/ Прочитано:

1.599

Обезбедувањето на обвинителите само во посебни случаи со оружје во судница

Обезбедувањето на обвинителката Лидија Раичевиќ Вучкова на рочиштето за случајот „Ровер“ не само што испровоцира револт кај одбраната и кај поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски кој е обвинет за помагање на убиство, направи „циркус“ на рочиштето, но и отвори дилеми во јавноста околу правото на присутво во судница. Одбраната прецизно бараше објаснување зошто и каде стои дека обвинителот може во судница да влезе со вооружeни лица, обвинителката се уште не се изјасни дали има закани и се чувствува загрозено поради овој предмет. Србија ги обезбедува сите загрозени, од политичари до фудбалери, меѓу нив се судиите и јавните обвинители. 

Не е првпат јавноста да го забележи обезбедувањето на обвинителките од организиран криминал, но овој пат следеа бурни реакции и комичен театар во најголемата судница на Кривичниот суд.

Одбраната на поранешниот министер за внатрешни Љубе Бошковски се повика на член од Законот за кривична постапка за да се расчисти ситуацијата околу стравот на обвинетиот Бошковски од лицата што ја обезбедуваа обвинителката.

Член 279 од Закон за кривичната постапка

(1) Главниот претрес е јавен.

(2) На главниот претрес можат да присуствуваат полнолетни лица.

(3) Лицата кои присуствуваат на главниот претрес не смеат да носат оружје или опасно орудие, освен припадниците на судската полиција и припадниците на службата за обезбедување во казнено-поправните установи кои можат да бидат вооружени.

И покрај тоа што процесот навидум изгледаше како судење на филм со рипање на адвокатите и гестикулирање на обвинителката, еден од фокусот на јавноста беше насочен кон неколкуте лица кои беа обезбедување поставени пред и позади обвинителката.

Адвокатот Владимир Ракочевиќ смета дека обвинителката си придава важност, па затоа како што вели се шета со обезбедување. Лицата што седат позади обвинителката ги помешал со судии поротници бидејќи како што рече според  начинот на кој седеле му личеле како членови на кривичен совет.

„Ова е невидена работа, ако некој и се заканил, и претел, нека каже, закани на службено лица се кривично дело. Нека ни објасни кој и се заканува и зошто во судница околу неа има вооружени лица“.

Лицата од обезбедување беа во цивилка, можеби вооружени, но јавно не се забележуваше оружјето. Сепак, нивната корпулентност падна во очи на јавноста, а најмногу кај обвинетиот Љубе Бошковски кој бараше објаснување од обвинителката од кого и од што се плаши.

Обвинителите со обезбедување во зависнот од структурата на обвинети

Обвинителката Лидија Раичевиќ Вучкова во неформален разговор ни појасни дека нејзиното обезбедување не зависи од нејзе, за тоа решаваат нејзините надредени. Како што рече тоа било прашање по кое одлучуваат институциите, а не обвинителите индивидуално. За тоа се решавало во зависност од предметот, односно структурата на обвинетите, сепак уште еднаш истакна дека не се работи за нејзина одлука. Рече дека во судската постапка професионално ќе се фокусирала на доказите, а не како што ја нарече „парадата“ од пред некој ден.

Невербалното однесување на обезбедувањето сепак предизвикува внимание

Министерството за внатрешни работи преку Правилник ги прецизира физичкиот изглед и психичката состојба на своите службеници.

„Службениците можат да имаат отстапување од нормална телесна тежина од -20% до +30%. Главата и вратот да им се со нормална конфигурација без анатомски отстапувања, деформитети и лузни кои предизвикуваат функционални или естетски промени. Во однос на психичката состојба не смеат да боледуваат од душевни растројства, но им е дозволена интелектуална тапост и душевна заостанатост“, стои во Правилникот.

Освен судската полиција и спроводниците од истражните затвори, циркусот во судницата од пред некој ден го направи појавата на специјалното обезбедување, односно припадниците од специјалните единици на МВР. Јавноста ги забележа поради нивното невербално однесување односно корпулентна појава и нивната поставеност во судницата.

Обвинителот има право на обезбедување, но не е утврдено дали станува збор за вооружено обезбедување

Експертот по кривично право, Гордан Кајалџиев се согласува дека обвинителите треба да имаат заштита, но во законски рамки не е до крај разјаснето за каква заштита станува збор.

„Точно е дека по Закон за ЈО на обвинителите им следува обезбедување, но тоа само по себе се уште не значи дека може да седат со оружје на главен претрес, особено кога на тој простор веќе има обезбедување и треба да се користи рестриктивно, за да не пречи и да не влијае врз постапката. Мој впечаток е дека впрочем и за се друго малку претерале и прават театар, со цел да се прикаже дека многу се борат со опасни криминалци. Сепак, тоа е само впечаток, за мислење немам оформено бидејќи немам конкретни податоци за опасноста по безбедноста во конкретниот случај“, рече Кајалџиев.

Член 58 од Законот за Јавното обвинителство

(1) Посебни права на јавниот обвинител во вршењето на функцијата се: – да може да влегува и да има слободен премин на станиците, аеродромите, пристаништата, само со покажување на легитимација, – да има право на дозвола за носење на оружје и набавка на соодветна муниција, – бесплатно да го употребува јавниот, сувоземниот или езерскиот сообраќај на подрачјето во кое ја врши функцијата, во случаите на службена потреба или кога времено е упатен во друго јавно обвинителство, – да има посебна заштита за неговата личност, за семејството и имотот, по барање на претпоставениот јавен обвинител до полицијата во местото на живеење секогаш кога постојат сериозни причини за неговата безбедност, – да има службена патна исправа.

(2) За посебните права од ставот (1) алинеи 1, 2 и 3 на овој член поблиски прописи донесува министерот за правда.

(3) Посебните права од ставот (1) алинеја 4 на овој член се однесуваат и за јавен обвинител во пензија.

Србија лидер во регионот на обезбедување на државни службеници

Освен српските државни функционери, неколку министри, високите служби во полицијата и во војската, Србија ги обезбедува и судиите, обвинителите, како и сите загрозени странки во судската постапка. Иако нивното обезбедување е вондредно и по потреба, сепак според статистиките на годишно ниво од српскиот буџет се одлеваат преку 2 милиони евра за обезбедување на лица. Во српското Министерство за внатрешни работи има оперативни тимови на Управата за обезбедување чии припадници поминале сложени обуки и пружаат обезбедување од секаков облик. Полицијата во неколку наврати се пофали дека  нивното обезбедување е според меѓународни стандарди во однос на вештините, познавањето на основните човекови права, прва помош, вербална, но и невербална комуникација.


Автор: Паула Божиновски Објавено: 14.12.2012