/ Прочитано:

2.753

НОВО ИЗДАНИЕ НА АКАДЕМИК: „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“

Во оваа публикација, конципирана од проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски, се дадени точно 199 модели на договори и други акти, со предложени различни модели за одделни видови на договорни односи. Оваа книга претставува одлична насока и корисна алатка во рацете на читателот, кој преку одбирање на најсоодветниот модел на договор ќе може да го уреди својот конкретен договорен однос. Нејзината најголема корист се состои во тоа што нуди систематизиран и, пред сè, прегледен пристап до различните модели на договори, на тој начин олеснувајќи го изборот на најдобро решение за утврдување на конкретниот договорен однос.

1 dogovori

„199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ е последното издание на „Академик“.

Публикацијата „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ се создаде како одговор на потребата од општоприфатени и стандардизирани договорни одредби. Таа е втора публикација и претставува пречистен, изменет и дополнет текст кој излегува точно 21 година по издавањето на првата ваква публикација „177 Обрасци на договори од комерцијалното и стопанско работење и од имотното право“, труд на д-р Кирил Чавдар и д-р Димко Миленков, во издание на „Академик“, Скопје.

Во оваа публикација, конципирана од проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски, се дадени точно 199 модели на договори и други акти, со предложени различни модели за одделни видови на договорни односи. Оваа книга претставува одлична насока и корисна алатка во рацете на читателот, кој преку одбирање на најсоодветниот модел на договор ќе може да го уреди својот конкретен договорен однос. Нејзината најголема корист се состои во тоа што нуди систематизиран и, пред сè, прегледен пристап до различните модели на договори, на тој начин олеснувајќи го изборот на најдобро решение за утврдување на конкретниот договорен однос.

Потребата од втора публикација произлезе од дводеценискиот еволутивен развој во полето на договорната практика. Фундаментот што го одредува севкупниот период на развој на договорното право е определен од правната рамка на материјалното договорно право поставувана во периодот од дваесет години. Тука, пресвртот е одреден со донесувањето на новиот Закон за облигационите односи во 2001 година. За време на дводеценискиот тек и развој, се забележува дека македонското договорно право без застој ги следи европските трендови. Исто така, за време на овој период, покрај донесувањето на Законот за облигационите односи, донесени се повеќе законски решенија со кои се опфатени мноштво договорни односи. Уште една важна одлика на развојот на македонското договорно право е и преземањето на некои договорни неименувани односи и нивното ставање под чадорот на позитивното право.

Моделите на договорите што се претставени во овој труд го одразуваат искуството на договорната практика наталожено во периодот од дваесет години. Тие се поделени на дванаесет поглавја, сообразени според потребите и барањата на современата договорна практика. Првото поглавје се состои од 28 модели на договори за продажба, додека  посебен дел од оваа публикација се различните документи кои можат да се сретнат во трговското статусно право. Како посебен вид на креација се издаваштвото и авторската дејност, и затоа се претставени многу модели на договори кои ја третираат оваа област.

Како дополнителни алатки и насоки за полесно разбирање и снаоѓање, дел од оваа публикација се и Листата на закони и други правни акти, како и Поимникот од дадени поими според нивната употреба во одделните обрасци, односно модели на договори. Оваа книга е создадена со цел да им биде од корист на сите субјекти, од адвокати до студенти, кои практикуваат договорно право.