/ Прочитано:

1.023

Нотирани повеќе повреди на работничките права во месечниот извештај за човековите права

Хелсиншкиот комитет за човекови права бележи десет случаи на прекршувања на работничките права во месец ноември. Како што се посочува во месечниот извештај на Комитетот,  во еден од случаите се работи за анонимна пријава од еден работник за ненавремено исплаќање на повеќе плати на работниците од страна на нивниот работодавач. Постапувајќи по оваа пријава, Хелсиншкиот комитет поднел барање до Државниот инспекторат за труд за спроведување на вонреден инспекциски надзор во седиштето на работодавачот.

„Во друг случај, еден работник пријави дека по спогодбено раскинување на договорот за вработување со неговиот работодавач е иницирана судска постапка против него за надомест на штета поради повреда на конкурентската клаузула од негова страна. Основниот суд Скопје 2 го усвоил тужбеното барање на работодавачот, на штета на работникот. Во согласност со Законот за работните односи, конкурентската клаузула може да се договори само доколку договорот за вработување престане по волја или по вина на работникот. Во конкретниот случај станува збор за двострано изјавена волја, па оттука е нејасно на која основа Судот ја донел ваквата одлука. Работникот ја обжали ваквата пресуда и правниот тим на Хелсиншкиот комитет ќе продолжи да го следи овој случај“, се вели во извештајот на Комитетот.

Во месец ноември регистрирани се и четири случаи на повреда на работници на нивните работни места, од кои тројца се здобиле со тешки телесни повреди, а еден работник починал при вршење на неговите работни задачи. Хелсиншкиот комитет побара информации од Државниот инспекторат за труд дали во конкретните случаи работодавачите ги презеле потребните мерки за заштита и безбедност при работа на работниците.

Дополнително, беше забележано дека на едно градилиште нема соодветна заштитна ограда, а работниците ги вршат своите работни задачи без соодветна заштитна опрема. За таа цел, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет, беа поднесени барања до Секторот за безбедност и здравје при работа при Државниот инспекторат за труд и до Градежната инспекција во Општина Охрид за спроведување на вонреден инспекциски надзор. Комитетот продолжува да ја следи ситуацијата во наведените случаи и сè уште чека одговори од страна на Државниот инспекторат за труд, Секторот за безбедност и здравје при работа при Државниот инспекторат за труд и од Градежната инспекција во Општина Охрид.

Препорака на Хелсиншкиот комитет: Од јануари до октомври 2018 година, Државниот инспекторат за труд регистрирал 17 повредени работници со смртни последици и 1.527 повредени со потешки или полесни телесни повреди. Поради алармантноста на оваа бројка, Хелсиншкиот комитет апелира до сите работодавачи да ги почитуваат правилата во согласност со Законот за безбедност и здравје при работа и да ги преземаат сите потребни мерки за заштита и безбедност на работниците, а особено на работните места чијашто природа е високоризична по здравјето и животот на работниците.

М.В