/Прочитано:

149

Новиот Закон за вршење на сметководствени работи во собраниска процедура

Владата на РМ го поднесе Предлог-законот за вршење на сметководствени работи во Собранието на РМ. Предлог-законот, се вели во законското образложение,  е во насока на подобрување на функционалноста на Институтот и поголема вклученост на членовите на Институтот во неговата работа.

Исто така, целта е да се овозможи слободен влез во професијата за сите заинтересирани лица веднаш по завршување на формалното образование и стекнување на искуство во вршење на сметководствени работи пред, во текот и по завршувањето на стручниот испит за сметководител, односно овластен сметководител. Ќе се овозможи намалување на трошоците во работењето на правните субјекти кои не вршат сметководствена дејност преку ослободување од обврската за вработување на сметководител, односно овластен сметководител за вршење на сметководствени работи, освен за потребите за составување и потпишување на годишна сметка и/или финансиски извештаи.

„Законот за вршење на сметководствени работи беше донесен во 2012 година, но не беше во целосна примена сè до 2016 година кога беа избрани првите органи на Институтот на сметководители и овластени сметководители.

Од започнување со работа на Институтот, преку голем број на претставки беа посочени низа примери за нетранспарентност и неодговорност во работењето на Институтот и отстапувања од законските овластувања на Институтот, како: акредитација за едукатори за континуирано професионално усовршување, членарини за правните лица кои вршат сметководствени работи и тарифник за надоместоци за сметководствени услуги. Дополнително, Министерството за финансии, како надлежен орган за надзор на работењето на Институтот, спроведе надзор и утврди низа неправилности и незаконитости во работењето на Институтот, меѓу кои: нетранспарентност во изборот на претставници на подружниците на Институтот, непостоење на акти за основање и работа на подружниците на Институтот, незаконска постапка при избор и отповикување на членови на органите на управување на Институтот, необјавување на актите на Институтот на неговата интернет страница.

Заради надминување на констатираните состојби во работењето на Институтот се предлагаат законски решенија кои треба да ги решат тековните проблеми и да обезбедат зајакнување на капацитетите на Институтот, демократизација и инклузија на сите членови на Институтот и професионалци од еснафот со цел унапредување на сметководствената професија“, се образложува во Предлог-законот.

Законските измени за сметководствените работи, ревизијата и  јавниот  долг на владина седница

Утврден новиот текст на Предлог-законот за вршење сметководствени работи

Сметководителите се против нов закон подготвен без нивно учество

М.В