/ Прочитано:

2.529

ОДЛУКА НА АПЕЛАЦИОНИОТ СУД: Намалени казни за сите обвинети во „Шпион“

Специјалното јавно обвинителство на јавната седница во септември, кога за прв пат го застапуваше обвинението, побара намалување на казните, но предложи да бидат отфрлени жалбите на одбраната за другите делови од пресудата. Одбраната пак бараше укинување на пресудата на првостепениот суд и ново судење.

Шпион на Апелација

Апелациониот суд  делумно ги уважил жалбите на обвинетите во предметот „Шпион“ и ја преиначил првостепената пресуда на Кривичниот суд во делот на висината на казните.

Според одлуката на Апелациониот суд, на првообвинетиот, Марјан Ефремов, му се преиначува казната затвор од 15 години и му се определува единствена казна затвор во траење од 10 и пол години.

На Иџет Абди, огласен за виновен за кривичните дела злосторничко здружување од членот 394 ст. 1, шпионажа од членот 316 ст. 3 в.в со чл. 45 од КЗ, на кого му беше определена казна затвор од 4 години, му се преиначува казната и сега таа изнесува 3 години и 6 месеци. На Алексо Ангелковски му се намалува казната затвор од 4 години на 3 и пол години.

На обвинетиот Мирослав Зафировски му се намалува казната за три месеци и сега е осуден на единствена казна затвор во траење од 3 години и 3 месеци. И Благоја Цветковски добил намалување на казната за три месеци.

На Миќо Насковски, кој беше осуден на казна затвор од 4 години, со одлуката на Апелациониот суд досудена му е казна во траење од 2 години и 11 месеци.

На поранешниот генерал Горан Стојков, кој беше осуден на казна затвор во траење од 9 години, според одлуката на Апелација, казната му е намалена на 3 години и три месеци.

Обвинетиот Марјан Маџовски, наместо на затворската казна од една и пол година, од Апелациониот суд е осуден на условна казна затвор од една година, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 3 години не стори ново кривично дело.

Влатко Стаматовски е осуден на казна затвор од три години.

Поранешниот шеф на Агенцијата за спречување перење пари и финансирање тероризам, Ване Цветанов според одлуката на Апелациониот суд е осуден на условна казна затвор од 2 години, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 5 години не стори ново кривично дело.

Александар Диневски, кој беше осуден на казна затвор од четири и пол години, со одлуката на Апелациониот суд  е осуден на казна од 3 години и шест месеци.

Условна осуда му е досудена и на обвинетиот Ацо Вучиниќ, чија казна затвор од две и пол години се заменува со условна казна затвор од 2 години, која нема да се изврши ако обвинетиот во рок од 5 години не стори ново кривично дело.

Обвинетиот Цветан Дамјановски е осуден од страна на Апелациониот суд на единствена казна затвор во траење од 2 години и 4 месеци.

И обвинетите Живко Петровски и Кирил Соколов се осудени на условна казна затвор во траење од 2 години, која нема да се изврши ако обвинетите во рок од 5 години не сторат ново кривично дело.

Тоше Кушиновски пак е осуден на казна затвор во траење од две години. Првостепената пресуда за Кушиновски беше тригодишна казна затвор.

Во утврдените казни се засметува и времето кое обвинетите го минале во притвор или куќен притвор.

Освен намалувањето на казните, како што наведуваат од Кривичниот суд, Апелациониот суд ја потврдил пресудата за „Шпион“ во другите делови. Покрај тоа, за обвинетиот Ѓеорги Хаџи Мицев постапката се враќа на повторно судење.

Специјалното јавно обвинителство на јавната седница во септември, кога за прв пат го застапуваше обвинението, побара намалување на казните, но предложи да бидат отфрлени жалбите на одбраната за другите делови од пресудата. Одбраната пак бараше укинување на пресудата на првостепениот суд и ново судење.

М. С.

(ОБНОВЕНО) СЈО ги смета за неосновани жалбите на одбраната во „Шпион“. Предлага намалување само на висината на казните