/ Прочитано:

1.699

„Одредби од Законот за амнестија се противуставни“ – адвокат Сашко Дукоски, подносител на инцијатива до Уставниот суд

Адвокатот Сашко Дукоски поднесе иницијатива за испитување на уставноста на одредбите од Законот за амнестија во кои е наведено за
кои кривични дела не важи амнестијата. Дукоски образложува дека поднел иницијатива за оценување на уставноста на членот 3 од Законот за амнестија каде што е наведено за кои кривични дела не важи амнестијата, што ги прави граѓаните (осудениците) нееднакви.

Во членот 3 од Законот за амнестија се пропишува дека амнестијата не се однесува на лицата осудени:

– на казна доживотен затвор;

– за кривично дело Убиство од член 123 од Кривичниот законик;

– кривични дела против избори и гласање (член 158-165-в) од Кривичниот законик;

– за кривични дела против половата слобода и половиот морал и тоа: (член 186, член 187, член 188, член 189, член 191, член 191-а, член 193, член 193-а, член 193-б и член 194) од Кривичниот законик;

– за кривични дела против државата (член 305-327) од Кривичниот законик;

– за кривични дела злосторничко здружување (член 394-394-г), од Кривичниот законик;

– за кривичните дела против човечноста и меѓународното право (член 403- 418-а и од 418-в до 422) од Кривичниот законик.

„За едни граѓани важи Законот, а за други не, во однос на тоа за кои кривични дела се осудени. Сметам дека ова имплементирано законско решение е спротивно со уставното начело за еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите и начелото за владеење на правото”, смета Дукоски.

Тој посочува дека во членот 9 од Уставот е пропишано дека сите граѓани се еднакви пред Уставот и законот, додека пак во членот 8 од Уставот  се пропишува дека темелни вредности на уставниот поредок се владеење на правото и основните човекови права. Во врска со иницијативата, додава Дукоски, од Уставниот суд се бара и одржување на јавна седница.

М.В