/ Прочитано:

1.658

Охридска школа на природното право на тема „Добро управување и правни реформи“

Центарот за стратегиски истражувања при МАНУ, со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави и Амбасадата на Шпанија во Скопје, ја организира третата сесија на Охридската школа на природното право под наслов „Добро управување и правни реформи“.

Во рамките на Охридската школа се предвидува научно оспособување и усовршување на 20 студенти на постдипломски студии (втор циклус на студии) и 5 студенти на докторски студии (трет циклус на студии) од правните факултети во рамките на државните и приватните универзитети во државата.

„Охридската школа на природното право овозможува развој и соработка на студенти на државните и приватните факултети, но и обука за важни и клучни институти и невладини организации за правилна примена на законските решенија што претставуваат новина и напредок во реформирањето на правото преку предавања и размена на искуства и вештини“, беше истакнато на почетокот на Охридската школа.

На Школата се обрати министерката за правда, Рената Дескоска. Според министерката Дескоска, еден од клучните елементи на концептот на владеење на правото се човековите права.

„Ние поминавме еден тежок период во Република Македонија, којшто во меѓународните извештаи е запишан како систематско газење на човековите права. Ги видовме релевантните извештаи во кои се наведени примерите на масовно прислушување. Слободата на изразување беше сериозно загрозена и беа кршени човековите права и беше повредено човековото достоинство. Ние сега треба да ги обновиме механизмите коишто ќе овозможат ефикасна заштита на човековите права во нашето секојдневно живеење“, рече Дескоска.

„Другиот битен елемент кој го сочинува мозаикот на владеење на правото е супрематијата на Уставот. Видовме дека Уставот досега беше лист хартија што се газеше и не се почитуваше. Заложбата на новата Влада е Уставот да биде свето писмо кое треба да го имплементираме во секојдневното живеење. Како правник и сега како министер слушам различни прашања деновиве за тоа дали можеме со Законот за референдум да го менуваме цензусот за референдумот. Не може затоа што цензусот е уставна категорија. Ако се залагаме за владеење на право и за почитување на Уставот, не можеме да менуваме нешто што е изречно уставно загарантирано“,  потенцираше Дескоска, која додаде дека Уставот е донесен со поширок консензус и тој треба да ѝ ги врзе рацете на секоја власт којашто во моментот ќе посака да излезе од неговите рамки.

Дескоска потоа се осврна на нарушувањето на поделбата на власта. Во овој момент, имаме нарушување на системот на поделба на власта од страна на претседателот на државата, кога тој со своите активности агресивно се меша во законодавната власт не почитувајќи го Уставот. Кога ќе биде отфрлено ветото, тогаш има нарушување на принципот“, рече Дескоска, додавајќи дека никој не смее да биде над Уставот.

Уставниот суд, според Дескоска, е многу важен орган во остварувањето на супрематијата на Уставот, но според министерката за правда, тој е ставен на маргините затоа што граѓаните не наоѓаат поддршка во неговото секојдневно работење како институција што ги штити човековите права.

„Кога ги гледаме сите институции во рамките на нивната улога во системот на владеење на правото доаѓаме до еден клучен елемент – интегритетот на луѓето. Вие со личниот пример кажувате дали сте ориентирани кон владеење на правото и почитување на законите, кон чесно работење. Секогаш личниот интегритет е оној што е клучен и што овозможува системот да функционира како што треба или обратно“, истакна Дескоска.

М.В