/ Прочитано:

1.881

Одлуките на Иванов се незаконити, коментираат професори, адвокати и поранешни уставни судии

Поранешни уставни судии, универзитетски професори и адвокати велат дека одлуките за помилување од страна на претседателот Ѓорге Иванов, кои се донесени врз основа на членовите 1 и 11 од Законот за помилување од 1993 година, се незаконити.

slika

Во членовите на кои се повикува Иванов се вели дека претседателот на Република Македонија дава помилување на поименично определени лица за кривични дела предвидени со закони на Република Македонија, во согласност со одредбите на Кривичниот закон и со одредбите на Законот за помилување.

„Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано“, се вели во членот 11, кој беше избришан со сега укинатите измени на Законот за помилување од страна на Уставниот суд.

Принтскрин Службен весник

Дел од поранешните судии во Уставниот суд на Република Македонија сметаат дека со тоа што членот 11 од Законот за помилување бил избришан, не постои можност претседателот на државата да се повикува на тој член за да помилува конкретно лице.

„Ваквата одлука не е издржана ниту од правен ниту од морален аспект. Јасно е дека ако е избришан членот од Законот, претседателот Иванов не можел да се повика на тој член. Уставниот суд не креира нови норми, Собранието е тоа што креира нови норми“, коментираат судиите.

foto akademik

Според професорот по Уставно право Светомир Шкариќ, нема дилема дека претседателот Ѓорге Иванов се повикал на ништовна норма и затоа таа не може да произведува правно дејство. Тој истакнува дека кога се укинува една одредба од закон, таа не може да има правна сила, односно таа е, како што вели, мртва одредба која може да ја оживее само законодавецот.

И од Хелсиншкиот комитет за човекови права сметаат дека претседателот ги донел одлуките за помилување без законска основа.

„Со оглед на фактот што членот 11 од Законот за помилување, на кој тој се повикува, е укинат и не е составен дел на правниот поредок на Република Македонија, ваквата одлука е незаконита“, истакнуваат од Хелсиншкиот Комитет.

Гордан Калајџиев, професор

За професорот Гордан Калајџиев, пак, одлуката на претседателот Иванов е скандалозна и незаконита и нагласува дека е спорно повикувањето на членот 11 од Законот за помилување.

Калајџиев додава дека претседателот не само што своеволно си ги „проширил“ надлежностите, ставајќи се над законодавниот дом, туку и не ги испочитувал обврските од Европската конвенција кои се однесуваат на правото на живот и забраната на мачење, нехуман и деградирачки третман, како и на правото на приватност. Калајџиев укажува дека државата треба да обезбеди ефикасна контрола врз можните злоупотреби од незаконито прислушување. Спречувајќи ги кривичните постапки, претседателот ги повредил правата на жртвите на овие злоупотреби со тоа што ги лишил жртвите од ефективно правно средство, образложува професорот.

„Но, најверојатно, Иванов и да даде само хартија со печат и потпис, некој ќе го протолкува тоа како правно издржано. Од друга страна, останува прашањето од каде Иванов ги добил информациите за постапките и како ги добил податоците во предистражните постапки?“,  вели Калајџиев.

akademik foto

За адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, одлуката на претседателот Иванов претставува нарушување на принципите на владеењето на правото, со што сериозно се нарушува македонскиот казнено-правен систем.

Адвокатката вели дека посебно е проблематично тоа што Иванов изјавил дека ќе помилува „политичари“ или, пак, ќе даде помилување во однос на „постапки меѓу политичарите и нивните соработници или поддржувачи од спротивставените страни“. За адвокатката не е јасно како е можно да се донесе одлука за помилување за лица за кои не е започната кривична постапка.

„Како знае Иванов против кои сѐ лица има поднесено кривични пријави ако не се консултирал со никого“, вели адвокатката Јошевска, која и претходно оцени дека молкот на Иванов во врска со укинувањата на законските измени е најава дека тој набрзо ќе започне со „масовни помилувања“.

foto akademik

Адвокатот Александар Тортевски вели дека помилувањата дадени од страна на претседателот Иванов се незаконити и затоа тие треба да се сметаат како неважечки акти.

„Ваквата одлука на претседателот Иванов значи рушење на правниот систем и тоа рушење на правниот систем во целост. Тоа е уривање на уставниот поредок. Иванов дава помилување за нешто за кое нема ниту законска можност. Ваквите помилувања се неважечки и нелегитимни“, вели адвокатот Тортевски.

М.В