/ Прочитано:

1.355

НОРМИРАНИОТ УЧИНОК НЕ Е ГАРАНЦИЈА: СИЕР бара пратениците амандмански да интервенираат во измените на  Законот за минимална плата

Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на РМ – СИЕР објави соопштение во врска со предложените измени на Законот за минимална плата.

„Сакаме да ја запознаеме  јавноста дека и покрај евентуалното усвојување на измените на Законот за минимална плата во нашата држава, всушност, ниту имало, ниту ќе има утврдена гарантирана минимална заработувачка за работникот за полно работно време. Имено, сè додека во законот стои терминот „’нормиран учинок‘ како услов за остварување на минималната плата, тоа значи дека, пред сè, нема никаква гаранција дека работникот ќе ја добие минималната сума предвидена со законот, а исто така значи можност за манипулација од страна на работодавачите, што беше практика и досега“, велат од СИЕР.

Текстот на измените на Законот, велат од СИЕР, усогласен во јавната расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18.7.2017 од страна на трите социјални партнери не содржеше „нормиран учинок“ во членот 2 од Законот.

„Затоа се прашуваме кој, зошто и во чие име ја додаде повторно оваа формулација? Такво нешто нема во регулативата за минимална плата во нашето опкружување ниту во земјите членки на ЕУ, ниту во другите (Словенија, Хрватска, Бугарија, Србија итн.). Бараме Владата на РМ, односно пратениците кои се предлагачи на законот амандмански да интервенираат и да се исфрлат зборовите ’нормиран учинок‘ од членот 2 од Законот за минимална плата, односно Собранието да го прифати усогласениот текст на законот на Економско–социјалниот совет. Само на тој начин, Македонија конечно ќе добие Закон за минимална плата кој гарантира дека работникот кој работи со полно работно време неа ќе ја добие без условувања, злоупотреби и присила да работи подолго од полното работно време без дополнителен надомест“, стои во соопштението на СИЕР.

М.В