/ Прочитано:

1.403

ОБВИНЕТИ ВО „ДИВА НАСЕЛБА“: Шест дена бевме во Кумановско, но не предизвикавме никаква несигурност кај граѓаните

Освен исказите на неколку обвинети како дополнение на воведниот говор на нивните бранители, сите 37 обвинети, 29 за вооружениот напад во кумановската Дива населба и осуммина за нивна логистичка поддршка, пред Судот не ги признаа делата кои им се ставаат на товар – терористичко организирање и тероризам.

Дива населба, прво рочиште

„Други  ’архитекти’ ја проектираа трагедијата од 9 и 10 мај во кумановската Дива Населба и тоа за пари.“ Ова во судницата го истакна обвинетиот Дем Шеху, кој е меѓу 29-те обвинети од т.н. „Кумановска група“.

„Ние, шест дена бевме во Дива Населба и прашајте кого сакате од граѓаните, таму имаше и Македонци, не предизвикавме никаква несигурност меѓу населението“, истакна Шеху пред Судот.

Обвинетиот Амди Красниќи, пак, пред Судот истакна дека уште од нивното апсење по кумановските случувања биле физички и психички малтретирани и принудувани да признаат вина.

„Јас и Сами Укшими не сме организаторите на оваа група како што сака да нè претстави обвинителството. Од втората група, односно помагачите, со живот тврдам дека не познавам никого. Ние насилно, сами влеговме во куќите“, рече Красниќи.

Освен исказите на неколку обвинети како дополнение на воведниот говор на нивните бранители, сите 37 обвинети, 29 за вооружениот напад во кумановската Дива Населба и осуммина за нивна логистичка поддршка, пред Судот не ги признаа делата – терористичко организирање и тероризам кои им се ставаат на товар.

Адвокатите тврдат дека обвинетите не се познаваат меѓу себе 

Адвокатот Шазивар Исеини кој застапува неколку обвинети во процесот, вели дека обвинението се потпира на непостоечки околности. Според него, обвинетите не се познавале меѓу себе.

„Обвинителството го темели обвинението на околност дека голем дел од обвинетите биле во меѓусебен контакт. Јас првпат слушам дека познавањето на некого може да претставува кривично дело. Овој факт не може да биде релевантен дека обвинетите се соизвршители“, рече Исеини.

Тој ги оспори доказите прибрани преку посебни истражни мерки бидејќи, според него, недозволиво е органот кој ги спроведува посебните истражни мерки, односно МВР, да биде и орган кој го врши вештачењето и потоа ги употребува овие разговори како доказ.

Судење „Дива Населба“, прво рочиште

Тој побара независен орган да изврши анализа на доказите прибрани преку посебни истражни мерки за да се утврди дали постоела предистражна постапка за случајот.

Адвокатката Артене Адеми, која ги застапува Мусадик Пазаити и Рамди Љатифи, истакна дека обвинителството нема никакви докази со кои може да се докажат делата кои им се ставаат на товар на обвинетите кои таа ги застапува.

„Обвинетите Мусадик Пазаити и Рамди Љатифи не се на ниеден начин поврзани со настанот, а тоа ќе го докажам не само преку разјаснување на доказите кои ги нуди обвинителството, туку и преку околностите под кои се случил настанот“, рече Адеми и истакна дека како сведоци ќе ги предложи обвинетите, жители од кумановската Дива Населба, но ќе предложи и материјални докази.

Обвинителство: Групата се познавала и била во постојан контакт

Обвинителот во случајот, Наум Пановски, од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, во својот воведен говор истакна дека останува на веќе изнесеното во двете обвиненија кои сега се споени, обвинението за „Дива Населба“ и обвинението за „Молња“.

„Ако се анализираат доказите кон обвинението може да се констатира дека е неспорно што голем дел од обвинетите се познаваат одамна и континуирано биле во контакт што може да се утврди од анализата на посебните истражни мерки. Од криминалистичката анализа и вештачење на материјалните докази собрани од местото на настанот споредени со примероци од лицата може да се докаже дека и нападот на полициската станица „Гошинце“ и настанот во Дива Населба се поврзани“, рече обвинителот Пановски.

Тој додаде дека од анализата на посебните истражни мерки ги докажува криминалните дејствија, хиерархиската поставеност и улогата на сите обвинети во настаните.

„Врз основа на тоа, несомнено се докажува и правната квалификација на настаните и ова обвинителство ќе го докаже настанот“, заврши Пановски.

Процесот „Дива Населба“ денеска започна од почеток откако судот ги спои предметите за кумановската група и нивните помагачи.

Претходно, процесот „Дива Населба“ стигна до фазата на испрашување на заштитени сведоци предложени од страна на обвинителството.

М. С.

„Дива Населба“