/ Прочитано:

971

Одржана првата средба меѓу републичкиот јавен обвинител Јовески и специјалната јавна обвинителка Јанева

Актуелната состојба во обвинителствата, идната редовна комуникација, потребата од размена на искуства, заедничката определба и подготвеност за соработка со цел поефикасно гонење на сторителите на кривични дела, беа темите на кои се разговараше на првата средба помеѓу јавниот обвинител на Република Македонија и јавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите.

На работниот состанок, одржан во просториите на Јавното обвинителство на Република Македонија, стана збор и за актуелните реформи  во правосудниот систем и неопходната активна вклученост на јавните обвинителства.

Јовески и Јанева ги разгледаа прашањата опфатени со претстојните измени во законите со кои се регулира кривичната материја, особено во однос на поставеноста и организацијата на обвинителствата. При тоа, беше потенцирано значењето на меѓусебната поддршка и почит со цел успешна реализација на суштинските реформи кои ќе придонесат за подобрување на улогата на јавниот обвинител во целокупниот правосуден систем во државата.

М.В