/ Прочитано:

4.356

Николо Макијавели, син на адвокат и адвокат на државната моќ: Постојат само два начини на борба – со закон и со сила!

На денешен ден е роден Николо Макијавели, филозоф чие име го означува зачетокот на политичката мисла во ренесансата, писател и државник со импресивно влијание врз перпцепциите за државното уредување и политичката прагма, син на адвокат и адовокат на државната моќ како протагонист на утилитарното владеење, инспиратор на нов филозофски правец што воедно ќе му донесе и квалификации во негативистички контекст, но сепак и ќе го круниса како автор на една од највлијателните дела во светот „Владетелот“, созадена во времето на хуманизмот и ренесансата.

Николо Макијавели ( 3 мај 1469 - 20 јуни 1527)

Николо Макијавели е роден е во Фиренца, на 3 мај 1469 година, во угледното семејство на почитуваниот адвокат Бернардо ди Николо Макијавели, а неговата младост, збогатена со неговиот исклучителен афинитет кон истражувањето и читањето, поминува низ бурните политички настани во силната Фиренца под управување на Лоренцо де Медичи, но и во возбудливите историски процеси на хуманизмот и ренесансата како културно движење и блескава интелектуална епоха во која човештвото доживеало значајни цивилизациски промени, особено во културата и умeтноста.

Токму времето во кое живеел, работел и творел Макијавели, е во знакот на филозофијата на ренесансата, индуктивно приложена од реафирмацијата на платонизмот, кој придонел да се разбијат стегите на средновековието и карактеристиките на неоаристотелизмот, а со тоа да се потисне и самата средновековната идеологија.

Тоа е време кога платоновото учење се обновува, неговите списи се преиздаваат и постануваат основа за нова оригинална филозофска активност и она што е академска одлика во таа насока е концентрирањето на платонизмот и ренесансата во зачатникот на ренесансата препознаена во Фирентинската академија која ја основал Марсилио Фичино под влијание на византискиот неоплатоник Плетон.

Покрај културните особености на тој период, Макијавели всушност се наоѓа и во центарот на значајни политички процеси, па неговата кариера како млад службеник и дипломат започнува паралелно со залезот на моќта на фамилијата Медичи и нивното отстранување од власт.

Работејќи како дипломат и во служба на државата 14 години, стакнал исклучително државничко искуство, стапувајќи во контакт со најмоќните луѓе во Европа и управувајќи со најважните работи во Републиката, посебно во раководењето со одбраната. Всушност тоа искуство е основата за она што ќе го преточи како литаратурен концепт и структура во „Владетелот“ во кое се осврнува на тоа што ја сочинува внатрешната политика на една земја и кои се предусловите што се потребни за еден владетел да биде моќен, но вредно е да се напомене дека е автор и на делата „Умешноста на војувањето“, „Расправи за првите десет книги на Тит Ливиј“, „Историја на Фиренца“, а неговото најважно дело од аспект на книжевноста е „Мандрагола“.

Кога семејството Медичи повторно доаѓа на власт во 1512 година, следуваат тежок период за Макијавели, а токму во тој период се наоѓа во фазата на инспиративното творештво. Најпрво е отстранет од државната служба, под обвинение за заговор и од тие причини е уапсен, затворен и измачуван.

 Сепак, по интервенцијата на папата Лав Х е ослободен, но засекогаш отстранет од државниот и јавниот живот по што се повлекува и започнува интензивно да пишува или онака како што истакнува: „Во лошите времиња на владетелот секогаш ќе му недостасуваат луѓе во кои ќе може да има доверба“.

Пред смртта Макијавели се враќа во Фиренца во 1527 година и умира само неколку недели по повторниот пад на оние што го протераа – семејството Медичи, состојба на едно судбинско поклопување на мозаикот во смисла на она што го кажа  „…кога добро ќе размислиме за се, ќе видиме дека некогаш следењето на она што ни изгледа како доблест, не води кон сопствената пропаст, додека следењето на она што наликува на порок успева да ја обезбеди нашата сигурност и благосостојба“.

Симплифицирано, филозофијата на Макијавели поаѓа од човековата природа, според кого човекот во природната состојба е зол и себичен кога се во прашање неговите лични интереси. Оттука, човечката природа ја сметал за коруптивна, посочувајќи дека немилосрдната лукавост е соодветна за управувањето на владата. Затоа владетелот треба да располага неограничена власт за да ја заузда оваа природа и да ја присили да дејствува сообразно со доброто на општеството.

Кон ваквиот став, Макијавели го надоврзува и прашањето за примената на средствата при владеењето кое треба да се заснова на двата принципа – на законот и на силата. Иако тргнувајќи од поставките на изградената хуманистичка свест, тој соопштува дека законот им е својствен на луѓето, а силата на животните, но заклучува дека најчесто принципот на законот не е доволен ниту за управување со луѓето.

Чезаре Борџија (1475 - 1507)

Според него, во политичкото управување не треба да се раководиме од морални кодекси и раководењето според тие принципи може да и нанесе штета на државата, што коинцидирало и со начинот на владеење на Чезаре Борџија, што во тој макивејалистички контекст наоѓа оправдување во поставените правно-филзофски премиси на Макијавели. Владетелот мора да ги предвидува работите благовремено и да ги поседува особините како силна волја, посветеност и умешност на војувањето, да предизвикува страв, но не и омраза, и пред народот да се истакнува со своите храбри дела, посветеност кон религијата и дадениот збор. Тој низ алузија говори дека владетелот треба да биде како лисица и како лав, обединувајќи ги во себе одликите на итрината и на силата.

 „Лесно е човека да го убедите во нешто, но тешко е потоа да го натерате да истрае во тоа свое убедување. Затоа треба да се управува така што со сила ќе се натераат луѓето да ти веруваат, дури и тогаш кога ја загубиле довербата“, смета Макијавели.

Макијавели истакнува дека доменот на политиката e аморален и насочен кон освојување на политичката моќ и авторитет. Постојат две форми на политичкото уредување – републиката и монархијата, кои се разликуваат во многу карактеристики, но имаат заедничко во извршувањето и одржувањето на власта.

Тој низ „Владетелот“ го проучува тоа стекнување на власт, но не го конципирал како пледоаје за поширока теоретска расправа, туку прагматично советувајќи како еден владетел да дојде на власт и како да ја задржи власта и токму затоа  оправдува низа постапки извршени со единствена цел за зацврстување на монолитната власт.

Вусшност, Макијавели со својата теорија настојувал да даде политичко-правно решение и идејно средство за обединување на Италија кое интимно го посакувал искажано и низ исповедта дека ја сака татковината повеќе од душата. Неговата земја во тоа време страдала од неединство, расцепканост, внатрешни војни и странски инвазии па тоа и била, како што се согласуваат многу негови проучувачи, примарната инспирација за пишувањето на делото.

Сепак, тоа дело изврши толкаво книжевно влијание што ревносно ги зацрта и нишките на правецот Макијавелизам, често погрешно интерпретиран и неоправдано користен за идеолошко покритие особено со контекстите на симболизмот на „Целта ги оправдува средствата“, флоскула која со векови погрешно е протолкувана иако во неговите списи, во таа литерарна структура не пoстои како што е препознаена.

По неговото име и учење Макијавелизмот е прифатен и диспрезиран како теориско сфаќање и тврдење спрема кое во политиката се допуштени сите, па и неморални средства за да се дојде до посакуваната цел, а политиката е засебна област на човековото делување, која е потполно автономна во однос на моралот – и ова се тврдења, кои своите рефлексии ги ползуваат во светот на политичката мисла, реалност и социетет до ден денешен како во теоријата, така и во моментумот на „политичкото битие“ од интерпесоналните до меѓународните политички односи.

3 мај 2014 година

М.В. / veljanoskim@akademik.mk