/ Прочитано:

1.203

Новинарите на протест побараа да функционира правната држава и да запре насилството кон нив

 На денешниот протест пред Владата новинарите побараа Владата да покаже на дело дека се залага за функционирање на секој сегмент на правната држава, особено кога се во прашање слободата на говор и физичкиот интегритет на новинарите.

Повод за протестот беа заканите упатени кон претседателот на Здружението на новинари Насер Селмани од страна Бекир Асани, висок партиски функционер на ДУИ, која е коалиционен партнер во Владата.

„Контроверзниот Асани ужива углед на недопирливост и неказнивост, а неговите последни навреди и закани упатени кон Селмани имаат цел да ги заплашат сите новинари. Ова не е само протест за поддршка на колегата Насер Селмани, кој е изложен на сериозни закани и притисок, туку и порака до сите граѓаните кои се загрижени за окрепнувањето и чувањето на темелните вредности на правната држава – слободата на говор и владеењето на правото“, истакнаа од Самостојниот синдикат на медиуми и новинарски работници.

„Вашите кучиња мора да бидат врзани за да не касаат, зашто кога ќе почнат да касаат, ќе биде доцна“, порача претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, кој истакна дека не се прифаќаат објаснувањата дека во Владата има добри и лоши и дека во Македонија постојат две Влади.

„Ние даноци плаќаме на оваа Влада и таа има обврска да ги замолчи насилниците. Не е време Владата да повикува на осуда на насилството, тоа не е доволно. Владата има обврска да ги замолчи насилниците, инаку во спротивно ќе стане дел од таа приказна“, истакна Селмани.

Тамара Чаусидис,  претседателка на Самостојниот синдикат на медиуми и новинарски работници, рече дека бараат полициска заштита за Селмани, Јавното обвинителство да постапи по службена должност, а Владата да овозможи безбедност за новинарите.

„Бараме да се обезбеди полициска заштита за колегата затоа што станува збор за закани од групација и лице коешто веќе има минат труд во однос на насилство кон новинари и насилство кон оние со кои не се согласува. Исто така, бараме од Обвинителство да постапува по службена должност затоа што она што се случува сега со Селмани, кој укажа на непочитување на правната држава и селективна правда, е нешто што се однесува на за сите нас“, рече Чаусидис, нагласувајќи дека е потребно институциите да си ја вршат својата должност, а не да изразуваат соопштенија и солидарност. Нас, нагласи Чаусидис, ни требаат дела, а не соопштенија.

M.В