/ Прочитано:

1.192

Објавен петтиот шестмесечен извештај за работата на Специјалното јавно обвинителство

Петтиот извештај за работата на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за периодот од 15 септември 2017 година до 15 март 2018 година денеска е доставен до Собранието на Република Македонија и до Советот на јавните обвинители на Република Македонија.

„Најважните обележја содржани во Петтиот извештај за активностите на Јавното обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите (во натамошен текст ова Јавно обвинителство) за периодот од 15- ти септември 2017 година до 15-ти март 2018 година се одобрувањето на речиси сите поднесени обвиненија поднесени во текот на четвртиот извештаен период, како и донесувањето на првите пресуди по предметите кои се водат пред ова Јавното обвинителство“, се вели во Извештајот.

Во текот на извештајниот период од страна на судот се целосно одобрени 15 обвиненија поднесени во месец јуни 2017 година. Во оваа смисла, нагласуваат од СЈО, петтиот извештаен период несомнено претставува потврда на целокупната работа на тимот на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите од неговото започнување со работа и заклучно со поднесувањето на овој Извештај.

„Како резултат на одобрувањето на обвиненијата кои претходно ги поднесовме, во извештајниот период започнаа или се закажаа рочиштата за најголем број од поднесените обвиненија. Уште повеќе, овој период веројатно најмногу ќе го одбележат првите донесени пресуди за вкупно 11 обвинети лица, кои претставуваат резултат на квалитетната работа и преземените дејствија во спроведените истраги со кои се обезбедија цврсти докази“, се истакнува во Извештајот.

Во текот на извештајниот период заведени се 136 нови предистражни предмети. Од нив 23 предмети се формирани по сопствена иницијатива, а 113 предмети се формирани врз основа на пријави од други подносители. Во периодот од 15-ти септември 2017 година до 15-ти март 2018 година ова Јавно обвинителство отвори 7 нови истражни постапки, против вкупно 17 физички лица и целосно се одобрени вкупно 15 обвиненија поднесени во текот на месец јуни 2017 година.

И во текот на овој извештаен период Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите продолжи со преслушување, обработка и анализа на вкупно 606 555 аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство.

Заклучно со датумот на поднесување на овој Извештај се анализирала содржината на 515 572 аудио фајлови, односно во обработка се 85% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство при што се изработени 1784 транскрипти каде што врз основа на преслушаните разговори постои индикација за сторено кривично дело.

„Утврдената динамика на анализа и обработка на материјалите ќе продолжи и во претстојниот период. При анализа и обработката на материјалите се постапува согласно воспоставените интерни правилници и процедури за евидентирање на процесот на преслушување и обработка на материјалите како и обврската за целосно почитување на принципот на тајност и заштита на приватноста на граѓаните на Република Македонија и други лица, гарантирана со Уставот на Република Македонија и Европската конвенција за човекови права, и со тоа на секое лице да му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот“, се вели во Извештајот.

И во текот на петтиот извештаен период, се вели во Извештајот, продолжи процесот на одвојување на приватните разговори од разговорите кои се во обработка. Од вкупниот број на анализирани разговори 515 572, издвоени се 193 753 аудио фајлови за кои се утврди дека станува збор за приватни разговори. Ова Јавно обвинителство исто така е во процес на анализирање на повеќе од 100 000 аудио фајлови кои се прибавени при спроведени претреси кај неколку лица и во тек е утврдување дали и во колкав број овие аудио фајлови претставуваат предмет на незаконското следење на комуникациите. Од СЈО потенцираат дека голем дел од материјалите со кои располага ова Јавно обвинителство повеќе пати се обработуваат и анализираат.

„Потребно е надлежните институции сериозно да го земат предвид фактот што ова Јавно обвинителство претставува исклучително важен институционален механизам кој има важна улога во процесот на обезбедување на целосно владеење на правото во Република Македонија. Оттука потребно е да се утврдат конкретни временски рамки и да се преземат потребните мерки за прилагодување на законските норми, со цел на ова Јавно обвинителство како самостојна институција во јавнообвинителскиот систем на Република Македонија да му се овозможи автономност во постапувањето, и тоа не само по делата од сегашната негова надлежност, туку да добие надлежност и за гонење на кривични дела на корупција од висок профил“, се истакнува во Извештајот.

Извештајот може да се преземе тука.

М.В