и изговор за евентуално пролонгирање на проектите и дисконтинуитет во снабдувањето на договорните органи, без претходно реално антиципирање на максималниот рок за добивање согласност.

Златко Алексов Совет за јавни набавки

„При дефинирање на барањата во техничките спецификации во постапката за јавни набавки со наведување на карактеристики својствени на конкретен производител или производ, во случаи кога нема оправданост за таквото постапување, на индиректен начин се врши фаворизирање или елиминирање на одредени економски оператори. Ваквото постапување, односно дефинирањето на предметот на набавка со карактеристики кои најчесто не се во корелација со потребата на договорниот орган, има негативно влијание на конкуренцијата во постапката за јавна набавка“, објаснува Златко Алексов, член на Советот за јавни набавки, кој ќе биде предавач на обуката за јавни набавки што ќе ја организира Академик на 27 јануари на тема: „Проблеми поврзани со барањата за добивање согласност и законски решенија кои ги предлага Советот за јавни набавки за нивно надминување“.

Кои се најчестите проблеми кои се поврзани со барањата за добивање согласност?

Со особено задоволство може да се констатира дека од започнувањето со работа на Советот за јавни набавки (во понатамошниот текст: Советот), па сè до денес,  постои евидентен напредок во начинот на изготвувањето на барањата за добивање согласност, а пред сè во начинот на изготвување на техничките спецификации и тендерските документации воопшто, од страна на договорните органи.

Останува потребата да се обрне внимание на одредени неправилности кои сè уште се провлекуваат и кои се навидум маргинални, но сепак може да имаат негативно влијание на конкуренцијата во постапката за јавна набавка која претстои.

При дефинирање на барањата во техничките спецификации со наведување на карактеристики својствени на конкретен производител или производ, во случаи кога нема оправданост за таквото постапување, на индиректен начин се врши фаворизирање или елиминирање на одредени економски оператори. Ваквото постапување, односно дефинирањето на предметот на набавка со карактеристики кои најчесто не се во корелација со потребата на договорниот орган, има негативно влијание на конкуренцијата во постапката за јавна набавка.

Предвидувањето критериуми за утврдување способност на економските оператори, кои се непропорционални и кои не се директно поврзани со предметот на набавка, исто така, има негативно влијание на конкуренцијата во постапката за јавна набавка.

Насоките на Советот за понатамошно постапување на договорните органи при повторното поднесување на барањата за добивање согласност се даваат врз основа на забелешките на ангажираните стручни лица, но секогаш во корелација со начелата и одредбите од Законот за јавните набавки.

Недавањето согласност на Советот за јавни набавки не е, ниту може да биде причина и изговор за евентуално пролонгирање на проектите и дисконтинуитет во снабдувањето на договорните органи, без претходно реално антиципирање на максималниот рок за добивање согласност.

Во вакви случаи уште помалку постои оправданост за потребата од користење на постапка со преговарање, без претходно објавување оглас, предизвикана од крајна итност, од причина што ваквата неповолна состојба се смета дека е по вина на договорниот орган, како резултат на лошо планирање и организирање на набавките.

Накратко, кои се законските предлози на Советот за надминување на овие проблеми?

Соочени со негодувањата, опструкциите и квазианализите на одредени незадоволни институции, a свесни за потребата од менување на одредени стари лоши навики, неповолни дејствија и рутински грешки кои се провлекувале при спроведувањето на постапките, будно ја следиме состојбата со јавните набавки во Република Македонија и не отстапуваме од конзистентноста во ставовите во врска со одредени прашања, формирани врз основа на законските одредби.

Соодветно и навремено реагираме секогаш кога ќе почувствуваме потреба од допрецизирање, доуредување и проширување на правната рамка со цел да го олесниме функционирањето на институциите, секако, не занемарувајќи ја основната контролна улога на Советот.

Предлозите за измени и дополнувања на Законот за јавните набавки најчесто се однесуваат на дополнување и подобрување на текстот на Законот со цел скратување на постапката пред Советот, намалување на трошоците на договорните органи и зголемување на ефикасноста на институциите во преземањето на подготвителните дејствија пред отпочнување на постапката за јавна набавка.

Што ќе опфати вашето предавање на обуката во оваа насока?

Излагањето започнува со предочување на неправилностите кои се провлекуваат во барањата за добивање согласност кај сите правни основи, како и на законските одредби врз основа на кои Советот ги базира таквите констатации.

Излагањето продолжува со конкретни примери за неправилности од најразлична природа, за кои Советот издал решение со кое донел одлука да не се даде согласност на договорниот орган – подносител на барањето.

Излагањето кулминира со елаборирање на поднесените предлози за  измени и дополнување на Законот за јавните набавки, насочени кон надминување на лоцираните проблеми поврзани со барањата за добивање согласност.

Крајот на излагањето претставува кус осврт на тековните активности на Советот насочени кон подобрување на функционалноста во работењето на институцијата.

Една од темите на обуката е подобрување на функционалноста во работењето на СЈН, па што треба да се стори во таа насока?

Според согледувањата наведени во извештаите на Европската комисија, Република Македонија веќе подолг период го има приматот на предводник во новините на нормативната и институционалната рамка, но сепак се забележува стагнација во напредокот кај правната пракса, односно во примената на законските одредби.

Потребата од унапредување на правната пракса резултираше со конституирање на Советот како системски уникатен концепт за институционално преземање на превентивни контролни дејствија кои веќе се преземаат во светот, но со мошне помал опфат и интензитет, и во поинаков правен облик.

Советот, како една од клучните институции во структурата на системот на јавните набавки на Република Македонија, цврсто застана на браникот на заштитата на јавниот интерес кој се остварува преку јавните набавки.

Преку претходна контрола на техничките спецификации и критериумите за утврдување на способност, активно придонесува за градењето на довербата на државните институции во деловното опкружување.

Земајќи ги предвид сите економско-правни аспекти при одлучувањето на овој државен орган, во Република Македонија се отвора нова ера на типични пазарни односи помеѓу рамноправни пазарни  субјекти.

Драстично намалениот број на постапките со преговарање претставува еклатантен пример на доследноста на Советот во примената на начелата на транспарентност, еднаков третман и недискриминација на понудувачите во постапката за јавна набавка.

Зголемениот број на заинтересирани деловни субјекти за стапување во деловен однос со државата како еден од најголемите деловни партнери, претставува јасен показател за влијанието на Советот во поттикнувањето на конкуренцијата и  унапредувањето на деловниот амбиент во државата.

Намалениот број на поднесени жалби од договорните органи и намалениот број на уважени жалби на одлуките на Советот од страна на Државната комисија за жалби по јавни набавки, претставува јасен показател за доследноста во примената на законските одредби на институцијата.

Советот воопшто не заостанува во инвентивноста, и покрај големиот обем секојдневни континуирани обврски непосредно поврзани со делокругот на работењето на институцијата.

Наскоро започнуваме со изработка на софтвер за поднесување на барања за добивање согласност по електронски пат, со кој значително ќе се олесни постапката пред Советот и ќе се намалат формално-правните недостатоци во документацијата.

По спроведените обуки на стручните лица во однос на општите знаења поврзани со постапката пред Советот, се вршат подготовки за спроведување на обуки по области на специјализација, со цел усогласување на ставовите во врска со одредени прашања и подобрување на квалитетот на решенијата во однос на насоките за понатамошно постапување.

Во завршна фаза е подготовката за организирање на веќе најавениот т.н. „Ден на отворени врати“, за кој се појави мошне голем интерес и кој ќе се одржува повеќепати во текот на годината. На овој начин ќе се официјализира начинот на артикулирање на идеите на сите заинтересирани страни насочени кон унапредување на постапката пред Советот.

Во континуитет предлагаме нови модели на технички спецификации/тендерски документации за стандардизирани потреби на договорните органи за кои нема да има потреба од поднесување барање за добивање согласност.

Будно ќе ги следиме најавите за измени и дополнувања на Законот за јавните набавки од страна на Бирото за јавни набавки и проактивно ќе дејствуваме со предлози за унапредување на функционалноста во работењето на Советот.