/ Прочитано:

2.721

Одлука на ЕСЧП за случајот „Ќатоски против РМ“ – повредено е правото на судење во разумен рок

Европскиот суд за човекови права донесе одлука за предметот „Ќатоски против Република Македонија“. Одлуката е во корист на жалителот Јован Ќатоски од Струга.

„Се работи за судски предмет кој во Р Македонија се водел пред Основниот суд Скопје 2 Скопје. Тужител во предметот се јавува Македонска банка АД во ликвидација (еден од многубројните предмети во тој период). Тужба со предлог за издавање платен налог е поднесена на ден 16.09.2010 година со приемен печат од истиот датум, а истата е доставена до тужениот на ден 26.09.2012 година со цел поднесување приговор по тужбата. ЕСЧП утврдил дека со ваквото постапување на македонскиот суд повредено е правото на судење на разумен рок по чл. 6, ст. 1 од Европската конвенција за човекови права. На предлог на ЕСЧП се постигна спогодба со тужената Република Македонија за надомест на штета во износ од 950 евра“, информираат од Адвокатската канцеларија „Глигорие Ј. Ќатоски“.

Запознавањето на јавноста со оваа одлука е важна, нагласува адвокатот Ќатоски, со оглед на тоа дека самата ликвидација на Банката беше спроведена под сомнителни околности, а во тој период беа поднесени повеќе од 10.000 тужби против граѓаните на Р Македонија.

„Оваа одлука е само мала сатисфакција за сите оние коишто со неосновани големи камати мораа да ги вратат парите кои ги должеа спрема тогашна Македонска банка“, нагласува адвокатот Ќатоски, кој во периодот кога ја пишувал апликацијата пред ЕСЧП бил адвокатски приправник.

Успешноста во предметот, додава адвокатот, од денешна перспектива на адвокат претставува особено задоволство, како од професионален аспект така и од аспект на исполнувањето на целите на правдата изразени преку пресудите на Стразбур и неговата практика.

M.В