/ Прочитано:

1.595

Обвинетите од „Дива Населба“ не се чувствуваат виновни — одбраната тврди дека мотивот не е тероризам

Сите 29 обвинети за  кумановските случувања од 9 и 10 мај во Дива населба на денешното рочиште за оценка за обвинителен акт рекоа дека не се чувствуваат виновни. Според одбраната, која не негира дека имало вооружена група, предметот треба да се предаде на специјалната обвинителка, бидејќи мотивот, како што велат, не е тероризам, а обвинетите се жртви на друго сценарио. „Тоа ќе го потврдат прислушуваните разговори“, истакнаа адвокатите.

Меѓу првообвинетите се Сами Укшими (командант Соколи) и Мухамед Красниќи (командант Малишева), кои наводно се водачите на групата. „Не се чувствувам виновен и не можам да прифатам вина за делото тероризам. Сакам да ги видам доказите!“ рече Красниќи. Слична беше изјавата и на Ушкими.

Друг обвинет пак, на прашањето дали се чувствува виновен одговори: „Да бев терорист, делото ќе го извршев во друга земја“. За еден од обвинетите, фактот што бил приведен во неговиот дом е доволен доказ дека не е терорист. „Не признавам ништо и не се чувствувам за виновен“, рече тој.

Обвинетите биле следени десетина дена пред случувањата

Јавниот обвинител од Обвинителството за организиран криминал, Наум Пановски, презентирајќи го обвинението наведе дека по нападот на караулата Гошинце од 21 април полицијата започнала обемна истрага и претреси кои се однесувале на лицата за кои постоело основано сомнение дека учествувале во нападот.

„На 9-ти мај припадниците на Единицата за специјални задачи постапувале по судска наредба за вршење на претрес во врска со сомнение за кривично дело тероризам, а во врска со нападот на караулата Гошинце. Приближувајќи се кон објектот, врз Единицата за специјални задачи била фрлена рачна бомба, при што биле поврдени дел од пoлицајците. Потоа групата продолжила да пука со автоматско оружје и снајпери, а борбите траеле цела вечер и другиот ден. Следниот ден вечерта групата била приведени, притоа 18 од нив носеле униформи на УЧК“, наведе застапникот на обвинението.

Според Обвинителството, од биолошките траги се докажува дека обвинетите учествувале и во нападот во Гошинце и во Куманово. Меѓу другите докази со коишто располага обвинителството, беа посочени и посебните истражни мерки, според кои обвинетите биле следени од 23 април до 8 мај, пред да се случат инцидентите.

„Од  ваквиот краток приказ на доказите произлегува дека обвинетите се сторители на кривичните дела и предлагаме Судот да го прифати обвинението“, истакна Пановски.

Одбраната: Обвинетите се жртви на друго сценарио

Одбраната, пак, побара изземање на обвинителот од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција и преземање на предметот од Специјалното обвинителство. Судскиот совет, составен од судиите Огнен Ставрев, Јани Нича и судијката Љубинка Башеска им објасни дека тие не одлучуваат по тоа прашање и ги упати барањето да го пратат до Јавното обвинителство.

Според бранителот Насер Рауфи, обвинението е паушално, а клучното прашање за  мотивот не е одговорено.

„Се работи за нешто сосема друго, а не тероризам. Факт е дека постои вооружена група која е составена од 17 косовски државјани, 10 македонски, еден албански и еден германски. Се поставува клучното прашање – кој е нивниот мотив. Во доказите нема никаков план. Очигледно е дека таква намера немало. Стационирањето на таква група е сценарио на други, а тоа ќе го потврдат прислушуваните разговори. Се надевам дека Специјалното обвинителство ќе го преземе предметот. Овие обвинети се жртви на друго сценарио“, рече Рауфи.

И според адвокатката, Артене Исени не станува збор за тероризам. Таа рече дека истрагата никогаш не била завршена, дека обвинетите никогаш не дале исказ, а полицајците кои сведочеле не биле прашани за суштинските аспекти врз кои може да се изгради слика за случувањата. Според Исени, полицијата била таа која почнала првa да пука, а тие се бранеле, не обратно, како што тврди обвинителството.

Одбраната исто така наведе дека има грубо прекршување на правата на обвинетите, дека тие седум месеци, колку што се во притвор, немале увид во доказите и дека не може воопшто да се зборува за еднаквост на оружјата. Адвокатите се пожалија и дека нивните клиенти биле малтретирани за што барале да им се извршат лекарски прегледи со цел да се утврди нивната психичка состојба, но на тие барања не добиле одговор. Поради нивната психичка состојба, според бранителите, не се знае дали обвинетите ќе бидат во состојба да дадат одбрана.

Јавната седница се одржа во големата сала во Врховниот суд. Пред влезот на судот беа насобрани роднините на обвинетите, а сите згради во судот беа под силно полициско обезбедување.

Во дводневната престрелка во кумановската Дива населба загинаа осум припадници на македонската полиција и десет припадници на вооружената група.  Според официјалните информации, меѓу загинатите се и Бег Ризај и Мирсад Ндрецај, кои исто така наводно биле едни од водачите на групата.

Сите обвинети се товарат за кривичните дела „терористичка организација” од чл. 394 – а и „тероризам” од чл. 394 -б од Кривичниот законик.

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk