/ Прочитано:

6.308

Основните вредности на слободата и социјалната правда се суштински за одржливиот економски и социјален развој – Звезда Тодоровска, Асоцијација „Јуридика“

Оваа недела во организација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Бизнис конфедерацијата на Македонија и Асоцијацијата „Јуридика“, ќе се одржи трибина „Колку платите и потрошувачката се фактор на економски развој во Република Македонија?“.

akademik foto 1

Со свои излагања на трибината ќе земат учество експерти од областа на економијата и правото, и тоа: д-р Предраг Трпески, професор на Економскиот факултет при УКИМ,  д-р Лазар Јовевски, доцент доктор на Правниот факултет при УКИМ, и д-р Светлана Петровска, професор на Американ колеџ. Како претставник на бизнис-секторот, свое излагање ќе има претседателот на Бизнис конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.

Трибината, вели м-р Звезда Тодоровска, правен консултант во Асоцијацијата „Јуридика“, има за цел да овозможи стручна дебата во чии рамки ќе се отворат прашања кои се директно поврзани со развојот на компаниите, а со цел јакнење на нивните развојни капацитети и одржливост. Прашањето за платите и потрошувачката е мошне важно и е директно поврзано со економската благосостојба, односно со обезбедувањето достоинствен живот за граѓаните и остварување на нивните економско-социјални права.

На трибината, додава Тодоровска, има спој на економијата и правото, но и спој на теоријата и практиката. Категориите плата, потрошувачка и економски развој, вели Тодоровска, не можеме да ги разгледуваме изолирано од економски или од правен аспект.

akademik foto 1

„Имено, синтезата на теоријата и праксата, како и на економијата и правото, е неопходна. Експертите од областа на економијата ќе ги адресираат прашањата поврзани со влијанието на платите врз развојот на компаниите, нивната одржливост, како и прашањето за тоа колку движењето на платите и потрошувачката имаат сила да го придвижат економскиот развој во Република Македонија. Со оглед на фактот што основните вредности на слободата, човечкото достоинство, социјалната правда, се суштински за одржливиот економски и социјален развој, правото ќе ги адресира прашањата поврзани со правото на достоинствена плата, како и останатите економско-социјални права кои имаат за цел да обезбедат достоинствен живот за граѓаните како предуслов за остварување на личните слободи и права на граѓанинот“, истакнува Тодоровска.

Звезда Тодоровска посочува дека Асоцијацијата „Јуридика” е посветена на елаборацијата и промоцијата на повеќе правно-економски прашања, а особено во контекст на трудовото и социјалното право. Развој кој е одржлив, потенцира Тодоровска, претставува предизвик со кој се соочува секој човек, секоја држава и светот воопшто, сè со цел да се обезбеди континуирано унапредување на квалитетот на животот и благосостојба и да се обезбеди одржлив развој за сегашните и идните генерации.

akademik foto 1

„Одржливиот развој подразбира континуирано градење на капацитетите на организациите кои ќе бидат гаранција за него. Зајакнување на капацитетите за развој, како и оспособување на работна сила која ќе одговори на потребите за развој на организациите, се области на кои особено треба да се посвети внимание. Покрај ова, развојот на социјалниот дијалог помеѓу социјалните партнери на сите нивоа, а особено на национално ниво, е нужен услов за остварување на социјалната правда која има силно влијание врз развојот на економско-правните односи во државата. Активностите на Јуридика се насочени токму кон поддршка и олеснување на тој процес, а преку истражувања и правна анализа на влијанието на законската регулатива врз развојот на организациите, редовно информирање за законските промени, обуки за правилна примена на регулативата, професионален развој на вработените и менаџирање со правни и финансиски ризици, подучување за примена и развивање на успешни деловни практики. Нашата визија е обезбедување на правдата, достоинствен живот и општество на граѓани ослободени во духот“, нагласува Тодоровска.

M.В