/Прочитано:

5.339

Новиот Закон за извршување пред пратениците

НОВИНИ ВО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНОТ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ: Вонсудска наплата на долгови, задолжително известување пред блокада…

Предлог - законот за извршување, кој подолго време беше во владина постапка, е на прво читање во Собранието. Целта на новото законско решение, како што се наведува,  е поефикасно остварување на правата на граѓаните и правните лица и сите учесници во постапката пред извршител, а со правец на надградување на системот за брзо и ефикасно спроведување на извршување и остварување на правата на доверителите.

Izvrsiteli 1Новото законско решениe има за цел прецизирање на досегашните одредби од постојниот закон, пополнување на правните празнини, номотехничко и содржинско преуредување на структурата на законот, проширување на надлежноста на извршителите со воведување на вонсудска наплата на долгови врз основа на веродостојна исправа, воведување на електронско полагање на испитот за извршители, допрецизирање на одредбите за дисциплинската постапка, дисциплинските повреди и дисциплинските мерки, како и допрецизирање на одредбите кои доведуваа до различна примена од страна на извршителите при спроведување на извршувањето.

Вонсудска наплата на долгови од комунални услуги

Предлог-законот предвидува вонсудската наплата на долгови  која се однесува исклучиво на долгови кои произлегуваат од комунални услуги. Станува збор за целосно ново извршно дејствие по барање на извршителите.  Имено, според Предлог-законот, вонсудската наплата на долгови за комунални сметки извршителот ја спроведува со согласност на должникот. По приeмот на барањето за вонсудска наплата на долгови од доверителот, извршителот го повикува должникот да го подмири долгот во рок не подолг од 15 дена и му ги предочува на должникот сите постапки и трошоци во случај на неуспешна вонсудска наплата.  По исклучок и со согласност на доверителот, наплатата на долгот може да се врши и во рок подолг од 15 дена.

„Со Вонсудска наплата на долгови по основ на веродостојна исправа на доверителите им се овозможува, користејќи го неспорно ефикасниот систем на извршителите, да им ги предочат обврските на должниците, како и правните последици од нивното ненавремено намирување. Ова дејствие ќе се презема исклучиво по барање и на трошок на доверителот, што значи дека нема да ги кумулира трошоците за должникот. Главната цел е да се обезбеди уредна достава на веродостојните исправи до должниците пред воопшто да се започне постапка за нивна присилна наплата“, се наведува во образложението на Предлог-законот.

„Вонсудската наплата на долгови“ претставува обид за наплата на парично побарување по фактури за комунални сметки (електрична енергија, топлинска енергија, вода, смет, телефонија, мобилни оператори, кабелски оператори, трошоци за редовно одржување на заедничките делови на зградата што е во етажна сопственост), што го спроведува извршител по барање на доверителот, со согласност на должникот…

Задолжително повикување на должникот да го намири долгот пред блокада на сметка

Новина во Предлог-законот е и тоа што извршителот, во случај кога должник е физичко лице, задолжително пред да преземе било какви други извршни дејствија, меѓу кои е и блокирањето на сметка, ќе го повика должникот во рок од 3 дена да го намири побарувањето и истовремено ќе побара од него да ја соопшти својата имотна состојба, статусот на вработено лице и висината на приходите од плата и други надоместоци.

Се скратува рокот за утврдување на вредноста на недвижностите

При изработката на законот, се посочува во Предлог-законот, се ценеа препораките на Дуинг бизнис за подобрување на бизнис климата во Република Македонија, па се направи сериозна измена во делот на извршување врз недвижности.

„Скратен е рокот за утврдување на вредноста на недвижностите од страна на проценителите од 15 на 8 дена, и отстранета е можноста за трето јавно надавање на недвижностите, со цел да се дестимулираат манипулациите на потенцијалните купувачи за намалување на цената на недвижностите со што се оштетуваа должниците и доверителите, а бенефит имаа само „професионалните“ учесници на јавните наддавања. На тој начин се скратува времето на извршувањето врз недвижност за најмалку 45 дена. и се гарантира вредноста на недвижноста, бидејќи цената на недвижноста не може да спушти под 75% од проценетата вредност“, се вели во образложението.

Се очекува со ваквата измена да се стимулираат купувачите да ги купуваат недвижностите на јавно нададавање со можност на лицитирање на повисоки цени, а не да се калкулира со рушење на цените на недвижностите. Продажба со непосредна спогодба може да се склучи во секое време по одржана прва јавна продажба, но не подоцна од 90 дена по одржана втора јавна продажба.

Задолжителна електронска комуникација на извршителот со катастарот

Со законското решение воедно се предвидува обврска за задолжителна електронска комуникација на извршителот со катастарот со што значајно ќе се скрати времето за вршење на уписи во Катастарот, но и прибирање на податоци од него, со што ќе се зголеми ефикасноста на постапувањето, и ќе се намалат трошоците во истата.

„Новиот закон создава дополнителни трошоци за извршителите, кои ќе треба да обезбедат квалификуван сертификат издаден од овластен издавач (електронски потпис) за електронско потпишување на предметите во постапките пред катастарот, но и другите институции и носителите на платниот промет со цел да се поедностави и забрза постапувањето пред нив“, се наведува во Предлог-законот.

Знаењето на извршителот ќе се проверува на секои 7 години од именувањето

Законот е усогласен и со Законот за општа управна постапка, а системот на полагање на испитот за извршители е целосно усогласен со Законот за полагање на правосудниот испит.

Воедно со законското решение се предвидува именуваните извршители да  полагаат стручен испит за проверка на знаењето на секои 7 години од денот на именувањето.

Именуваните извршители согласно актуелниот Законот извршување, пак, првиот стручен испит за за проверка на знаењето ќе го полагаат најдоцна во рок од 2 години од денот на влегување во сила на новото законско решение, а потоа проверката на знаењето на извршителите се врши на секои 7 години од денот на полагањето на последниот испит за проверка на знаењето.

Прецизирани дисциплинските мерки

Во Предлог-законот посебен акцент е ставен на одредбите кои го регулираат надзорот над работата на извршителите и Комората на извршители на Република Македонија. Регулирано е вршењето на надзорот од страна на Министерството за правда над работата на извршителите и на Комората на извршители на Република Македонија со што се обезбедува законито, ефикасно и стручно вршење на должноста извршител, како и воедначено постапување од страна на извршителите.

„Прецизирани се дисциплинските мерки кои се соодветни на тежината на сторените дисциплински повреди кои ќе делуваат превентивно и на другите извршители и се обезбедува правната сигурност на граѓаните во Република Македонија“, се наведува во Предлог законот.

Се воведуваат прекршочни одредби

Новина во законската регулатива е и воведувањето на главата за прекршочни одредби, во којa што се предвидуваат прекршочни казни за сторени прекршоци од страна на Претседателот на Комората на извршители на Република Македонија, и други лица кои не ги почитуваат одредбите од законот, кои се во целост усогласени со Законот за прекршоци.

Од новото законско решение целосно е отстранет делот кој се однесуваше на процесот за донесување на решение со кое се дозволува извршување врз основа на веродостојна исправа, со оглед на околноста дека целиот овој процес е вграден во Предлог-законот за Нотаријат кој исто така е во собраниска постапка.

„Имено со оглед на фактот дека целиот овој дел уредуваше постапка на донесување на решение за извршување врз основа на веродостојна исправа од страна на нотарите во Република Македонија, се сметаше дека е најцелисходно овој дел да се смести во матичниот Закон за нотаријат. Извршувањето на истите е веќе опфатен со член 12 од Предлог-законот“, се вели во Предлог-законот за извршување.

Донесувањето на новиот Закон за извршување ќе предизвика потреба од целосна ревизија и усвојување на подзаконски акти предвидени со ова законско решение, како и на нова Тарифа за награда и надоместок за работата на извршителите.

Со новиот закон, како што се посочува, ќе се обезбеди воедначена примена на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот од страна на извршителите и спречување на нелојална конкуренција.

Предложеното законско решение се темели на следните начела: заштита на странките, учесниците во постапката и нивните семејства, итност и редослед на постапување, редоследно намирување на доверителите.

„Сите решенија преточени во одредбите од Нацрт на Законот за извршување се одраз на потребите од решавањето на постојните проблеми со кои се соочуваат извршителите во пракса, а граѓаните во полесниот пристап до остварувањето на нивните права и интереси и подобрување на системот за извршување“, се вели во Предлог-законот.

>> Предлог-закон за извршување