/ Прочитано:

3.342

Објавен текстот на предложените измени на Законот за ДДВ

Министерството за финансии го објави текстот на предложените законски измени на Законот за данокот на додадена вредност. Законските измени, кои се во фаза на подготовка, се со цел да се допрецизира и да се дополни даночното ослободување во делот на образованието и да се надополни и со научната дејност.

Дополнително, се намалува рокот во кој е задолжително даночните обврзници да останат регистрирани за цели на ДДВ, од пет години на две години. Исто така, се врши усогласување со царинските прописи, во делот на утврдувањето на даночната основа при увоз на добра и допрецизирање на времето на настанување на даночниот долг при увоз на добра, како и усогласување на враќањето на ДДВ на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи.

Законското образложение на причините за донесување на предложените измените на Законот за данокот на додадена вредност

„Со Законот за данокот на додадена вредност е воведен данокот на додадена вредност како општ потрошувачки данок и се уредува неговото пресметување и плаќање. Со законот се определува: предметот на оданочување, даночната основа, даночните ослободувања, даночните стапки, времето на настанување на даночниот долг, даночниот должник, одбивката на претходниот данок, регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност, административните обврски, плаќањето на данокот, како и казнените одредби.

Според постојното законско решение, со член 21 од Законот за данокот на додадена вредност е уредена даночната основа за увозот на добра. Според истото даночна основа за увозот на добра е вредноста на увезеното добро утврдена според царинските прописи. Воедно се уредува и прашањето за утврдување на даночна основа во случај кога увезеното добро не подлежи на прописите за царинење или на плаќање царина. Во таа насока, измените и дополнувањата на ЗДДВ во делот на утврдувањето на даночната основа при увоз на добра е со цел да се усогласи со царинските прописи.

Понатаму, според постојното законско решение, уредено со член 23, точка 17, потточка а) од ЗДДВ, ослободени од данок на додадена вредност без право на одбивка на претходен данок се образовни услуги и тоа образование и воспитување на деца и младинци, со цел да се допрецизира постојната одредба со предлага ослободувањето да се однесува и за услуги на училишно и универзитетско образование.

Исто така во членот 23 од ЗДДВ се предлагаат две нови потточки 17-а) и 17-б). Имено, со потточка 17-а) се предлага даночно ослободување без право на одбивка на претходен данок за услуги кои се вршат кон високообразовните установи со цел да се обезбедат услови за стекнување способности и вештини за вршење научно истражувачка дејност, вклучувајќи и менторирање за изработка и одбрана на магистерски или докторски трудови.

Со цел да се стимулира развојот на научната дејност со член 23 од ЗДДВ, потточка 17-б) се предлага даночно ослободувањето без право на одбивка на претходен данок да се однесува и за услуги кои се резултат на научно-истражувачка дејност согласно закон со кој се регулира научно истражувачката дејност.

Понатаму, според постојното законско решение, со член 31, став 6) од ЗДДВ, е уредено времето на настанување на даночниот долг при увозот на добра и притоа времето на настанување на даночниот долг се смета денот на настанување на обврската за плаќање на царината и другите увозни давачки, или денот на внесување на доброто во земјата, кога се работи за добро кое не подлежи на плаќање царина и моментот кога доброто, кое подлежи на режимот на добра во слободни зони, царински зони и царински складови или кога доброто е во транзит или е привремено увезено, се пушта во слободниот промет. Со предлог измената се допрецизира времето на настанување на даночниот долг при увоз на добра.

Според постојното законско решение, уредено со член 42 од ЗДДВ се предвидени посебни услови кога надлежниот даночен орган со решение го утврдува данокот на додадена вредност за соодветниот даночен период, при што при утврдувањето на данокот соодветно се применуваа одредбите на Законот за персоналниот данок на доход. Со оглед на тоа дека оданочувањето на личниот доход на физичките лица е уредено со Закон за данокот на личен доход, како и тоа дека со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за персоналниот данок на доход, се предлага измена во членот 42, став 2), од ЗДДВ, со која се врши терминолошко усогласување.

Со член 48, став (2), од постојниот ЗДДВ, е предвидено враќањето на данокот на додадена вредност на шефот на дипломатското претставништво, на членовите на дипломатскиот персонал на странското дипломатско претставништво, на конзуларните функционери, како и на нивните брачни другари, доколку овие лица стекнале добра или користеле услуги за лични потреби или за потреби на членовите на семејствата кои ги сочинуваат нивните домаќинства. Со оваа одредба не е предвидено враќањето на данокот на додадена вредност на членовите на административниот и техничкиот персонал на дипломатски и конзуларни претставништва кои не се државјани во земјата или немаат постојано престојувалиште во земјата. Со предложените измени и дополнувања во член 48, став (2), од ЗДДВ се предвидува можност за враќањето на данокот на додадена вредност и за овие лица, со што едновремено се врши и усогласување со Виенската конвенција за дипломатски односи.

Дополнително, според постојното законско решение, со член 51, став (7) од ЗДДВ е предвидено даночните обврзници кои се регистрирани за цели на данокот на додадена вредност да останат регистрирани за цели на данокот на додадена вредност најмалку во рок од пет календарски години, независно од висината на вкупниот промет. Како резултат на вакво законско решение голем број на даночни обврзници во овој период поднесуваат даночни пријави за данокот на додадена вредност според кои вкупниот промет не го надминува пропишаниот праг и во истиот немаат искажано претходен данок за одбивање, со што нема значителен фискален ефект а се зголемува административниот товар за даночниот обврзник и даночната администрација. Поради истото со додавањето на став (13) во членот 51 од ЗДДВ за овие даночни обврзници се предлага намалување на рокот од пет години на две години под определени услови“

Предложените законски измени  може да се коментираат на следниот линк.

НОВИ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА ДДВ: Намалување на рокот за регистрација за цели на ДДВ

Граѓанскиот сектор предлага законски измени за подобрување на Законот за ДДВ

Физичко лице како даночен обврзник за цели на ДДВ

Водич со корисни информации и упатства за физичките лица за данокот на додадена вредност

УЈП: До 15 јануари да се поднесе пријава за регистрација за ДДВ

М.В