/ Прочитано:

9.572

Објавен текстот на Предлог-законот што предвидува социјална пензија на стари лица

Министерството за труд и социјална политика го објави текстот на Предлог-законот за социјална сигурност за старите лица. Со овој закон се уредува социјалната сигурност за старите лица, посебните услови за остварување, начинот и постапката за остварување на правото на социјална сигурност за старите лица и финансирањето.

Според Предлог-законот, право на социјална сигурност за старите лица има лице со навршени 65 години возраст под услови утврдени со овој закон.  Ако подносителот на барањето за остварување на правото има брачен другар или лице со кое живее во вонбрачна заедница со навршени 65 години возраст, правото го остварува само едно од лицата.

Висината на месечниот износ на правото на социјална сигурност за старите лица изнесува 6.000 денари.

Право на социјална сигурност за старите лица има лице со навршени 65 години возраст кое:

– е државјанин на Република Македонија;

– има постојано место на живеење во Република Македонија во последните 15 години пред поднесување на барањето;

– не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува;

– не е корисник на пензија од Република Македонија или вид на исплата по основ на старост, инвалидност или доживување од друга држава;

– не остварува приходи и

– има пријавен пензиски стаж во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Македонија или стаж на осигурување во траење помалку од 15 години.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, вели дека со новиот Закон за социјална сигурност на старите лица, којшто е исто така дел од социјалната реформа, за прв пат во Македонија се воведува и социјална пензија.

„На овој начин им се обезбедува достоинствен живот на ранлива група граѓани во трета доба, кои поради низа околности не успеале да го стекнат условот од 15 години работен стаж за да остварат право на пензија. Право на надоместокот ќе имаат лица на возраст над 65 години кои имаат помалку од 15 години работен стаж, се државјани на Македонија и немаат имот“, посочува Царовска.

Јавна консултација за Предлог-законот за социјална заштита

Извештај за предлог-реформата на системот на социјална и детска заштита

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување

Во подготовка Закон за социјална сигурност за старите лица: Посебно парично давање за старите лица кои не оствариле пензија

Во подготовка Закон за социјалната заштита, чија цел е подобрена ефикасност на социјалните услуги

М.В