/ Прочитано:

8.322

Објаснување на измените на Законот за парничната постапка

Петок, 24 јули 2015 – Собранието на Република Македонија ги изгласа измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка.

„Целите што треба да се постигнат со измените и дополнувања на  Законот за парничната постапка, се: создавање на законски претпоставки за посоодветно остварување и заштита на правата на странките во постапката, преку зголемување на степенот на нивната одговорност за успехот во спорот со давањето на законско  право на странките, нивните законски застапници или полномошници  непосредно и без претходна дозвола од судот, да поставуваат прашања на странките, сведоците и вештаците; обезбедување посоодветни законски механизми странките да дојдат до доказите кои им се потребни во постапката, а не се наоѓаат кај нив; системско усогласување на одредбите на посебната парнична постапка по платни налози преку усогласување со предложените решенија за нотарски платен налог во Предлогот на закон за нотаријатот; зголемување на вредноста на споровите од мала вредност и споровите од мала вредност во стопанските спорови; зголемување на вредноста на предметот на спорот по кој постапува судија поединец во општата парнична постапка како и во постапката по стопанските спорови, како и пропишувањето на задолжителен обид за решавање по пат на медијација на стопанските спорови до 1.000.000 денари а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, пред поднесување на тужба до суд.  Со иземените и дополнувата на Законот за парничната постапка се исполнуваат и препораките на извештаите на  “Doing business“на Светска банка“ – Законско образложение на измените и дополнувањата на Законот за парничната постапка

Со членот 1, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9, 10, 11, 12, 13, 18, 20, 22, 23, 24, 25 став 1, 27 од Предлогот на закон се доуредуваат одредбите од Законот за парнична постапка во делот на задолжително водење на записник во форма на тонски запис.

Со членот 2 се врши зголемување на вредноста на предметот на спорот за спорови по имотно-правни барања по кои постапува судија поединец. Ваквиот предлог е во функција на поекономична парнична постапка.

Со членот 14 од Предлогот на закон се дополнува насловот пред членот 215 од Законот за парничната постапка.

Со членот 15 од Предлогот на закон се додава нов член 215-а, во кој се дефинира што претставува поимот „документ“ во смисла на Законот за парничната постапка. Согласно наведениот член, документ претставува пишан запис, слика, цртеж, податок или  информација од било кој вид зачуван на хартија или снимен во електронска, аудио, визуелна или во друга форма, како и група на документи од иста категорија или класа со конкректен  тесен опфат и со специфична содржина.

Со членот 16 од Предлогот на закон се прават измени и дополнувања на членот 217 од Законот за  парничната постапка, така што освен за исправите, одредбите на овој член се однесуваат и за документите. Се  пропишува дека ако исправата или документот се наоѓаат кај другата странка или кај трето лице, а самата странка не може да издејствува истите да и се предадат или покажат, судот може да наложи на другата странка или на третото лице да ги достават исправите или документите кои се наоѓаат кај нив, а на кои странката се повикала.

Со членот 17 од Предлогот на закон се додаваат четири нови члена: 217-а, 217-б, 217-в и 217-г. Со нив се уредува начинот на кој странките го остваруваат своето право да дојдат до документите кои им се потребни во парничната постапка а кои се наоѓаат кај спротивната странка или кај трето лице, и како судот постапува по барањето на странка. Воедно се пропишуваат и одредби со кои се прави заштита од злоупотреби и ограничување на пристапот до документ.

Со членот 19 од Предлогот на закон се менува членот 244 од Законот за парничната постапка. Согласно овие измени, странката, нејзиниот законски застапник или полномошник, има право  непосредно, без претходна дозвола од судот, да му поставува прашања и да бара објаснувања вештакот во поглед на дадениот стручен наод и меислење. Дури откако странките ќе го искористат ова законско право, судот може да му поставува прашања на вештакот и да бара објаснувања во поглед на дадениот стручен наод и мислење.

Со членот 21 од Предлогот на закон се менува и дополнува членот 287 од Законот за парничната постапка. Така, се пропишува дека странката, нејзиниот законски застапник или полномошник има право непосредно да им поставува прашања  на сведоците, вештаците и на странките. Со ваквото решение се зголемува активната улога на странките во постапката и се зголемува нивната одговорност за успехот во спорот. Воедно се регулира редоследот по кој странките го остваруваат ова законско право. Согласно новите законски решенија, само кога странката, нејзиниот законски застапник или полномошник ќе заврши со поставување на прашања, претседателот на советот може да поставува  прашања на сведокот, вештакот или странката, а потоа и членовите на советот можат непосредно да му поставуваат прашања.

Со членот 25 се врши изменување и дополнување на членот 343 став (2) од Законот за парничната постапка со две нови точки 16 и 17. Се пропишува  дека суштествена повреда на одредбите од парничната постапка постои и ако спротивно на одредбите на овој закон, судот го повредил правото на странка на поставување на прашања на противната странка, на сведоците и на вештаците. Со ова решение се заштитува правото на странките, нивните законски застапници или полномошници непосредно да поставуваат  прашања на сведоци вештаци и странки во постапката. Суштествена повреда на одредбите од парничната постапка е направена и кога рочиштето не било тонски снимено.

Со членот 26 се дополнува членот 348 став (3) од Законот за парничната постапка, и се предвидува дека ненавремено поднесениот одговор на жалба се доставува и до спротивната странка. Ваквото решение е резултат од заклучокот на Меѓуресорската комисија за извршување на одлуките на Европскиот суд за човекови права, а во врска со пресуда на Европскиот суд со која е пресудено тужената Република Македонија да исплати оштета на тужителот, со која е утврдена повреда на Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи.

Со членот 28 од Предлогот на закон се менува и дополнува  членот 354 став (2) од Законот за парничната постапка, така што се пропишува дека  второстепениот суд по службена должност внимава на повредата на одредбите од парничната постапка и кога судот го повредил правото на странка на поставување на прашања на противната странка, на сведоците и на вештаците, рочиштето не е тонски снимено, и доставата во согласност со законот не е извршена по електронски пат.

Со членот 29 од Предлогот на законот во насловот на Глава дваесет и осма називот на посебната парнична постапка се менува и гласи: Постапка по платен налог.

Со членот 30 од Предлогот на закон пред членот 417 од Законот за парничната постапка се додава поднаслов: Постапка по судски платен налог. Воведувањето на терминот “судски платен налог“ има за цел да направи разлика помеѓу платниот налог што според одредбите на Законот за паричната постапка го издава судот, од нотарскиот платен налог што го издаваат нотарите.

Со членот 31 од Предлогот на закон се врши усогласување на членот 417 врз основа на предложените измени во законот.

 Со членот 32 од Предлогот на закон се менува членот 417-а, со кој се утврдува обврската  и временскиот рок за плаќање на судска такса за тужба со предлог за издавање на платен налог.

 Со членот 33 од Предлогот на закон се менува членот 418 од постојниот закон, и се предвидува во кој случај судот ќе издаде судски платен налог. Тоа е случајот кога тужбеното барање се однесува на побарување во пари, а тоа побарување се докажува со веродостојна исправа приложена кон тужбата  и ако обврската треба да се исполни во странство. Исто така се предвидува дека постапката за издавање на судски платен налог пред првостепениот суд мора да заврши во рок од три месеци, а постапката по жалба  пред второстепениот суд во рок од 30 дена. Со определувањето на роковите во кои мора да заврши постапката по судски платен налог, се обезбедува брза и ефикасна постапка.

Со членот 34 од Предлогот на закон се додава нов член 418-а, со кој се предвидува кои исправи се сметаат како веродостојни исправи во постапката по платен налог. Како веродостојни испави се сметаат јавни исправи, меници и чекови со протест и со повратни сметки ако тие се потребни за засновање на барање, фактури, и исправи кои според посебни прописи имаат значење на јавни исправи.

Со членот 35 од Предлогот на закон се брише членот 419 од постојниот закон, со оглед на тоа што со предложените решенија е определено кога судот издава судски платен налог.

Со членовите 36, 37, 38, 39, 40 и 41 од Предлогот на закон се врши терминолошко усогласување на членовите 420до 428  од постојниот закон.

Со членот 42 од Предлогот на закон се додава нов наслов: Постапка по приговор по нотарски платен налог и се додаваат три нови члена 428-а,  428-б и 428-в. Со членот 428-а се определува дека по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог одлучува надлежен суд согласно одредбите од законот, и дека нотарот е должен предметот со сите списи да ги достави до надлежниот основен суд во рок од три дена од денот на приемот на приговорот. Ненавремените, нецелосните или недозволените приговори на нотарскиот платен налог, ќе ги отфрли судијата поединец, односно претседателот на советот без одржување на рочиште. Со членот 428-б се пропишува дека против решението на нотарот за издавање на нотарски платен налог по одлуката за трошоците како и против одлуката на нотарот по предлогот за укинување на клаузулата на правосилност и извршност, дозволен е приговор во рок од осум дена, преку нотарот до основниот суд на чие подрачје е седиштето на нотарот.

Со членот 428-в се пропишува дека  постапката по приговор на решението за издавање на нотарски платен налог мора да заврши во рок од шест месеци од денот на приемот на предметот во судот. Второстепениот суд е должен да донесе одлука по жалба поднесена против одлука на првостепениот суд во рок од 30 дена. Со вака пропишаните рокови се обезбедува брзо и ефикасно постапување на судовите во оваа постапка.

Со членот 43 од Предлогот на закон се прави измена во постапката по спорови од мала вредност преку зголемување на износот на побарувањето во пари во членот 430 став (1) од постојниот закон од 180.000 на 600.000 денари. Со ваквата измена, спорови од мала вредност се спорови во кои тужбеното барање се однесува на побарување во пари кое не го надминува износот од 600.000 денари.

Со членовите 44 и 45 од Предлогот на закон се менуваат членовите 432 и 435 став (1) и (2) од постојниот закон во насока на усогласување со предложените измени во членот 430 став (1).

Со членот 46 од Предлогот на закон се усогласува постојниот член со предложените измени во членот 430 став 1, односно поради зголемување на вредноста на споровите од мала вредност се дава можност пресудата или решението со кое се завршува спорот да може да се побива и поради погрешно или нецелосно утврдена фактичка состојба.

Со членот 47 од Предлогот на закон се менува и дополнува членот 461 од Законот за парничната постапка, и се пропишува дека  во стопанските спорови за парично побарување чија што вредност не надминува 1.000.000 денари, а по кои постапката се поведува со тужба пред суд, странките се должни, пред поднесувањето на тужбата  да се обидат спорот да го решат по пат на медијација. Доколку медијацијата не успеала, при поднесување на тужбата тужителот е должен да приложи писмен доказ издаден од медијатор дека обидот за решавање на спорот по пат на медијација не успеал, а во спротивно судот ќе ја  отфрли.

Со членот 48 од Предлогот на закон се прави измена во членот 467 од постојниот закон, така што се предвидува дека во постапката по стопанските спорови судија поединец суди ако вредноста на предметот на спорот не го надминува износот од 3.000.000 денари.

Со членот 49 од Предлогот на закон се прави измена  во членот 473 став (1) од постојниот закон, така што во постапката по стопански спорови,  спорови од мала вредност се спорови во кои тужбеното барање се однесува на побарување во пари што не го надминува износот од 600.000 денари.

Со членот 50 од Предлогот на закон,  се пропишува дека  постапките пред судовите поведени со поднесување на тужба пред денот на отпочнување на примената на овој закон, ќе се спроведат според  прописите кои важеле пред денот на отпочнување на примената на овој закон, и дека постапките пред првостепените судови кои не се поведени до денот на отпочнување на примената на овој закон, ќе се водат според одредбите од овој закон.

М.В