/ Прочитано:

1.243

Нов Предлог – закон за борба против семејното насилство

Вторник, 24 јуни 2014 – Презентиран нов Предлог-Законот за превенција, спречување и заштита од семејно насилство. Владата на Република Македонија на вчерашната седница го разгледала и усвоила Предлог-Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство и истиот ќе биде доставен на јавна расправа во која учество ќе можат да земат невладините организации, експертите, институциите.

„Со донесување за првпат на нов посебен Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство, не само што го следиме примерот на многу европски земји и земји од нашето опкружување во кои со посебен закон е регулирана оваа материја, туку овој нов закон и во голема мерка ќе понуди нови механизми и концепти за сузбивање на семејното насилство“ посочи министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Овој предлог на закон ги дефинира начелата на кои ќе се заснова почитувањето на достоинството и личниот интегритет на жртвите на семејно насилство, третирајќи го овој проблем како повреда на основните човекови права.

Како основни начела се предвидуваат и начелото на итност и одговорност на надлежните институции, интерсекторско постапување и координирање.

Во однос на видовите на семејно насилство, ќе се прошири опсегот на заштита и за жртвите на економското искористување. Во новиот предлог закон децидно се определени институциите и нивните надлежности и одговорности за постапување: институциите кои вршат дејност од областа на социјалната заштита, детска заштита внатрешните работи, здравството, вработувањето и образованието, надлежен суд, ЗЕЛС, вклучително и здруженијата на граѓани.

Утврдена е одговорноста за пријавување на сознание за сторено насилство до полициска станица или центар за социјална работа, за секој оној кој има вакви сознанија и тоа за граѓаните, но и за службените и одговорните лица во сите правни субјекти.