/ Прочитано:

5.091

Нови кривични дела во измените на Кривичниот законик кои се во собраниска процедура

Владата на РМ ги поднесе измените на Кривичниот законик во Собранието на РМ. Измените и дополнувања на  Кривичниот законик опфаќаат ревидирање на одредбите во неколку области, од кои како најзначајни се: криминалот од омраза, неказнувањето на жртвата од трговија со луѓе и неказнувањето дете жртва, одмерувањето на казната, воведувањето нови кривични дела: „Даночна измама“, „Избегнување на плаќање  акцизи“ и „Попречување на правдата“, кодифицирање на кривичното дело за заштита на сведоци содржано во Законот за заштита на сведоци во Кривичниот законик и др.

Со измените се додаваат две нови дефиниции во делот со кој е уредено значењето на изразите во Кривичниот законик. Така, „Под насилство врз дете се подразбира покрај насилството од точка 21 од овој член и психичко насилство, насилство преку интернет, врсничко насилство, како и демнење и следење на детето.“

Клучен и најзначаен дел од законот се одредбите со кои се ревидираат одредбите што го тангираат криминалот сторен од омраза. Поставувањето на ефикасен модел на спречување на делата на омраза се соочува со одредени специфичности, што го разликуваат овој облик од другите видови криминал.  Поимот „кривично дело на омраза” се дефинира како дело мотивирано со непријателски однос, пристрасност или предрасуди кон жртвата како припадник на определена социјална група, или кон самата социјална група, изречно предвидено со закон како казнено дело. Оваа дефиниција содржи три елементи: омраза, (по правило), насилство и посебен основ за дискриминација на жртвата како припадник на определена група.

Со измените се воведуваат и две нови кривични дела: „Даночна измама“ и „Избегнување на плаќање акцизи“.

„Со кривичното дело ‘Даночна измама’ се санкционира тој што со намера за себе или за друг да стекне противправна имотна корист на даночниот орган ќе му даде лажни податоци во даночната пријава, со што ќе го доведе во заблуда даночниот орган со цел неоснованo да побара враќање на данок или намалување на обврска за данок, од поголема вредност, за што е пропишана казна затвор од шест месеци до три години и со парична казна. Со ова дело се пропишани и два квалифицирани облика и одговорност за правното лице“, се вели во законското образложение.

„Со новото кривично дело ‘Избегнување на плаќање акцизи’ се предвидува тој што со намера самиот или некој друг да избегне целосно или делумно плаќање на акциза на кои е обврзан со закон, ги движи добрата подложни на акциза спротивно на законот или ги испрати од акцизен склад и ги пушти во промет стоки за кои се плаќа акциза без акцизна марка, или без да пресмета и плати акциза или акцизната дозвола или одобрението ги пренесе на други лица или акцизните добра ги употреби спротивно на намената, а износот на акцизата е од поголема вредност ќе се казни со затвор од шест месеци до три години и со парична казна“, се додава во образложението.

Исто така, со измените се воведува ново кривично дело „Попречување на правдата“. Со воведувањето на ова дело, се образложува во законските измени,  ќе се оневозможат одредени дејствија кои ги попречуваат кривичните постапки, другите постапки пред суд или постапките пред органите што се водат во согласност со закон. Исто така, за ова дело е пропишана и одговорност на правно лице, а е предвидена и можност  за изрекување забрана за вршење професија, дејност или должност.

М.В