/Прочитано:

1.078

Објаснување на измените на Законот за нотаријатот, кои се во собраниска процедура

Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за нотаријатот е систематизиран во 55 законски членови, се вели во објаснувањето на содржината на законските одредби.

„Со членот 1 од Предлог законот во член 3 во ставот (4) од законот, со кој се уредуваат начелата во вршење на нотарската служба се додава и  диспозиција на странките со цел да се пропише дека волјата на странките како општ принцип на граѓанското право е прифатена и во постапките пред нотарите.

Со членовите 2, 3 и 4 од предлог законот, се пропишуваат условите и  постапката за именување на нотарите бидејќи со претходниот концепт на законските одредби постапката беше сложена и се создадоа пречки кои доведоа до стагнирање на постапката за именување на нови нотари. Како новина во условите за именување на нотар се предвидува кандидатот да има положено и правосуден испит, освен нотарски испит имајќи предвид дека нотарите при вршењето на нотарската служба вршат и доверени работи од судот така што познавањето на правото и законите е основен предуслов за квалитетно и стручно вршење на нотарската служба.

Со членот 5 од предлог законот, во членот 20 од законот се додава нов основ за разрешување на нотар со кој се пропишува дека нотарот ќе биде разрешен доколку е член на органи на политичка партија, финансира партија,  партиска коалиција или кандидати на изборите.

Со членот 6 од предлог законот кој се однесува на член 23 од законот се уредува начинот на  чувањето на архивата на нотарот на кој му престанала службата и  се пропишува дека нотарската архива  се предава на чување на судот на чие подрачје нотарот имал седиште, но и на нотарот кој е последен именуван на подрачјето на судот на кој му престанала службата на нотарот, кои нотари ќе станат нотари кои привремено ја вршат службата, како попрактично и поекономично решение имајќи предвид дека со  досегашното  решение  беше предвидено освен судот чувањето  да го  врши  Комората  која нема просторни можности и услови тоа да го врши, а ангажирањето на друго правно лице кое регистрирано за дејноста архивирање и чување  предизвикува големи материјални трошоци.

Со членот 7 од предлог законот, кој е предлог на НКРМ, се додава нов наслов и нов член  26-а во законот,   со кој се пропишува дека учесникот има право на слободен избор на нотар со цел да се влијае на спречување на појавата на нелојална конкуренција и да се спречи концентрацијата на предмети кај определени нотари.

Со членот 8 од предлог законот, во членот 27 од законот се бришат зборовите „без негова претходна согласност“ со оглед на тоа што наведените зборови ја менуваат содржината на законската одредба и даваа можност за погрешно толкување на истата.

Со членот 9 се врши корекција  во член 28 од законот,   во врска со отсуството на нотарот така што бројот 40 се заменува со бројот 60.

Со членот 10 од предлог законот, се врши измена во членот 32 од законот со која се прецизира постапката за изземање на нотарот.

Со членот 11 од предлог законот, се воведува нов член 35-а од законот со наслов  „Забрана на нелојална конкуренција“  со кој се предвидува дека  е забрането  нотарот со странка да договара и наплати награда спротивно на Нотарската тарифа, а странката која има сознанија за друг нотар да го пријави во НКРМ.

Со членовите 12, 13 и 14 од предлог законот, се врши терминолошко подобрување и усогласување  на одредбите од член 36, 38 и 40 од Законот за нотаријатот.

Со членот 15 од предлог законот, кој се однесува на член 52 од законот  се  пропишуваат правните работи за кои е нотарскиот акт е задолжителен и се предвидува дека нотарскиот акт се составува за други правни работи и изјави за кои со закон е предвидено дека мора да бидат во составени во форма на нотарски акт со што практично се враќа составувањето на нотарскиот акт од страна на нотарите во вршењето на нотарската служба и на овој начин се влијае на ефикaсноста, економичноста и правната сигурност во  постапката пред нотар.

Со членот  16 од предлог законот се врши измена на член 57 на начин што се додава нов став (4) од законот што предвидува кога во правната работа како странка се јавува банка, осигурително друштво или странско правно лице, тековната состојба да може да биде издадена не повеќе од 30 дена. Ова од причини што во пракса е проблематично да се добие истиот ден тековната состојба, а од друга страна промените кај банките и осигурителни друштва се вршат во сложена постапка со што нема последици доколку тековната состојба е со постар датум. Исто е проблем издавањето на тековна состојба, ако се работи за странски правни лица.

Со член 17 од предлог законот, се врши измена и дополнување на член 59 став (1) од законот, со која се уредува и прецизира кога е потребно присуство на сведоци на нотарскиот акт, бидејќи досегашното законско решение беше нелогично и нерационално ги отежнуваше постапките  на граѓаните им беше оневозможено да преземат било какво дејство без сведоци.

Со член 18 од предлог законот, кој се однесува на член 68 став (2) од законот се уредува постапката во врска со поднесувањето на нотарски платен налог за комунални услуги.

Со членот 19 од предлог законот, во членот 69 став (1) од законот се додаваат зборовите и попис на трошоци кои доверителот бара да му бидат надоместени од должникот, со цел овој попис да биде предмет на оценување на оценка во случај на приговор на доверителот во судот бидејќи доколку трошоците не се попишани за што се однесуваат судот нема да биде во можност да даде релевантна оценка на приговорот за трошоци.

Со членот 20 од предлог законот, во членот 70 од законот се уредува постапката за поднесување на нотарски платен налог и се пропишуваат веродостојните исправи со цел во пракса да бидат опфатени сите случаи  на веродостојни исправи.

Со членот 21 од предлог законот, се врши измена на член 71 од законот заради  подобрување и прецизирање  на текстот така што редоследно се пропишува постапката за донесување на нотарски платен налог. Со измените во овој член  во однос на месната надлежност се предвидува доколку доверителот остане пасивен и не определи месно надлежен судија во тој случај нотарот ќе донесе решение со кое ќе  се огласи за месно ненадлежен и само во тој случај на нотарот му се дава овластување и право по свој слободен избор да определи месно надлежен нотар на кого ќе ги достави списите за понатамошна постапка со што ќе се оневозможи застој и ќе се даде понатамошен тек на предметот.

Со  членот 22 од предлог законот, се врши измена во член 72 став (2) од законот така што се додава дека и доверителот може да изјави приговор против решението за издавање на нотарски платен налог и одлуката за трошоци.

Со членовите 23, 24, 25, 26  и 27 од предлог законот се  врши допрецизирање и доуредување  на  одредбите  кои се однесуваат на приговорот против решението со кое е издаден  нотарски платен налог, потврдата за правосилност и извршност, укинувањето на потврдата на правосилност и извршност, наградата и трошоците во постапката за издавање на нотарски платен налог и повлекувањето на предлогот за издавање на нотарски платен налог.

Со членот 28 од предлог законот, се менува член 78 од законот и се пропишува содржината на решението за нотарски платен налог со оглед на тоа што сегашното законско решение предвидуваше штембил кој  има точно утврдена содржина и во него не можеа да се вршат измени, ниту дополнувања и не ги содржеше сите потребни податоци  од предлогот за нотарски платен налог.

Со членовите 29 и 30  од предлог законот, кои се однесуваат на членовите  79 и 80 од законот се уредува дека доставата се врши согласно одредбите од Законот за парничната постапка и дека доставувачите според ЗПП се изедначени со доставувачите  вработени во нотарската канцеларија.

Со членот 31 од предлог законот, се врши прецизирање на одредбата од член 86 став (6) од законот, со тоа што се  појаснува дека во уписникот се става забелешка при заверка на потпис или ракознак доколку лицето не го познава  јазикот дека  писменото му е прочитано од судскиот преведувач.

Со членот 32 од предлог законот, се врши измена во член 92 од законот  во насока на уредување на постапката за начинот на водење на записникот од собрание или на седница на некој друг орган на правно лице и усогласување со одредбите од Законот за трговските друштва, а зборот „потврдува“ се брише бидејќи улогата на нотарот е да го води записникот, а не да го потврдува.

Со членовите 33, 34 , 35 и 36 од предлог законот се пропишуваат условите за заменик-нотар,  помошник-нотар, нотарски стручен соработник, и нотарски приправник со оглед на тоа што со досегашниот закон постапката беше сложена и се оневозможи процесот на именување на помошници нотари во изминатиот период.

Со членот  37 од предлог законот, во членот 117 од законот се брише Регистар на полномошна бидејќи  Комората не е спремна за воспоставување на ваков Регистар кој ќе се води во електронска форма, а од друга страна Регистарот на полномошна не е потребен во праксата и може да доведе до непотребно усложнување и успорување на постапката.

Со членовите 38 и 39 од предлог законот, кои се однесуваат на членовите 129 и 130 од законот, се  врши измена во начинот на вршење надзор над Комората и надзорот над нотарите и се пропишува дека  при надзорот се составува Записник кој го потпишуваат овластените лица од министерството, судијата и Претседателот на комората или нотарот овластен од него, односно нотарот над кој се врши надзорот  а за утврдените состојби од надзорот се составува Извештај, и се предвидува дека  рокот за доставување на извештајот до нотарот и до Комората е 30 дена од денот на извршениот надзор.

Со членот 40 од предлог законот, се врши измена во членот 132 од законот така што се пропишува дисциплинска одговорност за заменик нотарот и нотарот кој привремено ја врши службата  со оглед на тоа што овие лица  ја вршат нотарската служба во отсуство на нотарот и можат да сторат  повреда на законот. Ставот (8) кој се однесува на тоа дека адвокатот кој учествувал во постапката пред нотар одговара за преземаните дејствија согласно одредбите за дисциплинска одгворност  на адвокатите од Законот за адвокатура се брише бидејќи нема потреба да биде содржано во Законот за нотаријатот и треба да се уреди во Законот за адвокатура.

Со член 41 од предлог законот, се врши измена во член 136 од законот така што се брише точка е) имајќи предвид дека во овој случај станува збор за основ за престанок на службата нотар.

Со членовите 42, 43 и 44 од предлог законот се врши измена  во членовите 138, 139 и 140 од законот во делот на дисциплинските мерки преку  намалување на  висината на  изречените  парични казни и менување на концептот според кој досега се определуваше  паричната казна така што наместо да биде определена според  висината на платата на претседател на основен суд со проширена надлежност, се уредува паричната казна да се определува со цифри во износ од 500 до 2.500 евра во зависност од тежината на дисциплинската повреда.

Со членот  45 од предлог законот се брише алинејата 13 од членот 141 од законот бидејќи истото е предвидено како основ за престанок на нотарската служба.

Со членот 46 од предлог законот се вградени 3 предлози од НКРМ за измена на член 145 од законот, со кои се предлага да се уреди составот на второстепениот дисциплински орган, надлежностите и   постапката по жалба на нотарот  против решението на  Дисциплинскиот совет со кое се изрекува дисциплинска мерка

Со членот 47 од предлог законот, се менува членот  161 од законот и се  пропишува начинот на полагање на нотарскиот испит  со оглед на тоа што електронското полагање на испити во праксата не се покажа како квалитетно и ефективно решение а и насоките од Стратегијата за реформа на правосудниот систем се во правец на укинување на електронските испити, па во тој правец се врати поранешното решение испитот да се полага  пред Комисија кое решение  е покажано како успешно и функционира  од самото воведување на нотаријатот во правниот систем на Република Македонија. Новина е тоа што како услов за полагање на нотарски испит се предвидува лицето претходно да има положено правосуден испит  со оглед на тоа што и во условите за именување на нотар е предвидено кандидатот  да има положено правосуден и  нотарски испит на овој начин се влијае на подигнување на степенот на стручност и  квалитетот на лицата кои го полагаат нотарскиот испит и во иднина ќе конкурираат за нотари.

Со членот 48 од предлог законот се бришат членовите од Законот за нотаријатот кои се однесуваат за квалификационен нотарски испит, испитот за рангирање нотар, испит за заменик нотар, помошник нотар, нотарски стручен соработник и стручен испит за проверка на знаењата и членовите  кои се однесуваат на прекршочните одредби  кои произлегуваат од  полагањето на електронскиот испит.

Со членовите 49 и 50 од предлог законот се вршат измени во делот на  висината на глобите имајќи ја предвид определбата на Владата на Република Македонија за  намалување на глобите, како и насоките од Стратегијата за реформа на правосудниот систем во однос на намалување на глобите.

Со членот 51 од предлог законот, се пропишува дека уверенијата за положен нотарски испит согласно со одредбите од Законот за вршење на нотарските работи се признаваат како уверенија за положен нотарски испит согласно овој закон.

Со членот 52 се предвидува преоден режим за пензионирање на нотарите до 30 јуни 2019 година. Наведеното решение се предлага од причини што со постоечкиот систем на полагање нотарски испит и именување беше закочен целиот процес на именување на нотари и за да нема пречки во функционирање на нотаријатот додека се стави во функција новиот начин на полагање на нотарскиот испит, се предлага наведеното решение.

Со членот 53 од Предлог – законот се уредува дека начинот на примена на новите одредби на започнатите постапки.

Со членот 54 од предлог законот, се овластува Закодавно правната комисија да изготви  пречистен текст на  Законот за нотаријатот.

Со  членот 55 од предлог законот, се уредува влегувањето во сила на овој закон.“

Измените на Законот за нотаријатот и на Законот за извршување пред пратениците

М.В