/ Прочитано:

1.489

НВО: Кандидатите за градоначалници во предизборните програми да предвидат сервиси за заштита на жени и девојчиња жртви на насилство

Од кандидатите и кандидатките за градоначалници, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство очекува да предвидат и пакет на социјални мерки за овие жени, со цел да го олеснат нивниот процес на осамостојување и економско јакнење по напуштање на насилната средина.

Во пресрет на локалните избори кои треба да се одржат на 15 октомври, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство испрати барање до кандидатите и кандидатките за градоначалници во нивните предизборни програми да вклучат специјализирани сервиси за заштита на жени и девојчиња жртви на различни форми на насилство.

На овој начин, како што потенцираат граѓанските здруженија, би се вовел минимум пакет на специјализирани сервиси во рамки на еден плански регион со кој ќе се унапредат достапноста и пристапноста на сервисите за жените од урбаните и руралните заедници, како и за жените со различни видови попречености. Пакетот сервиси опфаќа: засолниште/шелтер центар, кризен центар, СОС-линија, советувалиштен центар за психо-социјална поддршка и бесплатна правна помош.

Од кандидатите и кандидатките за градоначалници, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство очекува да предвидат и пакет на социјални мерки за овие жени, со цел да го олеснат нивниот процес на осамостојување и економско јакнење по напуштање на насилната средина.

Оттаму потсетуваат дека во ноември минатата година, лидерите на 17 политички партии ја потпишаа заедничката Декларација за спречување и борба против насилство врз жените. Со тоа, додаваат оттаму, тие се обврзаа да ја ратификуваат Истанбулската конвенција доколку бидат избрани во новиот состав на Парламентот и да обезбедат финансиски средства за специјализирани сервиси за жртви на родово базирано насилство.

Процесот за ратификација на Конвенцијата е веќе започнат и се очекува да се случи до крајот на годинава. Самата Конвенција предвидува вклучување на локалната самоуправа во обезбедување на заштита од сите форми на родово базирано насилство, како што веќе е дефинирано и во постојниот Закон за превенција, спречување и заштита од семејно насилство.

„Јавната заложба на кандидатите и кандидатките за градоначалници ќе биде значаен чекор во решавање на проблемот на достапни сервиси и услуги за жртвите на родово базирано насилство на локално ниво и ќе биде јасен показател за свесноста за постоење на овој проблем кој го засега половина од населението (жените и девојчињата) и потребата од негово што поефективно решавање. Македонија е земја со висока стапка на родово базирано насилство, вклучувајќи семејно насилство, што продолжува да бидe еден од водечките социјални проблеми во земјата кои пошироко од влијанието врз индивидуите, оставаат сериозни последици врз семејствата, заедниците и целокупното општество, но и резултираат со значајни економски и социјални трошоци за земјата“, велат од Националната мрежа.

Инаку, Националната мрежа во 2016 година изработи мапирање на достапните услуги за жените жртви на насилство, при што заклучи дека Македонија далеку заостанува зад воспоставените основни стандарди дефинирани во Конвенцијата на Советот за Европа за спречување и борба против насилство врз жените и семејно насилство (Истанбулска конвенција), која предвидува постоење и на специјализирани услуги покрај општите/генерални сервиси кои ги обезбедува центарот за социјална работа.

А. Б.