/ Прочитано:

11.048

Новиот Управен одбор на Адвокатската комора на Република Македонија

Новиот Управен одбор на Адвокатската комора на Република Македонија е спој на младоста и искуството, и во периодот што следува ќе се бори за интересите на адвокатурата и на граѓаните и ќе придонесе кон доследно почитување на владеењето на правото и на правната сигурност. Новиот Управен одбор, вели претседателот на АКРМ, Љубомир Михајловски – Џанго, е „дрим тим“ на Адвокатската комора на Република Македонија.

Адвокатите го избраа Управниот одбор на 63-тото Годишно собрание, на кое беше избран и првиот човек на АКРМ. Според Статутот на АКРМ, Собранието на Комората  го избира Управниот одбор кој е раководен орган на Комората и извршен орган на Собранието. На конститутивната седница, Управниот одбор од редот на своите членови избира претседател на Управниот одбор и двајца заменици, со мандат од две години. Претседателот на Управниот одбор, се пропишува во членот 21 од Статутот, ја застапува и ја претставува Комората.

Новите членови на Управниот одбор на АКРМ се (од лево кон десно): Стојан Прензоски, адвокат од Охрид, Владимир Стојкоски, адвокат од Струга, Живко Ајтов, адвокат од Кавадарци, Гордана Митовска, адвокат од Скопје, Александар Симјановски, адвокат од Тетово,  Бесим Реџепи, заменик-претседател на АКРМ и адвокат од Гостивар, Никола Главинче, адвокат од Битола, Љубомир Михајловски-Џанго, претседател на АКРМ и адвокат од Скопје, Жана Кузмановска, адвокат од Скопје, Ване Андреев, адвокат од  Струмица, Јелена Ристиќ, заменик-претседател на АКРМ и адвокат од Скопје, Стевче Глигоров, адвокат од  Скопје, Дарко Џорлев, адвокат од  Штип, Доне Кузмановски, адвокат од  Битола, Оливер Гашев, адвокат од Велес, Никола Петров, адвокат од Струмица и Димитар Панчевски, адвокат од Скопје.

Претседателот на АКРМ, Љубомир Михајловски-Џанго, на 63-тото Годишно собрание истакна дека заеднички со Управниот одбор ќе се заложат за јакнењето на адвокатурата и за нејзината независност и самостојност, како и за нејзиниот углед.

„Мојата првенствена заложба е да ги држам адвокатурата и Комората подалеку од политиката. Потоа, да се зајакне квалитетот на адвокатурата преку создавање на законски решенија во интерес на адвокатите и граѓаните, како и во однос на еднаквата положба на адвокатите во постапките. Во таа смисла, моја заложба ќе биде и адвокатите да учествуваат во подготовката на прописите бидејќи во таа насока од клучно значење се нивните мислења, предлози и сугестии како бранители на човековите права. Исто така, во работата на АКРМ акцентот ќе биде ставен и на континуираната едукација на адвокатите, како и  на меѓународната и регионалната соработка на АКРМ. Од големо значење во понатамошниот период е и да се обезбедат подобри услови за работата на Комората“, истакна новиот претседател на АКРМ, Љубомир Михајловски-Џанго.

Поранешниот претседател на Комората, Никола Додевски на новото раководство на Комората му посака успех, истрајност и одлучност во реализирањето на своите цели, а во насока на продолжување на историскиот континуитет на адвокатурата и улогата на адвокатите во општеството како вистински заштитници на човековите права.

Во рамките на 63-тото Годишно собрание, Никола Додевски за успешното раководење на Комората доби и признание од страна на Стручната служба на Комората, за која тој подвлече дека има значаен и единствен придонес  во работата на Комората.

М.В